„Јас сум тој што чека да се вратиш“: Емотивна посвета за Зоран Џорлев на Василичарскиот концерт

Добивај вести на Viber

Пејачот Огнен Здравковски, својот настап на традиционалниот Василичарски концерт кој се одржа вечерва во Националната опера и балет му го посвети на својот покоен вујко, Зоран Џорлев.

Огнен, пеејќи го евергринот „Дупла водка“ од Дарио, симболично погледнуваше нагоре, пеејќи ги стиховите „Кај и да си, еден ден ќе сфатиш, јас сум тој што чека да се вратиш“. Ова беше еден од најемотивните моменти на концертот. И за изведбата, и за посветата, Огнен доби топол аплауз.

Василичарскиот концерт годинава беше многу поразличен од претходните, совршено организиран по сите протоколи за заштита. И токму тоа што што беше различен го направи убав. Пократок, со помалку пејачи, малку, но многу вредни.Беше насловен „Best of“, се пееја најголемите хитови од претходните изданија.

Прекрасно е што моќниот глас на Биба Додева се врати на сцената, радост беше и настапот на Дани Димитровска, најдобар и највпечатлив нејзин настап досега, нежниот старт на Горан Наумовски, секогаш префинетиот и чист вокал на Ѓорѓи Цуцковски, Андријана Јаневска која гали со својот глас. Наде Талевска како и секогаш владее со сцената, нејзиното моќно пеење не ја изненади публиката, но ја изненади стајлингот и новата линија. Наде го затвори концертот со „Lady Marmalade“, и доби извици „браво“, традиционално.

Изненадување на вечерта беше младата пејача Ана Петановска, ново чудо од дете. Само што наполнила 17 години, а пее и се однесува на сцената како да е родена на неа. Една „I have Nothing“ од Витни Хјустон и „Тажна љубов, среќна песна“ од Тамара Тодевска ги испеа како да се за неа пишувани, а сепак на свој начин. Публиката веднаш го препозна квалитетот на оваа девојка која заслужува блескава музичка кариера.

Со оркестарот диригираше Бисера Чадловска, а песните ги збогатија придужните вокали Сара Пројковска и Ана Костадиновска.

Годинава, на концертот фалеше гужва, она топло поздравување на влезот и во фоајето, парада на фустани, јаките кармини на дамите кои беа покриени со маски. Секоја чест што концертот што години наназад ја слави Василица живее, со надеж дека догодина и публиката ќе заигра и ќе запее, без маски.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски