Имунизацијата против Ковид-19 е единственото оружје кое во моментов го имаме и со кое можеме да се избориме против ова зло: Гл.сестра Силвана Миркоска за Женски магазин
Ковид пандемијата е дефинитинво најголемиот предизвик со кој се соочиле здравствените работници. По година на борба за живот и илјадници загубени животи, имунизацијата го врати колку толку „нормалното“ во светот, и можеби се единствената светла точка во овој момент. За ковид кризата, како се одвива имунизацијата во последните денови, зошто и од што страв кај населението за вакцини, разговараме со главната сестра на пунктот за Ковид-вакцинации во поликлиниката Букурешт Силвана Миркоска.
„Како главна сестра, а воедно и како координатор на пунктот за Ковид-вакцинации во поликлиниката Букурешт, можам да се пофалам и да истакнам дека имунизацијата се одвива континуирано и во беспрекорен ред и дисциплина, токму онака како што треба да функционира еден вакцинален пункт.
Напливот на пациенти е постојан и во континуитет. Здравствениот кадар е комплетно едуциран и подготвен да одговори на сите предизвици и работни задачи со кои секојдневно се соочува“ , истакнува главна сестра Силвана Миркоска чија обврска е постојаната координација и менаџирање за почитување на стандардите и протоколите, кои како што веќе спомена, уште од првиот ден ги поставиле да функционираат одлично.
Ја прашавме дали се случило граѓани да се предомислат во однос на вакцината на самиот вакцинален пункт
„Секојдневно се соочуваме со секакви настани и ситуации. Воглавно граѓаните се вакцинираат без двоумење, но секако дека има и такви кои имаат некакви сомнежи, одредени нејаснотии или образложенија околу ефикасноста и безбедноста на вакцините, и во тој поглед можам да кажам дека заедно со целиот тим во поликлиника Букурешт со кој што неуморно работиме од самиот почеток, секогаш сме достапни на граѓаните, сѐ со цел навремено да ги добијат вистинските информации кои им се потребни“ , кажа главната сестра Миркоска.
Пандемијата дефинитвно беше и сѐ уште е најголем предизвик за здравството
Во тие тешки денови за медицинските лица, вели Силвана најголема задача било да им се пренесе пораката на луѓето/да му се посочи на дел од населението дека имунизацијата против Ковид 19 е единственото оружје кое во моментов го имаме и со кое можеме да се избориме против ова зло, секако вклучувајќи ги и сите оние препораки од стручните лица во нашата држава, како и насоките кои секојдневно ги добиваат од МЗ.
Страв кај луѓето од вакцините против вирусот
Нормално и очекувано е да постои страв и паника кај населението посебно по оние бројки на заболени и починати лица во државата во изминатиов период, вели Силвана. Сепак, како што вели , „благодарение на вакцините кои што ги имаме во сосема доволен број се надеваме дека граѓаните ќе се вакцинираат што побрзо за да час поскоро можеме повторно да се вратиме на оној нормален живот што го имавме и пред пандемијата , а кој што сите со нетрпение го посакуваме“.
Вакцините се доволно безбедни и ефикасни, тврди главна сестра Силвана
-Јас пред се сум човек кој секогаш сака нешто да докаже со личен пример ,па така и во овој случај можам со чиста совест да кажам за безбедноста и ефикасноста на вакцините. Од првиот момент немав никаков сомнеж и едвај чекав да пристигнат за да се вакцинирам и јас и моето потесно семејство ( моите две ќерки и мојата мајка ).
Тргнувајќи од личниот пример што сите сме вакцинирани со различни вакцини со чиста совест кажувам дека сите достапни вакцини се доволно и безбедни и ефикасни.
Ковид пандемијата – најголем предизвик за здравството
„Ковид 19 не е само мој најголем предизвик, туку е најголемиот предизвик на глобално ниво. Среќна сум , но воедно чувствувам и голема одговорност што сум директно вклучена во борбата со оваа „страшна“ болест секако од еден друг аспект , а тоа е превентивата значи менаџирање, мотивирање и спроведување на имунизацијата“, потенцира Миркоска.
Што треба да поседува една личност за да може да се изгради како добра и професионална личност...
Јас сум и мајка и ќерка а од неодамна и баба на мојата прва внука Михаела.
Гордо се носам со сите овие „титули“ и слободно можам да кажам дека за да се изградите како успешна и професионална личност , основно и најважно е да ја имате поддршката од семејството, а потоа неизмерно да ја сакате, негувате и постојано да се надградувате што подразбира секако и дополнителна поддршка од фамилијата.
Но секако , не застанувам тука. Во пресрет ни се локалните избори, а мојот нов предизвик допрва следи и како кандидат за советник на општина Карпош се најдов на советничката листа од редовите на СДСМ со која што функција се надевам дека само ќе продолжам да им помагам на моите сограѓани и тоа е на мое големо задоволство мојата најголема љубов.
Корона ни ги промени животите од корен
Оваа пандемија комплетно ни ги промени животите и не само мене туку на целото општество, потенцира Миркоска.
-Секако дека ми недостигаат дружбите,патувањата ,концертите....Но да се надеваме дека сето ова ќе заврши што поскоро, и секако ние како граѓани сме тие кои што ја имаме најголемата одговорност и улога да ставиме КРАЈ на пандемијата-додава таа.
Порака до граѓаните во однос на чување на здравјето во актуелната состојба со Ковид 19
Јавно ќе ги повикам сите оние граѓани кои сѐ уште не се вакцинирале, масовно да се вакцинираат за да можеме конечно да излеземе како победници од оваа КОВИД КРИЗА!
Ирена Ставрова