Ги чувствувам болките од камењата кои ги фрлаат врз мене, но ќе издржам: 25 јануари, денот кога се роди Тоше Проески

Вардар спокојно течеше по своето корито. Само жарчето од цигарата светеше во собата. Гледав во темнината и не сакав да ја расипувам таа слика. Чувствував како сонот бега сé подалеку од моитеочи. Немирот струеше со иста брзина како ветерот, кој на кејот ги милуваше крошните од дрвјата. “Помина уште еден ден. – помислив – Уште едно зрно во бројаницата од мојот живот.” Ништо различен од зрното до него, од претходното зрно, од сите зрна што сакаат да формираат круг. Ама, не им дозволувам. Има во мене некоја надеж, која понекогаш се врти и на зборот инает. Таа ги мрази сите кругови. Верува во правата линија. Верува дека секоја празнина може да се исполни со музика, со насмевка, со љубов. Сакав да разговарам со некого, но ми се чинеше дека моите најблиски се километри и километри далеку од мене. А спиеја во соседните соби. Само еден “кнауф” ѕид ме делеше од нивното присуство, од нивниот здив. Сакав да ги разбудам и да го споделам немирот со нив. Но, кој сака да споделува немир?! Само месечината, која ми сесмешкаше од скопското небо и срамежливо се обидуваше да го осветли мебелот од собата во која лежев. Заморот беше војник кој се обидуваше да го победи моето тело. Тоа беа битки достојни на секој учебник по историја. Но, секогаш кога Тој беше на чекор од победата, успевав, во судиското продолжение да се вратам во игра и да бидам будна. Чудно е како некогаш ти се спие, а не можеш да спиеш, ти се пее, а не можеш да пееш, ти се зборува, а зборовите се кријат зад завесата на твојата душа. 

Само што зачекорив во предворјето на сонот, војникот свирна во својата труба, која неочекувано звучеше исто како песната од мојот мобилен телефон. "Во Лондон се, што ли им се случило ?

"Што се тие работи што ги пишувате за Тоше и за неговата продуцентска куќа?! Зошто неговото име го ставате таму каде што не треба?! Па, какви луѓе сте вие новинарите?! Вие никогаш нема да стигнете во Рајот. Додека тој во Лондон гори во студиото, снимајќи деноноќно песни да успее, не само за себе туку и за Македонија, вие ќе горите во пеколот!"

Замолчев. Тоа беше најдобрата одбрана против нејзината лутина што ја довела до бес.

"Каде е сега Тоше?" – едвај изустив. 

"Го напушти снимањето и се затвори во хотелската соба. Многу е разочаран. Како можете тоа да му го правите?" - нејзиното ехо со прашалници се изгуби во далечината.

Не успеав да и кажам дека новинарите не се цвеќе за мирисање.Тие се како кактуси. Нивното стебло е секогаш исправено. Ако се обидеш да им го скршиш, ќе те боцнат. Не се декор во домовите, не се прикладни за подарок. Ќе ги засакаш кога ќе им се појави цвет, кој следниот ден исчезнува. Нивната моќ не е во убавината, туку во цврстината.

Тоше го гледаше цветот во нас кога го кревавме до височини, но и кога неочекувано ќе го боцневме. Болката ја претвораше во насмевка.

Сега беше поинаку. Како целиот кактус да му се забоде директно во срцето. Решив да му пишам порака, но не како новинар, туку со срцето на еден обичен човек.

"Тоше, ти си ангел што Господ го испратил од небото на Земјата да шири љубов меѓу луѓето со своите песни. Тие сите те сакаат и затоа никој не може да те уништи!"

Многупати ќе ја препознаев болката во неговите очи, но никогаш не ми ја отвори докрај вратата од неговата соба за тага. Се прашував каде ли ја наоѓа силата со која враќа на сите удари кои постојано ги добиваше? Како му успева секогаш како Феникс да никне од пепелта? Што ли размислува сега, во овој миг? Одговорот го добив само неколку минути подоцна.

"Не сум ни Исус, не сум ни Господ. Но, понекогаш се чувствувам како Исус распнат на крст. Ги чувствувам болките од камењата кои ги фрлаат врз мене. Но, ако, ќе издржам. Им простувам на сите што ќе ми нанесат болка. Затоа, те молам, прости им и ти."

Само што почна да го сонува сонот за својата светска кариера. Замина во Лондон да ги снима песните за англискиот албум.

"Дали заслужувам да бидам првиот новинар кој ќе напише репортажа за твоето лондонско патешествие?" – му реков пред да замине.

Ме погледна збунето в очи. Се замисли на кратко, а потоа во негов стил ми одговори:

"Секако. Ти си со мене од почеток и биди сигурна дека следниот пат ќе бидеш дел од тимот!" – се насмеа и ме прегрна.

Да, бев со него од самиот почеток кога пристигна во Скопје и тешко го гризеше „големото“ јаболко. Од оној миг кога стоеше на раскрсница и чекаше да се запали зеленото светло на семафорот, за да зачекори кон славниот пат на музиката.

Мојот ум чуваше голема архива од сеќавања, а таа ноќ ме натера да талкам низ неа. Наидував на ситуации меѓу доброто и злото, кои ги оживуваа личностите кои газат по векот - светците и грешниците. Во нив, Тоше секогаш беше на онаа страна која се надева дека ќе биде доволно добра за да биде љубена од Бога.На другата - беа оние, заробени од лошите пориви. Оние, кои го трошат својот живот грижејќи се како да го загорчат животот на другите. Болката и бесот истовремено го опседнаа моето тело. Сфатив колку спомените нè топлат одвнатре, но во исто време и нè распарчуваат. Се предадов целосно на еден од нив - нашата прва средба.

Се случи по неколку месеци откако првпат слушнав за него. "Има едно дете кое многу убаво пее. Треба со Григор Копров да му напишеме неколку песни. Во овој период ќе бидам ангажиран околу неговите текстови." – ми се обрати мојот сопруг Огнен, информативно, но и испитувачки додека го завршувавме секојдневниот ритуал наречен ручек.

"Во ред е, си вложил во повеќемина, но посакувам ова да е вистинскиот погодок за тебе."

Избегнувам да се мешам или да полемизирам за неговата работа. Уметниците живеат во свој свет, во кој владее голема суета. И мојот свет е суетен, но сурово реален. Тешко е да се живее со нив. Се трудам да ја негувам душата на текстописецот што е покрај мене, со љубов и спокој. Така настана и текстот "Сонце во твоите руси коси". 

Ноември 1998 година. Детето требаше таа песна да ја отпее на Еврофест. Како новинар на Дневник бев ангажирана да известувам од тој настан. Ја освои и сцената и публиката. Аплаузите беа потврда дека ќе биде фаворит.

Пред прогласувањето на победниците се упатив зад сцената каде што беа сите учесници. Најважно ми беше да го видам него. Ми требаше подолго време да го пронајдам со погледот. Беше седнат во еден агол, а друштво му правеше неговиот братучед, кој го придружуваше со својата гитара на сцената.

Стана од столчето. Ми ја преклопи раката со своите две раце сакајќи да ми ја покаже почитта и со широка насмевка ми одговори: "Јас сум Тоше Проески."

Одеднаш почнаа да грмат викотници од сите страни. Настана кавга околу поделбата на наградите. Неговите постари колеги рафално се гаѓаа со најпогрдни зборови. Се обидов, поставувајќи му различни прашања, да му го одвлечам вниманието. Неговиот поглед беше наивен. Изгледаше како затворена пупка на розата.

Го гледав со восхит, но и со жалење. Толку талентиран, а толку млад, во овој свет преполн со интриги и суети? Се свртев и наместо со збор, со поглед го запрашав "Како стигна до овде, од каде сé започна?"

Извадок од книгата „Ова не е крај“ на Соња Алексоска Неделковска