„ГОЛЕМ СТУД“ - Дипломска претстава на студентите од ФДУ одделот Драмски актери

Добивај вести на Viber

Факултетот за драмски уметности од Скопје во соработка со Македонскиот народен театар, на 26-ти (понеделник) и 27-ми (вторник) март ќе одржи премиера на дипломската претстава ГОЛЕМ СТУД, по сценариото за филмот THE BIG CHILL од Лоренс Каздан и Барбара Бенедек, која ќе се одигра во две постави на Малата сцена на МНТ со почеток во 19 часот. 

ГОЛЕМ СТУД е дипломска претстава на студентите од одделот Драмски актери во класата на проф. Зоја Бузалковска и насл. доц. Александар Степанулески. Класата ја сочинуваат: Сара Анастасовска, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Чедомир Митевски, Зоран Митровиќ, Душица Настова, Јаков Спасов, Петар Стојанов, Душица Тренева и Христина Цветаноска. Дипломската претстава ГОЛЕМ СТУД е работена по сценариото на американскиот филм THE BIG CHILL од Лоренс Каздан и Барбара Бенедек.

 Преводот на насловот е проблематичен, зашто самиот наслов во себе носи повеќезначност, која може да биде „прочитана“ и донекаде разјаснета само во контекстот на времето во кое се одвива дејството. Речиси секаде каде што се зборува за овој филм, излезен во 1983 година, се цитира дообјаснувањето на авторот и режисер на филмот Лоренс Каздан, врзано токму со алузиите кои ги отвора самиот наслов, не докрај јасен дури и за американскиот аудиториум.

 „ГОЛЕМ СТУД се занимава со членовите на мојата генерација кои откриле дека не сè што посакувале е возможно, дека не секој идеал во кој верувале останал во првите редови на нивните намери. ГОЛЕМ СТУД е за процесот на оладување кој е карактеристичен за луѓето од секоја генерација, кога се движат од надворешно-насочената, повеќе идеалистичка, загриженост на нивната младост до еден вид на само-апсорпција, сопствен интерес, што ги става личните желби над оние на општеството, па дури и - на еден идеал.“ Л. К. Триесет и пет години подоцна, во една средина сосема различна од онаа на Америка во осумдесеттите (со генерации кои растеле и се развивале во шеесеттите) и во еден временски контекст, навидум оддалечен од американскиот, една друга генерација се обидува да проговори за истите тие проблеми, донесувајќи ги на сцената во сета нивна универзалност и препознатливост.

Дилемите кои ги загатнува ГОЛЕМ СТУД се проблеми на секоја генерација и се важни во секое општество во кое се случуваат драматични општествени превирања, како што е и нашето. Повеќе од тоа, дилемите ги надминуваат општествените прашања и задираат во најинтимното човечко, важно секогаш и секаде. Во момент кога животот со сета своја комплексност ќе нѐ натера да се запрашаме до каде сме останале доследни на своите борби заложби, верувања и големи планови, а каде сме се изневериле себеси и своите идеали, останува да ги преиспитаме своите постапки и да се обидеме да ја реконструираме надежта дека нашите животи ќе ги поставиме на вистинските основи и дека за тоа не е премногу доцна. Во таа смисла, ГОЛЕМ СТУД е токму тоа - претстава за РЕКОНСТРУКЦИЈА НА НАДЕЖТА.

ГОЛЕМ СТУД ја судира новата генерација драмски актери со голем предизвик и тешка актерска задача - низ еден реалистичен пристап, во ритам препознатлив за филмскиот јазик и со леснотија во играта, да се обиде да ви ја раскаже оваа сложена драмска приказна.