Има некои нешта во животот што немаат цена: Новогодишно со Елизабета Ѓоргиевска, Првата дама на Македонија

Добивај вести на Viber

Силните жени имаат нешто заедничко- истрајноста кон она на што целат, храброста да одолеат на искушенијата и да одат напред! Некои создаваат можности во услови кога општествата немаат соодветен механизам, други влијаат на колективната свест преку правење на добри дела, трети умеат да обединат... 

Проф. Др. Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски ги има сите овие одлики. И не, не е воопшто претенциозно! Кога ќе ја запознаете, кога ќе ја пратите во сите нејзини акции, кога ќе видите како живее и како работи, ќе ја видите и почувствувате и нејзината движечка сила. Се разбира, и таа е само човек со сите маани и доблести, но улогата на Прва дама ѝ овозможува да прави и создава, да помага и да биде слушната, а преку неа сите оние кои не се слушнати и обесправени, гласот на дечињата кои се соочуваат со тешки здравствени проблеми, жените жртви на семејно насилство... и многу други од ранливите категории...

Кога дојдовме во претседателската резиденција, нѐ пречека со широка насмевка, облечена сосема едноставно, па дури и на овој начин го демонстрираше нејзиниот одмерен стил за кој многу се зборува. Срдечна, непосредна, отворена за комуникација на секоја тема... и знаевме дека ќе имаме убаво новогодишно интервју кое го даде само за Женски Магазин

.* Изминатава година (за разлика од претходната кога коронавирусот сѐ уште земаше силен замав) имавте многу повеќе општествени активности во кои несебично дававте поддршка. Вие сте можеби една од ретките сопруги на наши претседатели која неуморно се залага за различни права како и ненаметливо покажување и на вашата хумана страна, која како што е дел од вашата личност, така е и дел од вашата примарна професија. На кои активности сте особено горди?

- Секој ангажман со кој можам да помогнам некому, го прифаќам и со задоволство учествувам во секоја активност што знам дека макар и минимално ќе придонесе за подигање на јавната свест за деликатни и запоставени теми, ќе изроди успешна приказна, ќе помогне некому, па дури и ќе донесе насмевка на нечие лице. Неблагодарно е да ги набројувам сите активности, хуманитарни акции, проекти и кампањи, кои искрено ја добиле мојата поддршка.

Кога би морала да издвојам, би ги посочила активностите кои се однесуваат на децата, ранливите категории на граѓани и маргинализираните групи, на кои, впрочем, најмногу им е потребна нашата помош и поддршка. Еднаквите можности за жените, спречувањето на родово базираното насилство, подобрување на здравствените услуги за лицата со ретки болести и лицата во социјален ризик, подобрување на квалитетот на живот и инклузија на децата со атипичен развој, се области за кои сметам дека мора да дадеме максимален придонес и како држава и како поединци.

Свесна сум дека чекорите што ги правиме можеби се мали, но доколку не бидеме упорни и истрајни и не продолжиме да се обидуваме, не можеме да се надеваме на позитивни општествени промени. Навистина ме радува што мојата отвореност за соработка од многумина беше препознаена и прераснува во еден изграден и стабилен партнерски однос со многу домашни, но и меѓународни организации.

* Како ја гледате македонската жена од денешна перспектива? Дали еволуирала, дали е способна да се избори за своите права, дали може да го подигне гласот и гласно да каже „Не“ или „Да“, а да не биде осудувана?

- Македонската жена денеска ја гледам како посамоуверена, посилна и понезависна, со свој став, глас и принципи, ги следи своите цели и одлучно и самостојно ја креира својата судбина.

Мораме да признаеме дека иако помалку бројни, жените во политиката дадоа суштински придонес во многу политички иницијативи и законски проекти. На полето на стопанството денес сме сведоци на постоењето на многу успешни компании раководени од жени кои ја внесуваат својата креативност во производството и создаваат препознатливи македонски производи. Последниве години го охрабруваме и економското јакнење на жената во руралните средини и нејзиното поголемо инволвирање во креирањето на земјоделските политики.

Се разбира, имаме уште многу битки кои треба да ги добиеме. Да инвестираме повеќе напори како општество, да им овозможиме на жените целосно да го реализираат својот потенцијал. Потребно ни е инклузивно креирање на политики, во рамки на што ќе ги земаме предвид потребите на жените, и ќе се грижиме повеќе за тоа како политиките и одлуките влијаат на нив, нивните можности и потреби.

Насилството врз жените и семејното насилство остануваат горливи проблеми и потребни ни се постојани и зголемени напори за да им помогнеме на жените кои се жртви на насилство, да излезат од маѓепсаниот круг, и да добијат поддршка и можност за нов почеток со соодветна рехабилитација и ресоцијализација во општеството. 

Општествениот статус на жената не секогаш е мерлив и не треба да се интерпретира само од позиција на бројки, но токму бројките ни укажуваат дека борбата за унапредување на правата на жените, мора да продолжи и дека тоа е процес кој институционално и системски мора да се поддржи и афирмира, затоа што единствено води кон позитивни промени.

* Дали ако сте силна жена овде - (не конкретно Вие, туку општо) постои одреден страв, анимозитет или негирање од средината - не само машка туку и женска!?

- Тоа е веќе прашање на лични, но и на колективни предрасуди, во однос на една поширока тема, на која посветуваме многу енергија и напори да ја подигнеме што е можно повеќе јавната свест токму за родовата правда и родовата застапеност. Но, од друга страна, и во нашето општество не ретко сме сведоци на примери на дискриминација кон жените и на тивко потиснување кон маргините во сите општествени сфери на дејствување.

Мора да се соочиме со реалноста дека светот не треба да биде мегдан во кој доминираат мажите, или жените, туку пред сѐ личноста со нејзиниот интегритет и вреднуван квалитет. Историски, имаме ситуација кога жените долго време биле отсутни од образовниот процес и од пазарот на труд и нам сега ни се потребни дополнителни напори за да можеме да ја постигнеме родовата еднаквост. Затоа, не треба никој да го плаши или пак да води кон негирање, доколку повеќе инвестираме и поддржуваме лидерки, претприемачки, истражувачки, инженерки итн. Мораме постојано да ги охрабруваме девојчињата и жените да знаат дека можат повеќе, дека само поради тоа што се жени не треба да се обесхрабрени. Имаме многу успешни жени кои се високо почитувани од средината, и нивните достигнувања мораме да ги поддржиме, затоа што само така ќе ги поттикнеме, охрабриме и мотивираме сите жени.

* Дали доволно е застапена македонската жена во сите сфери на општеството? Кај нас како сѐ уште да владее машката „сила“?

- Перцепцијата дека мажите доминираат во општеството е основана, затоа што истражувањата и анализите покажуваат на една загрижувачка тенденција дека жените не само што не се рамноправно застапени во одредени области, туку имаат пократки и помалку платени кариери во споредба со мажите. Така што, и покрај напредокот во степенот на образованието, кај нас сѐ уште нема праведна валоризација на трудот, работното искуство и стручност на жените. Често пати сум говорела со многу жени за родово базираната дискриминација која некогаш е прикриена, со која се соочуваат многу жени  во македонското општество. Само накусо ќе порачам дека за да се затвори родовиот јаз мораме максимално да го поддржиме економското јакнење на жените и да ја мотивираме вклученоста на жените во сите општествени сегменти на живеење.

* Кој проект во кој сте инволвирани го сметате од особено значење и зошто?

- Драги ми се сите проекти во кои сум вклучена затоа што сметам дека со секој од нив помагаме или во подигањето на јавната свест за некоја важна, но запоставена тема, или придонесуваме за поддршката за лицата на кои им е потребна.

Особено ми се драги сите проекти за лицата со атипичен развој или лицата во социјален ризик затоа што сметам дека ова се нашите сограѓани кои најчесто се тивки, често потиснати од тежината која ја носат како семејства, губат надеж и не се доволно гласни за нивните права или за придонесот кој можат да го дадат.

Затоа велам дека секогаш треба да ја гледаме способноста, вештината, што секој од нас ја носи во себе, затоа што некогаш талентот за пеење е кај детето со атипичен развој кое мислевме не комуницира, или жените во социјален ризик, невработени имаат вештини со кои може да заработуваат, само треба да им се даде шанса, или лицето со оштетен говор може да даде придонес на нови политики кои се креираат... секој од нас носи нешто со што може да направи нешто позитивно и со што може да придонесе за заедницата. 

Исто така, секогаш ми се драги активностите за поддршка на девојките во науката, затоа што сметам дека како држава имаме огромен потенцијал кој можеме да го искористиме и потребно е да ги поттикнуваме девојчињата да се занимаваат со наука, но не само додека се дел од образовниот систем, туку да ја гледаат науката како животна определба и можност каде што можат да се развиваат и да придонесат и на високи позиции.

Еднакво важни ми се и другите иницијативи на кои секогаш давам поддршка, како борбата против родово базираното насилство и женското здравје, две исклучително важни прашања на кои мораме неуморно да работиме.

* А, каква сте приватно? Мислам на времето кога не сте оптоварени со професионални обврски? Дали вашата движечка сила ја „демонстрирате“ и меѓу вашите пријатели, во домот...?

- Мислам дека приватно сум како и сите други, личност со свој круг на пријатели која се обидува да го избалансира времето меѓу професионалните обврски на Клиниката за стоматологија, обврските на факултетот, научно-истражувачката работа, обврските како сопруга на претседателот и семејството. Кога сум послободна, гледам да си украдам малку време за себе, да се видам со некоја блиска пријателка, за некоја добра книга, филм или приготвување на некој специјалитет.

* Не ја напуштивте примарната професија и заедно со должноста Прва дама - термин кој не милувате да се врзува за вас, сеуште работите како стоматолог. Како балансирате?

- Моја лична одлука беше, без оглед на новата улога која ја стекнав, да продолжам целосно посветено да се занимавам со мојата примарна професија, како детски стоматолог и професор на Стоматолошкиот факултет. Факт е дека да се биде сопруга на претседател на држава е посебна чест, привилегија, но истовремено е голем предизвик и одговорност. Таа нова улога, внесе и нова динамика во мојот живот, голем број нови активности, многу нови правила и протоколи, потребен е сериозен ангажман затоа што во обете улоги не смее да има простор за импровизација и аматеризам. Многу од активностите честопати се преклопуваат со моите професионални обврски на работното место, но со добра организација, менаџирање и поддршка од семејството, пријателите, колегите, се трудам секогаш позитивно да одговорам на агендата.

* Она што е навистина воодушевувачко кај Вас покрај Вашата работна агенда, е стилот на облекување и однесување. Како го градевте? Како успеавте да сте секогаш - дури и без исклучоци облечени беспрекорно - со умерена доза, никако претерано, а сепак симпатично...

- Изборот на мојата гардероба зависи од карактерот на настанот каде што присуствувам. Дали се формални или неформални пригоди, денски или вечерни. Сметам дека најважно е да се почитуваат протоколарните совети за дрес-кодот и да се чувствувате удобно и пријатно во тоа што го носите.

Честопати знам една иста комбинација и парчиња облека да ги носам и по повеќе пати и на официјални пригоди, затоа што цврсто верувам дека како и сѐ друго, така и во облеката треба да имаме економичен пристап.

9.  Вие имате посебен однос кон македонските дизајнери и често носите нивни дизајни. Дали би можеле да одвоите која креација ви е омилена или кои креации ви се омилени и дали и вие учествувате со сугестии во создавањето на креациите наменети за вас?

- Со оглед на тоа дека позицијата на сопругот побарува од мене и протоколарни настапи и придружба на патување, потребно е да почитувам одреден начин на облекување кој го наложуваат протоколарните правила. За таа цел, честопати решавам да соработувам со нашите дизајнери, со цел да дадам поддршка на нивната работа и да овозможам промоција не само дома, туку и надвор. Сметам дека имаме одличен потенцијал, многу креативни и трудољубиви кадри и затоа без резерва ги носам нивните креации. Благодарна сум им што тие ми даваат можност за соработка и се отворени и за моите сугестии кога осмислуваме комбинации.

* Како ги дочекувате Новогодишните празници? Која ви е омилена Нова година и зошто?

- Новогодишните празници за мене се период за време со семејството. Порано и пред пандемијата знаевме да се собереме заедно со нашите родители и блиски пријатели, но генерално не сме практикувале големи прослави. Не можам да издвојам некоја посебна Нова година, секоја си има своја убавина. За мене е убава секоја Нова година кога човек не е осамен, има топол дом, храна и можност да биде со тие што сака. Празниците се секогаш потсетник дека сите ние треба да помогнеме некому кој има потреба за помош.

* Што си посакувате ама онака искрено од срце - пред сѐ за вас и вашето семејство, а потоа за нашите читатели? И секако - по што ќе ја паметите 2022 година?

- На моето семејство и на сите сограѓани им посакувам пред сѐ здравје. Пандемијата нѐ научи колку е кревок човечкиот живот и колку бргу можеме да ги изгубиме своите најблиски. Токму затоа треба да го цениме времето поминато со нив.

Им посакувам да им се остваруваат желбите што ги имаат за подобра иднина, за квалитетно образование на нивните деца, перспективи за вработување на младите, почиста животна средина и љубов. Им посакувам да бидат со своите блиски, да бидат со семејството и пријателите, затоа што тие се работите во животот што немаат цена. 

Небојша Толески

Фотографија: Вангел Тануровски

Амбиент: Резиденција на претседателот на Македонија