ХУМАН ГЕСТ НА АНДРЕЈ И ПАНЧО: Ања е нашиот борец, оваа промоција е нејзина (ГАЛЕРИЈА)
Таа водеше борба за својот живот и се избори. Остана со нас да нѐ плени со насмевка и да ни пренесе неизмерно огромна волја за живот. Ви благодариме на сите за присуството, собравме 48. 286 денари, порачаа моците од „ДНК“ на синоќешната промоција
Во друштво на голем број ѕвезди од македонската естрада,
пријатели и блиски роднини, момците од „ДНК“ вчеравечер направија тројна
промоција - нов видеозапис за темата „Дијамант“ која е со потписот на
Панчо и Лазар Цветкоски, нов
студиски материјал The
best off и дивиди од концертот одржан минатата година
во „Метрополис арена“, а по повод нивниот јубилеен роденден – 15 години ДНК.
Нивните обожаватели ќе можат да уживаат во вкупно 22 веќе слушнати композиции, меѓу кои „Авион“, „Стојам сам“, „Невозможна мисија“, „Пази се од мене“, „Таа тоа го крие“, „Полна месечина“, „Навлечен на тебе“, „Она е од Шутка“…, и „Дијамант“ како бонус-трака.
Сосема очекувано, на промоцијата присуствуваа голем број ѕвезди меѓу кои и Лила Стојановска, Тамара Тодевска, Магдалена Цветковска, Влатко Лозаноски, Дани Димитровска, Наташа Малинкова, Дарко Димитров, Роберт Билбилов и уште многу други познати спортисти, новинари и обожаватели кои уживаа во атмосферата и музиката на ДНК.
Вкупно 16 години, Андреј и Панчо заедно создаваат историја на македонската музичка сцена, или како што водителката на промоцијата, Лила Стојановска, се пошегува на нивна сметка: „Пред 16 години се сретнале двајца високи, згодни и набилдани момци со многу коса, и сфатиле дека можат да прават многу убави нешта заедно“.
Андреј и Панчо им се заблагодарија на сите кои придонеле при создавањето на албумот и новиот видеоспот, како и на верните обожаватели кои се со нив од самите почетоци. Имено особена благодарност му укажаа на Лазар Цветковски, именуван како „трет член на ДНК“ кој е „виновен“ за многуте хитови на ова дуо, но и на многу други од нашата естрада.
Новиот видеозапис е во режија на Александар Ристовски-Принц, а во улогите се најдоа Едина Муса, кошаркарот на МЗТ, Џордон, со неговата девојка Тифани Росарио и Буцо Битбокс.
Она што ја направи оваа вечер посебна, беше хуманиот гест на Андреј и Панчо, средствата од продадените цедиња на самиот настан да ги донираат за хероината Ања од Штип за тешката операција на трансплатација на срце и рехабилиацијата што ја очекува. Секој можеше да земе цеде и да донира колку сака и може, а Ања лично им се заблагодари на сите, ветувајќи дека ќе биде тука на нивиот концерт по повод 20 години постоење на ДНК.
„Aња е нашиот борец и мотив секој ден да бидеме подобри луѓе. Таа водеше борба за својот живот и се избори. Остана со нас да нѐ плени со насмевка и да ни пренесе неизмерно огромна волја за живот. Ви благодариме на сите за присуството, собравме 48.286 денари - изјавија Андреј и Панчо, момците кои докажаа дека дефинитивно се навлезени во сечија ДНК.
Даница Караташова