Го изгубив гласот, па имав проблем со слушањето на едното уво: Интервју со Јова Радевска, македонска кантавторка која живее во Англија
Јова Радевска, талентираната музичарка и автор од Богданци, долги години живее во Англија и на нејзина среќа вели дека засега може се занимава исклучиво со музика. Јова искрено го раскажува својот пат од Богданци до Лондон, и открива интересни приказни за својот нов албум „Девет животи“, за кој вели дека е нејзина лична приказна по здравствените препреки кои ги имала додека го создавала. Како што многу ситуации не се планираат, таква е возбудливата приказна на Јова, која заминала во Англија сосема случајно, а останала повеќе од 15 години.
*Твојот нов албум има симболичен наслов, „Девет животи“. Зошто токму овој наслов, дали е инспиран од некоја твоја лична приказна?
- На мојот нов албум му го дадовме насловот „Девет животи“, затоа што пред сè има 9 песни и скоро секоја од нив е биографска. Секоја песна стои сама по себе во универзумот и одбележува епизода од мојот живот.
Во една друга смисла пак искусивме неколку препреки пред овој албум да проживее. Впрочем, до патот за да стигнам таму го изгубив гласот, потоа имав проблем со слушањето на едното уво, а како за еден музичар/артист ова делуваше многу депримирачки. Имаше за сигурно препреки кои го одложија неговото издавање и насловот “Девет животи” за сигурно изгледаше како вистинскиот избор.
*Каков е овој албум, со која екипа го работеше, и како ти лично го доживуваш? Како може публиката да го слушне?
- Овој албум е како рингишпил; те носи од една страна кај емотивната “An innocent Man” а на сосем спротивната страна се среќаваш со рокерската “Would I Change it? (If I could?)”. Јас го доживувам како биографско дело во однос на зборовите кои ги напишав, а музиката е дело на мојот соработник Мак Вернон (поранешен менаџер на артисткатаPJ Harvey и John Cale од култната група “Velvet Underground“.Аранжманите се во голем дел направени од Rob Ellis, кој има работено со Placebo, PJ Harvey, Anna Calvi.
На неколку песни ја има препознатливата гитара на David Rhodes (долгогодишен сорабптник на Peter Gabriel од групата Genesis), а ако сте го слушналенеговиот најголем хит Sledgehammer со креативното анимирано видео,тогаш сте го слушнале и David Rhodes. Потоа Terry Edwards (соработник на Nick Cave и Tom Waits) се појавувана саксофон a BJ Cole (соработник на Sting, Bjork, REM, Depeche Mode, The Verve, Robbie Williams..., на педал стил гитара. Исто така Alex Thomas (John Cale, Anna Calvi) се јавувана тапани, Anna Phoebe (Roxy Music) на виолина, Daniel O’Sullivan i Ian Oliver (PJ Harvey) на бас гитара како и Nick Holland на инструментот чело.
*Освен што постоело веруање дека мачките имаат девет животи, познаваш ли луѓе кои поминале низ предизвици и непријатни ситуациии и излегле посилни како да имаат девет животи?
- Ако смеам, јас би се ставила во таа категорија поради здравствените предизвици кои ги искусив пред овој албум да доплива на површина.
*Долги години живееш во Англија, во кој град си точно сега, дали се занимаваш со уште нешто друго освен музика?
- Моментално сум на релација Македонија - Англија, поминувам малку време и на двете територии, што пред неколку години не беше случај. Кога сум во Англија поминувам време во Лондон и во областа Корнвал која е на океанот, а кога сум во Македонија во Богданци и во Гевгелија. Инаку моментално се бавам исклучиво со музика. Кога не творам за себе, пишувам песни за Диџеи, претежно во стилот ЕДМ а тоа впрочем можам да го работам каде и да сум во светот, што е голем плус за мене.
-Раскажи ни ја накратко твојата приказна, од Богданци до Англија, колку време си таму, која е главната причина поради која си замина?
- За Англија отидов штом го завршив средното училиште, на 18 години. Најпрво во областа Корнвал, а покасно во Лондон каде се запишав на Музичко уцилиште. Таму ги запознав моите први музички соработници и заедно во 2007 година го издадовме мојот прв албум “Hourglass Diary”. Потоа издадов песни во музицкиот стил ЕДМ кои имаа голема поддршка од Би-Би-Си радиото а во 2017 издадовме песна и со големата издавачка куќа Universal Music France
Англија отсекогаш ме водушевувала, и имав желба да ја посетам. Тоа што останав подолго време, над 15 години беше сосема случајно.
*Каков е животот во Англија сега, и воопшто целииот овој период за време на пандемијата, колку на тебе влијаеше целата оваа промена во ова некое „ново нормално“?
- Животот во Англија би рекла дека тече во некоја “нормала”. Нема ограничување околу тоа кој може и не може да оди по ресторани, пабови. Исклучоци сепак се големите концерти. За разлика од почетокот на годината, од јули месец се почна да се отвара. Инаку претходно немаше концерти, сè беше затворено и се препоралувасе работење од дома. Јас како и другите музичари моравме да паузираме со настапи во живо. Би сакала да верувам дека ситуацијата ќе се подобри уште повеќе како што поминуваат месеците.
*Колку често успеваш да дојдеш дома, што најмногу ти фали од дома и што е она што те прави најсреќна кога ќе си дојдеш?
- Само што дојдов во Македонија после поминати 6 месеци во Англија. Секогаш ми е мило да го видам семејството, да ја споделам радоста и тагата, а некогас и да земам поддршка од моите најблиски. Македонското сонце умее да ме направи носталгична.
*Кои ти се идните музички планови: настапи, снимање на нов материјал...
-Моментално работиме на нов материјал и нов албум а инаку подготвуваме и музички настапи во Англија во Новата Година каде ќе го промовираме “Девет животи”. Паралелно со снимањето нови песни, снимаме и музички видеа.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива