Дисциплината е клучна во борбата против овој вирус: Македонката Ивана Павлиќевиќ од Црна Гора за Женски Магазин

Добивај вести на Viber

Ивана Павлиќевиќ е родена и израсната во Кочани. Пред 12 години, љубовта ја тера да ја промени својата адреса во Подгорица, Црна Гора.  Во изминатите 7 години работи како професионален шминкер и е многу успешна во својата работа.

Станува збор за дама која е посветена мајка и сопруга, и изгледа одлично во четвртата деценија од својот живот.

Во време кога целиот Балкан е погоден од коронавирусот, во земјата каде Ивана живее со своето семејство, вчера беа регистирани првите случаи на коронавирус. За животот на една шминкерка во Црна Гора, како и за новонастанатата ситуација, Ивана раскажа специјално за Женски Магазин.

Опишете се себеси во една реченица.

- Едноставна, флексибилна, храбра во остварување на своите цели.

* Љубовта ве натера да се преселите во Црна Гора. Колку ви беше тешко на почетокот, што најмогу ви недостасуваше од дома? Колку всушност се разликуваат Македонија и Црна Гора?

- Секоја промена нормално е тешка, но во однос на тоа како се чувствувам, Црна Гора е мојот дом, овде е родено моето дете, овде се остварив професионално и работам работа која ме исполнува, имам доста пријатели, но секако дека ми недостига Македонија. Денес е многу лесно со телефоните, а и секако Црна Гора не е премногу далеку, па можам да појдам да ги видам пријателите и фамилијата кога и да посакам. Македонија и Црна Гора не се земји кои премногу се разликуваат како во менталитетот така и во други работи, ние скоро и да не се разликуваме во ништо.

* Во Македонија работевте како модел, а по професија сте педагог. Од каде спојување на две вакви различни професии?

- Манекенството беше мое хоби паралелно додека студирав, исто така едно убаво искуство. Сметам дека на 18 годишна возраст уште не сме толку зрели да знаеме што точно сакаме, но секако никогаш не е доцна да се пронајдеме понатаму во тоа што не прави среќни.

* Во Црна Гора веќе 7 години работите како професионален шминкер. Зошто на крајот се одлучивте за оваа професија. Од каде љубовта кон шминкањето?

- Уште во тинејџерските денови се јавува љубовта кон шминкањето, кон козметичките препарати, кога ги шминкав моите другарки мојот талент се издвојуваше и доаѓаше се повеќе до израз. Секогаш добивав и совети дека треба да почнам професионално да се занимавам со шминкањето, но пресуден беше моментот кога се преселив во Црна Гора. Тоа беше промена која ме наведе да размислувам шминкањето да биде моја примарна професија, секако на почетокот не беше лесн, како некој од друга земје тешко е да дојдеш до луѓе кои ќе го препознаат твојот талет и твојата работа, но полека почнав да се издвојувам и секако Црногорките го препознаа мојот талент и денес можам да кажам дека целиот мој труд се иплати.

* Дали сте шминкале познати личности? Ако не, која позната личност би сакале да ја нашминкате, што би ѝ истакнале?

- Имам соработувано со доста познати креатори, пејачи, како од Црна Гора така и од Србија. Искрено немам некоја посебна желба за соработка со било која позната личност,  секое лице за мене претставува посебен предизвик без разлика дали е од светот на естрадата или не.

* Што е специфично за вашето шминкање. На што најмногу обрнувате внимание кај клиентките? Дали ги слушаат вашите совети или кога ќе дојдат знаат како сакаат да ги нашминкате?

- „Мејкапот“ кој јас го застапувам е истакнување и остварување на најубавата верзија од себе, дефинитивно не маскирање. Мислам дека жените не сакаат да бидат некој друг, тие само сакаат светот да ги види како прекрасни жени. Има клиенти кој се препуштаат, додека други знаат точно што сакаат, но доколку сметам дека нешто подобро може да им стои од тоа што тие сакаат, тогаш им давам совет, им ја објаснувам причината и секако наоѓаме заеднички компромис. Секако желбите и личните афинитети на моите клиенти се на прво место

* Дали сте имале некоја непријатна ситуација со клиентка, која не си се допаднала, па направила испад или плачела?

-Досега не сум имала непријатна ситуација и нормално ќе се трудам до тоа воопшто и да не дојде. Генерално сум доста флексибилна и отворена за соработка со моите клиенти и секогаш оставам простор слободно да кажат ако нешто не им се допаѓа, моја мисија е секој клиент да биде задоволен и нормално тоа е и успехот во оваа работа- да гледате задоволни лица.

* Дали поддржувате естетска хирургија или природен изглед?

- Некои работи природата ни дала што можеби не ни се допаѓаат и немам ништо против, дури и поздравувам луѓето да прават било што, што допринесува тие подобро да се чувствуваат. Нормално има и жени што претеруваат, но тоа е нешто што не поддржувам.

* Што мора да има во несесерот на една дама?

- Кармин, сјај за усни, пудра и коректор.

* Кои се трендовите на шминкање за оваа 2020 година?

- Природниот изглед, не толку јаки контури на лицето, свеж и природен тен со малку руменило и хајлајтер кои даваат додатна свежина, се секогаш во тренд, па и оваа година. Последните две-три години најмногу промена претрпуваат веѓите, сведоци сме дека и оваа година имаме нов облик кој е во тренд. Но јас би препорачала како и секогаш, да не пратите трендови бидејќи не мора да значи дека ќе одговара на вашите црти на лицето.

* Што е најважно за убавината на една жена?

- Најубава жена е среќната жена, жена која е задоволна само со себе, исполнета, негувана, можеби ова ќе звучи клише, но тоа е вистинската дефиниција?

* Како ја одржувате вашата убавина сега во четвртата деценија од животот, по кои принципи за убавина се водите?

- Се трудам да водам здрав живот. Иста така неизоставена е негата на кожата која нормално во овие години и самата кожа бара повеќе посветеност. Нешто што практикувам е да не излегувам без фактор за лице, неважно дали има сонце или не, се трудам лицето секогаш да е добро хидрирано.

* Вчера се појавија првите случаи на коронавирус во Црна Гора, дали преземате мерки? Дали се случува да има масовно купување по маркети, шетање со маски и страв меѓу лугето? 

- Да, за жал сега има заболени од Ковид-19 и во Црна Гора. Меѓутоа како и во сите останати земји и кај нас се почитуваат правилата исто и додека немаше, а и сега. Дисциплината е клучна во борбата против овој вирус затоа и ние се придржуваме кон дадените насоки. Најважно е нашето здравје и затоа сите обврски ги сведуваме на минимум за да бидеме повеќе изолирани, се разбира ова ја вклучува и мојата работа.

* Мото кое ве води низ животот.

- Пред 10 години сигурна сум дека ќе ви кажев друго мото, но денес единствено мое мото е само здравје. Мислам дека тоа е најважно за да можеме да ги оствариме сите наши цели во животот.


Даница Караташова