,

Грците се воодушевија од моите костими: Олгица Ѓоргиева за балетската претстава „Електра“

Добивај вести на Viber

Нашата талентирана модна дизајнерка Олгица Ѓоргиева од Модното ателје „ГО Ѓоргиева Олгица“ продолжува да го освојува регионот. Македонската модна дизајнерка беше дел од интернационален проект во кој соработуваше како костимограф во балетска претстава. Олгица ја осмисли и изработи костимографијата за балетската претстава „Електра“, работена на музика на светски познатиот композитор Микис Теодоракис. Претставата својата премиера ја доживеа во најстариот театар во Грција, на островот Сирос, како дел од програмата на интернационалниот Егејски фестивал, кој  традиционално се одржа по 14 пат. За приемот, реакцијата на публиката и реализирањето на нејзините очекувања, Олгица  ни раскажува во денешното интервју за „Женски Магазин“. 

* Дали сте задоволни од приемот и реакциите?

Се радувам и сум горда што можам да го објавам мојот најнов проект, костимографија за балетската претставата „Електра“, на музика на познатиот Микис Теодоракис, која ја имаше премиерата во најстариот театар во Грција, на островот Сирос, во склоп на интернационалниот Егејски фестивал кој се одржува традиционално по 14 пат. Особено сум горда што имав прилика да соработувам и работам со познат интернационален режисер од Виена, господинот Ренато Занела. Костимографијата на неговите претходни проекти била направена од Валентино, Кристијан Лакроа, Жан Пол Готје.. Огромна чест  и неверојатно искуство за мене!

Претставата и костимите ги добија сите пофални зборови од секој можен аспект. Се изведоа три претстави едно по друго и коментарите, ефектот и емоцијата секој ден беше иста. Задоволство кај сите! Тимот кој работевме на ова претстава имаше фантастична енергија и сето тоа го пренесовме на сцена, секој во својот дел! Во однос на костимите ја добив потврдата, задоволството и одушевеноста од сите страни, организаторот на фестивалот, режисерот, целокупниот тим и секако публиката.

* Какви се вашите очекувања за блиска иднина? Постои ли различно перципирање на модата од она на домашниот пазар? 

- Во однос на моите очекувања, секако дека ова е добар пат за отворање на нови можности во однос на мојата работа. Ваквите настани се добра прилика за претставување на нашата работа, подготвеноста за реализирање на вакви проекти од секој можен аспект и секако движење напред кон нови предизвици и создавања.

Ова беше проект кој што од старт е дефиниран и детерминиран. Се работеше на одредена тема, Електра од Софокле и секако не постоеше премногу опција да се избега од зададената тема. Меѓутоа, имаше доволно простор за креативност. Принципот на работа беше детален, од секој можен аспект.. Секако дека се разликуваше во одредени сегменти во однос на тоа што се создава на овие простори, но јас буквално уживав во секој дел од процесот и во подготовката и во реализацијата. Огромно искуство за мене, кое сигурно ќе биде дел од мојата понатамошна работа.

* Дали веќе се направени првите конекции со потенцијални потрошувачи или соработници на вашиот бренд надвор од Македонија по овој настан?

- Првата фаза од овој проект е завршена! Мислам дека мојата лична карта како моден дизајнер и професионалец добро ја претставив. Остварив добри контакти кои се надевам ќе вродат со плод во иднина. Мое е да продолжам да создавам и да дозволам времето да си го направи своето. Вакви големи проекти секако се преиспитување и за нас самите, до каде сме, од секој можен аспект. Да, со сигурност сум подготвена за наредните чекори!

За Женски Магазин, Вики Чадиковска