ГАРВАНЛИЕВ за Евровизија и коронавирусот: Мора заедно да застанеме сите, па сѐ ќе оди напред
Во официјалната изјава на Европската унија за радиодифузија - ЕБУ за Евровизија 2020 година, беше речено дека со длабоко жалење нѐ известуваат за откажувањето на најголемиот музички фестивал што требаше да се одржи во мај во Ротердам, Холандија. А, сето ова поради неизвесноста од ширење на КОВИД-19 низ Европа и мерките кои Владите на земјите учеснички на Евросонг ги превземаат. Точно 41 земја учесничка требаше да имаат свои настапи на голема сцена, меѓу кои и нашата земја.
За наш преставник , МРТВ (носител на лиценцата) го избра Васил Гарванлиев и песната „YOU“ и со нетрпение очекувавме да видиме што ќе ни приреди пред милионскиот аудиториум. Но, засега тоа нема да се случи. Меѓутоа, ова не значи дека Васил не се спрема за настапот! Во време на интервјуто за Женски магазин, тој ја слушна и веста за одложувањето на Евросонг, ама со насмевка рече дека бил подоготвен за таквата ситуација и дека здравјето е најбитно, како неговото така и на неговиот народ...
ЖМ: Како влијаеше на Вас одлуката за откажување на Евровизија? Што тоа значи?
- Иако на некој начин се очекуваше, не е најубавата вест што би сакал да ја слушнам. Но да бидеме реални,здравјето пред сѐ! Ќе имаме време за музика, а сега треба сите да се сплотиме заедно и да ја надминеме оваа криза. Тоа значи дека наскоро ќе имаме повеќе информации што и како ќе се одвива во иднина.
ЖМ: Дали се “замрзнуваат” гостувањата во одредени земји каде требаше да ја промовирате песната?
- Да, сите промо настани беа откажани уште пред да се одложи фестивалот, тоа беше еден од првите знаци дека ситуацијата е сериозна.
ЖМ: Кои се следните чекори? Како ќе се одвива понатаму вашата Евровизиска приказна?
- Чекаме официјален одговор и информации за следен чекор. Ништо не е случајно па оваа цела ситуација видена под позитивно светло... ќе биде за доброто за сите нас. Мојата Евровизиска приказна само што започна. Фановите и нивните реакции се фантастични од скоро секој аспект. Сфаќаат колку многу тежи и боли таква одлука за 41 учесник и даваат се од себе да не’ охрабрат.
ЖМ: Која и каква е силата што Ве тера постојано да бидете позитивен? Кај вас дури и се гледа дека не може да скриете емоција…
- Едно главно мото по кое го живеам животот е “живеј во сегашниот миг” - учам од минатото, имам план за иднината, но фокусот пробувам да ми биде во сегашноста.
ЖМ: Што претставува Евровизија за Вас? Веројано сега е сон кој се остварува…
- Да. Една од детските желби/ сон. Гордост. Чест. Предизвик. Шанса.
ЖМ: На сцена од мал, уште во времето кога ја отпеаве „Марионка“, ама континуирано до денес… Кој и каков беше музичкиот пат кој го поминавте?
Ха ха, би можел една книга за ова да напишам. Патот магичен и сончев со облак над глава. Имав чест и шанса да учам со најдобрите, да соработувам со сите нив. Секогаш пред нешто големо да се случи, животот ми зададе „сопка“ која многу болеше но ми беше лекција која ми даде надеж и многу појасна порака која ја споделувам со публика на сцена. Во една долга споена реченица мојот музички пат преку моите песни ... “Желба од срце, Марионка, Мојата ѕвезда малечка, Endless night, Abendepmfindung, Ѓердан, Патувам, Мојата улица ... YOU”
ЖМ: Извесно време живеевте надвор од Мк. Зошто се вративте? Сите си одат, Вие доаѓате…
- Интуиција. Желба. План. Верувам во нашата музика и сакам да ја споделам низ цел свет , но знам дека прво морам дома, па на друго место. Нашите корени се ... НАШИ. Мора заедно да застанеме сите па се’ ќе оди напред.
ЖМ: Евровизија не ви е непозната…Со Тамара бевте во тимот…Што уште тогаш научивте?
Тоа ми беше најголем подарок, потврда, и лекција. Желбата ја имам уште од мал, но тоа учество лани ми потврди дека сум спремен за таква одговорност.
ЖМ: Ве избраа, ја имаме песната. Дупла ли беше радоста и од изборот кој падна на Вас и од убавината на песната?
- Немам зборови. Со душа го чекам следниот чекор кога ќе ја претставиме песната во живо. Магијата на таа песна е токму таму.
ЖМ: Како се припремавте? Што се потпаѓа под припреми за Евросонг?
Телесно. Духовно. Гласовно. Теретана 5 пати неделно, плус кардио и јога. Благодарение на сите ментори околу мене и life coach кој ми даваат доза на реалност и мир. Исто така медитирам, дишам, се фокусирам. Ги користам сите “цаки“ на кои ме научи класичниот свет и вежбам како војник, олимписки спортист ... да знам дека секоја нота ќе биде на место, каде и како, се’ како што треба да биде.
ЖМ: Имате специфични движења на телото, подвижен сте. Дали спремавте игра, танц за настапот?
- Да, се надевам дека ќе биде така без разлика кога и да се одржи изборот! Македонијо... ќе треба да се спремите за танцување!!
ЖМ: Кој адут го сметате за најсилен во поглед на настапот?
- Мојата енергија и способност да комуницирам во живо.
ЖМ: Дали знаете што ќе носите на настапат без разлика на времето на одржувањето и барем дел да откриете…
- Ќе има кожа,хе хе - ама вкусно откриено.
ЖМ: Какви се- (беа) прогнозите за песната…Верувам дека следите?...
- Се’ е една голема игра. За мене се’ одеше супер со оглед на тоа дека многу важен,дури и најважен елемент е настапот во живо. Тука нема криење ... енергијата не лаже. Коментарите се супер. Бројките скокаат како луди. Реакциите се многу позитивни. Сето тоа дава уште поголем притисок и предизвик за на сцена.
ЖМ: Вие сте мултиталентиран уметник, големите нешта не ви се слаба страна. Дали ќе го искористите сиот потенцијал за да имате одличен настап?
Да. Ќе дадам СЕ’ од себе за да не’ преставам како што знам, можам, и треба!!! Без разлика кога и да се случи тоа!
ЖМ: Дали мислите дека може да победиме или да бидеме во топ 10? Од што најмногу ќе зависи тоа бидејќи знаеме дека нема правила кога станува збор за ова музичко случување?
- Секој учесник треба да оди спремен и за прво и за последно место. Победа може да се добие на многу разни начини ... не мора да си прв за да победиш ... лани Mahmoud, преклани Eleni. Се’ зависи од сценскиот настап и конектирање со публиката.
ЖМ: Сепак, за Евровизија ќе почекаме... Како се справувате со правилата и прописите во една коронавирус ситуација?
- Здравјето е богатство и мора да се негува. Мајка природа ОЧИГЛЕДНО не’ натера да застанеме - рефлектираме - размислиме. Но едно знам и во тоа сум сигурен кога се’ ќе се смири ... Евровизија ќе биде најголемата прослава која ќе ни даде уште толку енергија за да прснеме на сцена!!
ЖМ: Каков е Васил приватно, што му лежи на срце, како го живее животот?
- Манастирски мачор. Музика. Пријатели. Фитнес. Теретана. Природа. Плажа! Мирно и Бурно.
ЖМ: Се соочуваме со невреме! Која е вашата порака до нашите читатели?
Остани дома! Заштити се! Ова ни е знак и шанса на СИТЕ да застанеме, размислиме, одмориме, и рефлектираме за вистината околу нас. Живееме во време на социјални мрежи. Препорачувам да се едуцираме, конектираме, споделуваме и шириме љубов, позитивна енергија, и помош на сите околу нас.
ЖМ: Дали (поради изолацијата) ќе ни понудите интернет забава со Вас на социјалните мрежи?
- Да. Слободно пишете ми на Инстаграм со прашања, идеи, желби. Имам неколку работи што планирав да ги правам како дел од нашиот маркетинг план .... тие ќе останат.
Небојша Толески