Интервју со костимографот Благој Мицевски: Тешко е да се споредуваат искуствата од надвор и тука, за жал би рекол дури и невозможно
„Чувствувам задоволство и креативна исполнетост што воопшто во вака тешки услови успеавме сите заедно да реализираме еден толку обемен проект и што на некој начин успевам да одржам континуитет во мојата работа“, вака го започна разговорот со нас македонскиот костимограф со светско реноме, Благој Мицевски, после премиерата на претставата „Идиот“ од Достоевски, во театарот во Нови Сад.
A за споредбата со работата на меѓународна сцена и кај нас, вели: „Тешко е да се споредуваат искуствата од надвор и тука, за жал би рекол дури и невозможно. Иста е желбата и ангажманот да се создаде или да се биде дел од добра претстава, но условите за работа тука стануваат се потешки. Се наоѓаме во ситуација на едно постојано снаоѓање како да се реализира тоа што треба најдобро што може во услови кои тоа често не го дозволуваат.
За разлика од театарот во регионот кој континуирано создава нови претстави, одржува репертоар и прави фестивали, Македонскиот театар западна во една креативна, организациона и финансиска апатија. Тоа е директен одраз на пошироките состојби во општеството во последните 4 години и не гледам кога и како ќе излеземе од таа состојба“.
Мицевски годината ја започна не само со премиерата во театарот во Нови Сад, туку и со премиера во Сараевскиот театар.
Костимограф со препознатлив визуелен печат, чија матична куќа е Битолскиот народен театар, чии уметнички костимографски решенија, повеќе од дваесет години се дел од големи театарски претстави, опери, балет, танцов театар, претстави на врвни режисерски имиња во Европа и пошироко. Од сцените во Љубљана, Белград, Сараево, Нови Сад, Братислава и многу други, до нашите македонски сцени, секогаш финалниот резултат е нешто што не се заборава, костими кои им даваат на претставите своевидна препознатливост.
Неговата врска со танцовите претстави е поврзаноста со Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар.Често истакнува дека руските класици се негова лична инспирација, па така и овојпат во креирањето на костими за претставата во Нови Сад.
Со оваа претстава е поврзан и со емотивен момент, имено таткото на Андреј режисерот, Владо Цветановски, бил оној што на некој начин го открил неговиот талент и со кого најмногу соработувал. Но, повеќе за Мицевски, од разговорот во продолжение.
* Оваа година ја започнавте со премиерата Идиот во театарот во Нови Сад. Како дојде до оваа соработка?
- Соработката со Унгарскиот Театар во Нови Сад оваа година е резултат или поточно продолжување на минатогодишната соработка што ја остваривме работејќи на претставата Паравани од Жан Женет во режија на Дино Мустафиќ. Поканата за повторна соработка ја прифатив со задоволство и за среќа овојпат тоа беше со нашиот млад режисер Андреј Цветановски со кого соработувавме за прв пат.
* Какво е чувството после премиера?
- Па задоволство и креативна исполнетост што воопшто во вака тешки услови успеавме сите заедно да реализираме еден толку обемен проект, што на некој начин успевам да одржам континуитет во мојата работа. Се надевам на идна соработка со Андреј, но и со овај прекрасен театар и ансамбл.
* Каков беше предизвикот за оваа костимографија?
- Огромен предизвик беше да се реализираат костими за екипа од 22 актери и за едно класично дело како што е Идиот од Достоевски. Концептот на режисерот да создаде една современа класика би рекол беше главна инспирација, а руските класици се и моја лична инспирација исто така. Создадов костими кои најмногу по дух би рекол ја почитуваат историската рамка и време во кое се случува дејствието, но кои со изборот на материјали, бои и комбинации, истото и го осовременуваат.
* Освен Вас во екипата се и Димитар Андоновски, Андреј Цветановски и Сергеј Светозарев. Каква беше соработката со останатите?
- Соработката течеше идеално би рекол, најважно од се е тоа што имаше доволно време, но и финансиски средства да се реализираат идееите на сите автори и на крај претставата да изгледа така сериозно и комплексно, за што добива одлични критика, а се надевам дека ќе има и долг живот и награди во иднина. Не можам да не споменам дека таткото на Андреј режисерот Владо Цветановски беше оној што на некој начин го откри мојот талент и со кого најмногу соработував, па оваа соработка покрај професионалниот го имаше и тој генерациски и емотивен момент исто така.
* Работевте и костимографија за претставата Крал Едип во Сараевскиот театар. Каков предизивик беше оваа костимографија и на што најмногу се фокусиравте при изработката?
- Крал Едип е мојата втора премиера годинава и на огромно задоволство се реализира во Националниот театар во Сараево. Веќе трет пат се враќам таму и секогаш со определено чувство и носталгија за едно време кое неминовно се рефлектира и во она што го работам. Уживав во работата на оваа класична драма и со прекрасниот ансамбл и режисер исто така. Предизвикот беше да се создаде еден помалку бизарен мрачен пост Ковид свет би рекол, на едно специфично визуелно ниво и естетика што веќе 10 години ја развиваме со режисерот од Словенија Диего Де Бреа.
* Каква е соработката со Диего де Бреа со оглед на тоа дека ова не е ваша прва соработка?
- Токму така, Диего е режисер кој има високи стандарди и критериуми и кој создава слики кои не сме ги виделе никаде на друго место и од кои извира една специфична експресија и убавина. Станува збор за естетика инспирирана од Словенечката авангарда, но и од многу други автори кои го негуваат култот на готичката црно бела фотографија и филм. Соработуваме на начин така што долго трагаме за да дојдеме до едноставно, но ексклузивно сценско решение.
* Каква е работата со сараевската театарска екипа?
- Сараевскиот театар е одлично екипиран и покрај сите болести на националните институции пошироко во регионот, успева да продуцира континуирано претстави во балетот, операта и театарот. Најважно од се е дека се снаоѓаат во новото нормално и сеуште со многу трпение, работа и љубов кон уметноста, создаваат и ги реализираат и најкомплицираните идеи на авторите.
* Во Битолскиот театар минатата година работевте на три претстави меѓу кои и History of motherfuckers. Што Ве очекува оваа година во Вашата матична куќа?
- Да, работата со Урбан Андраш секогаш е едно исклучително искуство и драго ми е дека секогаш успева да ме испровоцира не само мене туку и актерите и публиката. Важно е дека работев на три нови проекти и сигурно ќе има нови и годинава. Театарот во Битола е место каде постојано работам и се радувам на секој негов успех. Со сигурност ќе продолжам со работа на нова претстава која ја режирам и чија премиера треба да се случи наскоро, а за останатото ке ја почекаме официјалната програма одобрена од Министерството за култура.
* Препознатливи сте не само кај нас туку и на меѓународна театарска сцена, во текот на годината имате повеќе интернационални соработки. Кои искуства ги имате од работата на меѓународна сцена во споредба со македонската?
- Тешко е да се споредуваат искуствата од надвор и тука, за жал би рекол дури и невозможно. Иста е желбата и ангажманот да се создаде или да се биде дел од добра претстава, но условите за работа тука стануваат се потешки. Се наоѓаме во ситуација на едно постојано снаоѓање како да се реализира тоа што треба најдобро што може во услови кои тоа често не го дозволуваат.
За разлика од театарот во регионот кој континуирано создава нови претстави, одржува репертоар и прави фестивали, Македонскиот театар западна во една креативна, организациона и финансиска апатија. Тоа е директен одраз на пошироките состојби во општеството во последните 4 години и не гледам кога и како ќе излеземе од таа состојба. Или дека барем некого тоа го загрижува.
* Кој е следниот предизвик и соработка на Мицевски за 2022?
- Мојот следен проект е костимографија за претставата Големиот Диктатор во Драма Љубљана, најдобриот театар во регионот со кој често соработувам. На овај проект работиме веќе цела година но сега влегува во фаза на реализација, а премиерата е закажана за 26 ти Март.
Неда Маретиќ