Имав 11 години кога родителите ми загинаа во сообраќајка: Интервју со Душко Георгиевски
Со сестра ми не присуствувавме на погребот. Нѐ однесоа надвор од градот, во детско одморалиште. По трагедијата роднините ми купија флејта да ми го окупира вниманието, да немам време да мислам и тагувам. Животот многу рано ми ја покажа суровата страна, раскажува реномираниот пејач и адвокат
Душко Георгиевски во својата богата кариера отпеа повеќе емотивни текстови, но рефрен кој ќе го памети цел живот е „Молитва“. Темата ја посвети на неговите родители кои загинале во сообраќајна несреќа кога тој имал само 11 години. Докажаниот фолк-пејач лани ексклузивно за „Женски магазин“ ја отвори душата и искрено проговори за семејната трагедија.
Георгиевски со сопругата и со ќерките
* Препознатлив сте по интерпретацијата, низ годините отпеавте повеќе емотивни текстови. Кога Ви било најтешко во животот?
- Дефинитивно, периодот откако останав сам со мојата помала сестра. Имав 11 години кога загинаа моите родители. Тогаш, како дете кога сте изгубени и исплашени, а судбината ви е во други раце и некој друг одлучува за вашата иднина. Притоа не ви е родител кој знае најдобро што може и што треба да направи за своето чедо. Сега, кога и самиот сум родител, точно знам колку е важно тоа за едно дете, онаа родителска љубов која му е целиот свет и потпора и во добро и во лошо. Кога ќе се присетам, тогаш морав брзо да ги разбирам работите. Бев сам во мојот свет, но многу учев и истражував. Преку книгата го осознав светот. Созреав многу побрзо од моите врсници. Морав брзо да пораснам, зошто немав избор.
По смртта на родителите, роднините ми купија флејта за да ми го окупира вниманието и да немам време да мислам и да тагувам. Животот многу рано ми ја покажа суровата страна. Научив да се носам со најмрачната судбина, но оттогаш ништо повеќе не може да ме помести во животот, затоа што многу добро знам која е неговата цена.
* Што се случи? Како починаа Вашите родители?
- Загинаа во сообраќајна несреќа, кај Алексинац во Србија, во моментот кога се враќаа од одмор. Беа со своите братучеди, мене и сестра ми не оставија дома. Не знам зошто, можеби за да останеме живи, така ги натерала судбината. Тоа беше еден трогателен настан, во еден миг да немате кому да кажете мамо и тато. Иако не сакам многу да зборувам за ова бидејќи не ми е намерата да предизвикувам чувство на сожалување кај луѓето, има еден факт кој ексклузивно ќе го споделам со Вас. Со сестра ми не присуствувавме на погребот. Биле во лимени ковчези, секако немаше да ги видам. Не однесоа надвор од градот, во детско одморалиште. Денес, жалам за тоа.
Како зрел човек и денес тешко наоѓам зборови. Како тинејџер никогаш и никаде не зборував за мојата судбина. Сепак, болеше секогаш кога позади грб го слушав зборот „сираче“. Ме повредуваше длабоко во душата.
* Собравте храброст да им посветите песна дури кога се навршија 20 години од нивната смрт..
- Да, на „Цветници“ во 2011 година ја отпеав „Молитва“, преку музиката да ги искажам чувствата, бидејќи поинаку никогаш не умеев да го направам тоа. Преку стиховите „ѕвезди сјајни далечни што ми велите дали спокој најдоа родителите, дали сега горе се кај ангелите“ првпат јавно проговорив за мојата судбина и признав „колку свеќи восочни запалив, колку драги спомени во срце заклучив“ ветувајќи дека „со песнава молитва сега Ви подарувам, Вие тука в срце сте, јас продолжувам“. Овој фестивал беше мојот најтежок настап. Не сум свесен како успеав да останам на нозе.
Верче има 21 година и студира во Виена, а Мила е полуматурантка и ќе продолжи во средното музичко училиште
* Со што се занимаваа Вашите родители?
- Татко ми беше правник во трговска фирма, а мајка ми службеник во државна институција.
*Со кого растевте, кој се грижеше за Вас по нивната смрт?
- Растев со семејството на татко ми. Благодарен сум секогаш што се грижеа за мене и сестра ми кога останавме сами. Не нѐ однесоа во Дом за згрижување на деца без родители. Сигурно дека мислеле најдобро, во рамките на она што тие можеле да го направат во тоа време и во такви околности. Секогаш сум благодарен на сите што помогнале и се вклучиле во мојот развој, поширокото семејство на моите родители, но и моите учители. Во процесот на образование, за мене одлучија роднините, а според нивните проценки, не музиката, туку правото беше професијата за мене, работа која ќе ми донесе „леб“. Судбината си го направила своето. Кога другите одлучуваат за вас тогаш едноставно се прилагодувате на можностите, намерите, нивните разбирања за иднината и како тие ве гледаат. Веројатно мислеле најдобро, тргајќи од позиција дека и мојот татко бил правник.
* Дали како реализиран адвокат некогаш сте размислувале комплетно да се повлечете од сцената?
- Немало потреба за тоа. Успевам до денес одлично да ги вклопам двете професии. Кога сум во суд нема место за „песна“. Многу човечки судбини и животни приказни се во ваши раце. Успевам да се справам со сите предизвици и моите клиенти имаат максимална доверба. Треба да сте и психолог, психијатар понекогаш, освен адвокат. Јас и во адвокатурата работам со големи емоции, сочувствувам со судбините на луѓето, така што никогаш не го гледам само како техничка работа и професија. Тоа го правам со градењето на довербата кај луѓето, дека ќе го дадете својот максимум за да им помогнете, чесно, без да гледате да ги измамите, за да добиете поголема материјална корист. Среќен сум што ме почитуваат колегите, особено оние постарите адвокати и судии од кои црпам искуство, кои ми потврдуваат дека сум на вистинскиот пат.
Музиката, пак, за ништо не би ја менувал. Не поради материјалната страна, туку поради љубовта кон неа. Таа ми е филтер, ме одмара од првата професија. Таа за мене има и многу поголемо емотивно значење. Не ја работам за да заработам, не низ таа призма. Не ми е примарна професија од која живеам и морам по секоја цена да пеам. Музиката за мене има повисока вредност.
Сопругата на Душко е уредник и водител на емисија од областа на економијата
* Имате две ќерки. Како ги воспитувате и кои се нивните афинитети?
- Верче има 21 година, а Мила 14. Двете се многу музикални. Не само по моите гени, туку и по гените од сопругата, нејзиниот татко е музичар. Верче, иако заврши нижо музичко училиште, каде свиреше флејта, сепак одлучи да студира меѓународно право и бизнис на Државниот универзитет во Виена. Мила, сепак, ќе биде во музиката. Пее многу убаво и таа е мојот вистински наследник. Сега завршува основно училиште, свири клавир и ќе продолжи во средно музичко. Во нивното воспитување со сопругата поаѓаме од принципот да ги гледаме како реализирани личности, а не како деца. Врската на таткото со ќерките е посебна. Имам воспоставено голем авторитет кај нив. Често се случува без ништо да кажам да знаат што треба да направат. Морам да признаам дека знаат да ме „фатат“ на емоции, што некогаш ми прави проблем во однос на некои одлуки, па сум попустлив. Досега не го злоупотребиле тоа. Ги учам да се борат во животот само со квалитет, а Верче веќе е благодарна за таквото воспитување, бидејќи најмногу го чувствува во Виена, каде само со знаење и квалитет можеш да успееш.
* Вашата сопругата е новинар. Што најмногу Ви замерува кога се во прашање медиумските настапи?
- Сопругата е уредник и водител на економската емисија „Профит“ на „Наша ТВ“. Секогаш сум пред голем суд на јавноста уште од дома, така што кога сум на јавен настап или кога гостувам на некој медиум веќе сѐ добро си знам и сум добро истрениран. Забелешките обично се во делот на мојата ненаметливост. Не сум човек кој многу зборува, затоа често многу работи кои сум ги постигнал остануваат неискажани. Мојата девиза е делата да зборуваат за нас, но во новото време дури е и хендикеп да сте скромен. Оставате впечаток дека ништо не сте постигнале или не сте сработеле во кариерата. Особено кога знаеме колку медиумите се заинтересирани за фолкот. Многу се радувам што Вие сте исклучок. Ви благодарам за таквиот пристап.
Ѓорге
Стојанов