Ивана Нолчева: Бебето го очекуваме во секој момент, со Анте сакаме да бидеме суперкул родители

Новинарката Ивана Нолчева, која неколку години работи во „Авалон продукција“ како лице за односи со јавност, и дел од организацијата, ги изненади медиумите на прес конференцијата за концертот на „Дип парпл“ во Скопје со својата појава. Ивана е бремена и за неполн месец, таа и нејзиниот сопруг Анте треба да станат родители на девојче.

- Искрено, за бременоста знаеа само најблиските. Не дека намерно ја криев состојбата, туку едноставно внимавав многу на себе и на здравјето, бидејќи бројките на заразени со Ковид беа сѐ уште високи и избегнував да се движам во големи кругови на луѓе. Така што бременоста практично ја поминав чувајќи се дома и така функционирав изминатиов период, со сите мои работни и приватни обврски. Инаку носам девојче, за името уште веднаш се согласивме со татко ѝ дека ќе се вика Веда и доколку сѐ биде во ред во деновите што следат, би требало да дојде на свет најдоцна до 1.јуни“, ни раскажа Нолчева.

Таа низ насмевка вели дека идејата, нејзина и на сопругот да бидат е пред сѐ другари, па суперкул родители.

- Ќе се потрудиме да дадеме сѐ од себе нашето дете да биде добро воспитано, да биде чесно, да биде добар човек со големо срце, да направи разлика од добро и лошо, да помага секому и да прифаќа различност кај сите луѓе. Да гледа во нас родители на кои може секогаш да се потпре и да наиде на разбирање и поддршка, да разговара за сѐ во секое време и за било каква ситуација. И секако, уште од мали нозе ќе се учи што е добра и квалитетна музика, затоа што сакаме уште еден член што ќе ни биде придружник на концерти и музички настани во иднина“, вели Ивана. Додава дека животниот ритам во последниве две години ѝ се сменил доста, не само на неа, туку и на сите што се занимаваат со оваа бранша.

- Две ипол години бевме со нашава работа практично во пауза и импровизации за одржување на концертнава индустрија во некаков живот, и многу ми е драго што ќе се случат концертиве без било какви ограничувања и конечно ќе може луѓето да уживаат на настаните во организација на „Авалон“, кои оваа година се прилагодени за сечиј вкус и за сите генерации!  Од аспект на мојава состојба да, поразлично е бидејќи досега сум била навикната да функционирам на еден начин, а сега за првпат ми претстои една сосема нова улога непозната за мене досега. Животните навики се менуваат и допрва ќе треба да се прилагодам на тоа, но од друга страна едвај чекам да станам мајка!“, ни раскажа Нолчева. Со оглед на тоа дека последниот термин за породување би требало да ѝ е први јуни, а концерот на „Дип парпл“ е четири дена пред тоа, на 28 мај, Нолчева ни изјави дека сепак би сакала да оди на концерот.

- Инаку, „Deep Purple“ е еден од омилените бендови на мојот татко и со оглед на тоа дека сум растена со рокенрол, имам голема желба да го фатам барем нивниот концерт. Но ќе видиме што ќе донесат деновиве што следат со оглед на тоа дека бебето очекуваме да дојде на свет во секој момент“, вели Ивана. И нејзиниот сопруг живеел рокенрол живот како и таа, и вели дека се нашле кога најмалку очекувале.

- Сопругот се вика Анте, работи во белгиска IT компанија за телевизиски софтвер. Страстен љубител на музика е, концерти, продукција и монтажа, има свирено во повеќе наши бендови. Животен сопатник кој колку и да го барав, немаше да го најдам, ама се најдовме двајцата кога најмалку очекувавме“.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива