Елена Христова, гологлава и прекрасна: Се чувствувам своја

Вокалистката Елена Христова живее меѓу Истанбул и Скопје. Таму работи, главно, со бендот „Баба Зула“, но и на други музички проекти. Овде работи со музичката група „Баклава“, која во последните предпандемиски денови, штотуку концертно ја започна промоцијата на новиот албум „Баклава 4“.  Позната по богатиот вокал и филигранската изведба, Елена, со години долгокоса, во последниов период на својот изглед додаде уште еден за многумина ексцентричен момент – сосема ја истрижа косата. 

-Еден ден се погледнав во огледало и осознав дека нешто друго треба да излезе од мене. Одлуката ја донесов истиот миг. За два-три дена мојата долга коса си замина во облик на плетенка – насмејано раскажува Елена.

Албумот „Баклава 4“ е најновото што излезе од работилницата на оваа група, која негува етно-израз или како што тој во музичката класификација би се нарекол world music. По мартовскиот концерт во МКЦ, на кој беше промовиран, натамошната промоција на новиот албум не застана сосема. Во ретро, но престижен винил-формат за сладокусци, „Баклава 4“ неодамна се појави во книжарниците на Литература.мк. Но, како една од пандемиските последици - концерти сè уште нема. Елена не гледа во сето ова несреќна околност ни одложен фокус за албумот.

- „Баклава 4“се создаваше во долг временски период. Тој како да беше во неколку различни животи. Подразбираше многу средби и разделби, многу одговорени и неодговорени прашања. Многу љубов и многу жртва. Концерт во живо е единствена и незаменлива комуникација. Сите други сегменти од творењето за нас се патот до сцената. Душата ни жеднее за средба со себеси и со публиката. Таа секогаш е маѓична и неповторлива. Радосни сме што оваа средба сепак ни се случи иако токму тогаш ја објавија првата препорака за забрана на концерти.  Заедно со првата концертна промоција, албумот „Баклава 4“ доби и свое дигитално издание, компакт диск и винил. Планиравме голема промоција на винилот во прекрасниот амбиент на новиот  простор на книжарницата Литература.мк, како и многу промотивни концерти низ Македонија и по светот но, за жал, ќе мора да почекаме. Ова не е несреќна околност ниту пак одложен фокус, туку уште еден нов живот на „Баклава 4“, нови средби и разделби, нови прашања и одговори.

Периодот на изолација, кој делумно и натаму трае, Елена го поминала во Скопје.

-Во овој период како времето да стои. Можеш да здивнеш и да погледнеш во она што си го искреирал и на раат да се посветиш на деталите кои разубавуваат и освежуваат, да пуштиш тоа да те однесе во нова игра и возбуда. Музиката е постојано присутна. Таа е начин да се чувствуваш свој, слободен и здрав.

Музиката на „Баклава“ е необична фузија на стилови и главно влегува во категорија world music во време кога меинстрим е поп и хип-хоп музиката. Рок ен ролот, тврдат познавачите, одамна е веќе мртов. Што е за Елена музиката на актуелниот момент и на иднината?

-Нашиот последен албум изобилува со бои. Се обидовме преку мелодијата и стиховите, како и преку различниот музички  израз секоја песна да ја обоиме во одредена боја. Тука муабетат многу музичари, разновидни инструменти и стилови. Тоа е превозбудливо, драгоцено. Би било преубаво кога фузијата од разновидни стилови заедно со музиката која ја имаме во гените би била меинстрим. За жал, денес квалитетна и разновидна музика не е меинстрим, за разлика од онаа во времето во кое ние растевме кога и алтернативата беше тоа. Рок ен ролот не е мртов. Се создава прекрасна музика, но за да дојдеш до неа треба да буричкаш низ купиштата музички шунд со кои е затрупана – вели Елена. 

Да се буричка, пак, низ музиката од новиот албум на „Баклава“ е вистинско и ретко задоволство. Во него навистина има многу бои (песните „Тиркиз“, „Рубин“), многу мириси („Невен“, „Рузмарин“ со Дарко Рундек), многу вкусови („Chocolate“ со групата „Суперхикс“). А, во промотивниот процес за новиот албум Елена промовира и нов, многу храбар имиџ. Долгокосата вокалистка се појави со избричена глава, објавувајки им лична војна на стеротипиите за женската убавина.

- Нашиот најнов видео-запис ја визуелизира песната „Тиркиз“. Стиховите го опеваат Истанбул, Турција, која е мое живеалиште и огромна инспирација. Видеото пак, во една тиркизна атмосфера ја велича женската убавина потполно соголена, без стереотипи и непотребности. Во мојот живот си давам слобода да импровизирам, да донесувам спонтани одлуки, да го намирисувам следниот чекор, да го правам тоа што силно го посакувам, а не да се потпирам на некакви стратегии. Мојот изглед е експресија на она што е внатре во мене.


За косата низ историјата се врзувале многу симболични вредности. На жените им е главен адут на женственоста, на Самсон му била тајната на моќта. Жените обично се пазарат со месеци со себе кога треба да ја потсечат косата едвај 2-3 цм.

-Секако дека таа одлука беше  големо изненадување за сите. Пријатно, се разбира. Се сеќавам на реакцијата на Дарко Рундек со кого на наша огромна радост и задоволство го направивме дуетот за песната „Рузмарин“. Стиховите се во зелена боја. Говорат за љубовта на пролетта и есента, за нивниот копнеж да се сретнат, но тоа е невозможно да се случи. Дарко беше есен, а јас пролет. Нема да го заборавам изразот на неговото лице кога го подготвувавме видео-записот. Тогаш првпат ме виде со избричена глава. Очекуваше долгокоса пролет, поинаква романтика. Сепак, на крајот му се допадна многу. Генерално, се чувствувам убаво и своја во сопствената кожа. Ем поженствено, ем помоќно – вели Елена.

Уште едно типично женско прашање за оваа храбра млада жена, нестандардна и во изгледот и во ставот. Наметката од концертот во МКЦ, која директно асоцира на колекцијата Мондријановски фустани на Ив Сен Лоран од 1960-ите на крајно необичен начин го надополни новиот изглед на Елена.

-Наметката е дело на креаторката Даниела Савиќ. Нејзина интерпретација на модното наследство на Ив Сен Лорен. Се пронајдов во неа. Иницираше нови состојби и движења во мене. Им даде силина на постоечките. Се почувствував сосем своја.

Со женските уметници често се разговара за појавноста, која е неретко изјава исто колку и уметноста со која се занимаваат.

-За ова прашање секој би одговорил поинаку. Тоа е индивидуално и зависи од личноста. Во мојот случај таа е неопходна. Не би можела поинаку. Не би била целосна.

За да биде и оваа приказна целосна ја затвораме со постпандемиските планови на „Баклава“.

-Работата на себе, со која бевме привилигирани во овој период е начинот на кој ги остваруваме нашите стремежи да бидеме што подобри, да се преоткриеме. Промоцијата на албумот е во тек секако во периодов преку социјалните мрежи и музичките платформи. Подготвуваме и нов видео-запис за песната „Чоколада“ која ја направивме заедно со „Суперхикс“. Со нетрпение очекуваме концерти, а полека се раѓаат и нови песни. Голема инспирација и радост ни е настапот на престижниот world music фестивал Оффест кој треба да се случи оваа есен.

Ј.Франговска