(ГАЛЕРИЈА) Цеце од „Телма“ очекува бебе: Кога дознав дека сум бремена со Столе си го пуштивме омилениот бенд и се изнагушкавме од среќа
Шарматната водителка Цеце Трајковска Телма во моментов го живее најубавиот период. Цеце е во 23 недела од бременоста, и вели дека откако поминала половина од патот, одлично се чувствува.
Во период на пандемијата, таа паузира од ТВ ангажманите, а најмногу ѝ годи времето поминато во природа. Ја поканивме на прошетка на едно од нејзините омилени места, кејот на Вадрар во населбата Влае каде што живее. Среќата со која што зрачи оддалеку се познава, а ја сподели и со читателите на Женски магазин.
„Кога дознав дека сум бремена, не бевме изненадени бидејќи тоа е нешто што и двајцата со Столе го посакувавме и очекувавме. Бевме пресреќни, си го пуштивме нашиот омилен бенд Beach House и се изнагушкавме од среќа“, ни раскажа Цеце за најсреќниот момент за неа и за сопругот Столе, кој работи во Апелациониот Суд.
„Непланирано кажавме на едни блиски пријатели со кои изминатиот период постојано возевме велосипеди, искачувавме врвови и шетавме во природа. Веќе подолго време измислував изговори зошто нема да можам да им се придружам на турите, па веќе стана непријатно за мене, а можеби и очигледна за нив целата ситуација. Секако, потоа следуваше споделување на убавите вести со нашите најблиски семејства и пријатели“, додава водителката на емисијата „90 минути“, која ја водеше со нејзниот близок пријател и колега Марко Марк, и претходно популарната „Утринска на Телма“.
На почетокот од бременоста, пандемијата и вирусот биле еден од најголемите стравови на Цеце.
„Но, како минува што времето, некако се навикнувам на новото секојдневие. Оваа Тв сезона паузирам од Тв ангажманите, се чувам и слабо излегувам. Но, кога и да можеме со Столе одиме некаде во природа. Секако дека ми фали работата, но со оглед на тоа какво време – невреме дојде, сепак здравјето е најважно!“, додава Цеце со насмевка позирајќи му на нашиот фоторепортер.
Таа не смета дека бременоста ја променила, единствените промени кои ги гледа кај себси се физички - растат килограмите и стомакот. „Можеби на почетокот бев поемотивна од вообичаено, сега сум некако посмирена за сè. Искрено, не сакам да ги замислувам и предвидувам нештата, туку да ги живеам. Верувам дека се ќе си дојде на свое место откако ќе се роди бебето. Знам дека и двајцата ќе го дадеме нашиот максимум да бидеме посветени родители“, ни раскажа Цеце.
Вели дека има моменти кога навистина ја интересираат некои работи и искуствата на другите, но најчесто гледа темите за разговор да бидат сосема други. „Верувам дека секој е своја приказна за себе. Си верувам себеси и на моето тело“, вели Цеце и додава дека во овој период се храни исто како и порано.
За крај, таа ни го откри и полот на бебето, таа и Столе очекуваат машко. Цеце се надева дека следната наша заедичка прошетка ќе биде на истото место, во поголемо и повесело друштво, кое со нетрпение го очекува.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски