Филмови за вируси? Не, благодарам!
Филмовите кои имаат застрашувачки инфекции и медицински пандемии како тема се посебна категорија во филмската уметност. Имаат и своја, посебна публика, своевидни посветеници на овој тип филмови, сочинети, според професионалната структура, главно од лекари и медицински персонал, и според личната убеденост, од почитувачи на теориите на заговор. Припаѓаат на жанровите трилер и хорор и досега, главно, ги вбројувавме во категоријата – научна фантастика. Актуелното искуство со коронавирус ја помести категоријата на нивното дефинирање кон жанровите – драма и биографија.
Еве некои од најдобрите филмови за пандемии.
Зараза (Contagion)
Медицински трилер од 2011 во режија на Стивен Содерберг. Ѕвездената екипа ја сочинуваат: Марион Котијар, Брајан Кренстон, Мет Дејмон, Лоренс Фишбрн, Џад Лоу, Гвинет Палтроу и Кејт Винслет. Филмот зборува за ширење на нов вирус и за обидите на медицинските истражувачи и на здравствените власти да го идентификуваат и запрат неговото ширење.
Епидемија (Outbreak)
Филмот во режија на Вофганг Петерсен од 1995 зборува за избивање епидемија на измислен вирус, наречен мотаба во Заир, кој потоа се проширува и во мал град во САД. Примарно е насочен кон владините центри за контролирање на ширењето на болеста и разгледува колку далеку воените и цивилните агенции можат да одат за даго спречат ширењето на заразата. Актерската екипа е врвна. Играат: Дастин Хофман, Кевин Спејси, Рене Русо, Доналд Сатерленд и Патрик Демпси.
Грип (Flu)
Корејскиот филм од 2013 година во режија на Ким Сунг-су зборува за ширењето на смртоносниот вирус Х5Н1 (очигледна алегорија на сезонскиот грип Х1Н1), кој ги убива жрвите во 36 часа низ област во Јужна Кореја во која живее популација од половина милион луѓе. Хаосот што се случува ја создава напнатата содржина на филмот, во кој играат Јанг Хјук и режисерот Ким Сунг-су.
Во време на сеопшта изолација и блага психоза поради актуелниот коронавирус, пандемиските филмови можеби не се вистинскиот избор, освен за мазохисти, но се некаква проверка на правилото дека стрес со стрес се избива.
Сите други, неубедени во ова правило, нека пробаат со сечкање зеленчук и 24 Kitchen.