Како ќе работат кафулињата и усгостителските објекти за празниците: Членови на Комисијата за заразни болести се за целосен LOCKDOWN

Членови на Комисијата за Фактор потврдуваат дека е можно да препорачаат нови порестриктивни мерки за да се заштити населението и да се спречи уште едно големо ширење на заразата кое би резултирало со огромен број нови позитивни случаи на корона вирусот во Македонија.

-В понеделник не очекува малку подолг состанок. Мораме целосно да ја анализираме состојбата. Секако ќе разговараме за нови мерки кои ќе бидат пред се наменети за начинот на работењето на угостителските објекти. Дали ќе се намалува работното време, дали ќе има одредени денови кога нема да работат, ќе видиме. Сепак, мора да бидеме подготвени за претстојните празници и да не дозволиме да имаме наеднаш нов бран на огромен број заразени, веднаш по прославите на Нова Година и на Божик, велат за Фактор извори од Комисијата за заразни болести.

Истовремено посочуваат и дека дел од членовите на оваа Комисија се за целосен LOCKDOWN на сите угостителски објекти од 31.декември до 8.јануари.

-Сметам дека така би било најдобро за да нема поголеми собирања, но воопшто ќе видиме дали ваква мерка ќе препорачаме. Се зависи што ќе покажат анализите од актуелната епидемиолошка состојба во Македонија, вели извор од Комисијата за заразни болести за Фактор.

Ќе се воведуваат ли нови рестриктивни мерки кои ќе се однесуваат на работењето на кафулињата и другите угостителски објекти пред и за време на претстојните новогодишни и божикни празници, ќе се одлучува во понеделник.

А.Б./Фактор