Кај сите Турци, таму и гол Aсан

Добивај вести на Viber

Кај сите Турци, таму и гол Асан. Да се случеше шамаров пред месец дена, сите ќе рипневме наопаку. Односно ќе го заштитевме детето, а на куцо магаре ќе ја качевме учителката и ќе ја шетавме, ко мечка што се шета на вашар.

Ама сеа пошто вуна Кичо, сите навијаат за учителката.

Односно пак не се сите. Пак се пола за ѕидот.

Е таа пола ни е** мајката. Прво беа малку. На прсти ги броевме. И баш така. Шамари и ластици им опињавме, бидејки, беа “мрсулковци“, кои не играа по фер правилата на еснафот, домашното васпитање и уличното васпитање, него сакаа да донесат некои свои “опинци правила“.

Е тоа порано не проаѓаше.

Ама види, овие еснаф правилава не беа напишани, па да земеш да прочиташ и да научиш. Не! Тоа беа просто сами по себе зададени норми, на фер и поштена игра во која било област. Ама буквално во било која област. На пример првата заушка од дома ја добиваш кога нема да речеш добро утро дома кога ќе станеш од спиење и после тоа целата приказна оди ланчано. Абе по пижами дома не смеевме да седиме, а не у тренерки у школо. Како сега на пример.

Не велам дека едните се краљевска лоза, а другите коњушари. Не!, никако.

И никако не бележам “ариевци и евреи“. Да не се разбереме погрешно уште на старт. Бележам луѓе и нелуѓе. Васпитање и неваспитање. Толку! А кој каде ќе се препознае, негово си е. Ја со тоа немам ништо.

У мое време, или кога Господ одеше по земја, ако учителка ти врзеше шамар, најдобро ќе беше ти дома воопшто да не кажеш.

Бидејки за тој еден шамар, дома ќе добиеше уште два.

Понекогаш ќе те прашаат зошто те шлакнала, чисто колку да се одложи времето до шамарот што треба да си го добиеш, или да ти дадеа минимум демократија, дека и ти можда може да си во право, а на учителката просто ете да не ѝ бил денот па ти врзала една.

Но најчесто не те прашуваа зошто ти врзала една. Не те прашуваа ништо. Тоа се подразбираше. Не те прашуваа, него одма имаш барем уште една, а најчесто две врзани. Една од едната страна, друга од другата. И тоа со иста рука на контра. Едноставно се подразбираше дека ти не си во право, а таа била во право.

Не ме прашувајте како знам. Знам.

Абе види. Го знаете она местоно над увото, кај што најмногу боли кога ќе те скубнат. Е еден ден мене татко ми од школо до дома ме носеше така.

Зошто!? Бидејки цел час се мававме со хартивчиња и со кинети гумички, од оние за бришење.

Наставничката не можеше да не смири. Ова беше некое трето-четврто оделение.

Се сеќавам, бидејки тогаш не ставија втора смена, па кога ќе се стемнеше зимно време, после петти час, татко ми доаѓаше да ме земе.

Не знаев само, од каде знаеше дека тоа сме го правеле. Тоа беше на последниот час и само што излегов од час, почна “скубната голгота“. Појма немав од каде знае. Немаше шанси учителката да му кажала, бидејки ние први излеговме.

Многу подоцна укапирав дека ѕиркал од прозорот. Прозорите беа офарбани од надворешна страна, ама ние со стакленце ја гулевме бојата за да зиркаме по училници. Ова го правевме тогаш кога требаше да се види дали следниот час историја “ќе дере“.

Не знам што да кажам.

Знам само дека тогаш ги мразев сите. Го мразев татко ми, ја мразев учителката, директорката, педагогот, психологот. Сите ги мразевме, бидејки не дај Боже да те пратеа кај педагогот. Готов си. Умрен. Рачунај дека на ражен ќе те печат дома. Нема да видиш ни патики, ни екскурзија, ни точак, ни скии, ни одмор.

И мајка ми ја мразев тогаш. Додуша неа малку помалку од сите други, бидејки единствено таа знаеше да попушти понекогаш. Ама сепак и нејзе ја мразев.

И таа знаеше дека ја мразам. Па ќе ми речеше. Не мора да ме сакаш, ама мора да ме почитуваш.

Ова се реченици кои цел живот ќе ги памтам.

Исто како и онаа на татко ми “додека си во оваа куќа и додека ја те ранам, има да биде ја како што ќе кажам“.

Уф и сега кога го пишувам ова ми се превртува желудникот, ама и солзи на очи ми доаѓаат, бидејки знам дека биле во право. Сурово да, ама биле во право.

Бидејки кога ја почнав да станувам “другарка“ со син ми на дванаесет години, па кога почна да ми се к**чи по дома, отидов одма на психолог да видам што е работава и кај сум испуштила конци.

Психологот ми рече. Другар со дете се станува на дваесет и пет години. До тогаш мора да се знае кој е кој.

Ауууу… Сум подранила. И тоа бајаги.

Знаев дека некој од конците нема да ги вратам и дека се испуштени, ама полека-полека ги дофатив уздите и вратив нешто назад, колку што можеше да се врати.

И пак ќе речам, не знам што да кажам.

Уствари знам. Мајка ни е*** сите оние родители кои на децата уште тогаш им купуваа се, без да заслужат и мајка ни е*** сите оние наставнички, кои почнаа наместо по еден цвет, да примаат парфеми, накити и свилени марами за 8-ми Март.

И ваучери за козметички салони.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин