Калиoпи се сеќава на нејзиниот чичко Ацо: Жалам што последниве години не поминавме доволно време заедно

На својот чичко Ацо, како што таа секогаш го викаше, со тага во гласот се присети Калиопи, чиј музички и животен пат е поврзан со големиот композитор Александар Џамбазов. Познатиот музичар и диригент, омилен кај своите колеги и пријатели почина денека во Скопје, на 85 годишна возраст.

Кога за првпат ја претставуваше Македонија на „Евросонг“ во Баку, во 2012 година, Калиопи и нејзиниот тим создадоа документарен филм за неа, а во него една од клучните улоги ги имаше Џамбазов, човекот кој ја напиша првата песна на Калиопи, „Мојата учителка“.

-Таа се качи на столче и почна да пее. Веднаш знаев дека ќе биде голема пејачка“, изјави тогаш Џамбазов за Калиопи. За Женски магазин, таа ги сподели своите најдрагоцени спомени за познатиот композитор и диригент.

-Многу сум тажна, но и среќна што во мојот живот постоеше еден чичко Ацо, Александар Џамбазов. Маестро, човек, којшто целиот беше музика. Една искрена насмевка, топлина, срдечност, непосредност, вистински татко. Тој не беша татко само на своите деца, на Игор и на Тања, туку мислам дека попатно се стекна со правото да биде татко на многу деца, во најмала рака музички татко. Бидејќи од него, ги научив првите нешта во однос на тоа што се вели професионалност на сцена. 1976 година, кога ја добив неговата песничка „Мојата учителка“, и тоа прво познанство во „Сутјеска“ одморалиштето во Охрид каде што беа закажни првите подготовки и проби за „Златно славејче“.. да, тоа беше нашата прва средба којашто чичко Ацо убаво ја има опишано во документарниот филм „Тоа сум јас“ којшто го режираше неговиот син Игор Џамбазов“, се сеќава Калиопи со носталгија.

-Таму чичко Ацо зборува за тие средби. Јас и да се трудам сега да ги раскажам нема да можам толку живописно коку што тој умееше да ги раскажува. Но да, ќе биде забележан во мојата биографија, во мојот живот како човек којшто ја напишал мојата прва песна што ја имам оптеано, којашто се нашла на носач на звук. Прва објавена песна, и сметам дека со таа песна запишавме нови страници во историјата на „Златното славејче“. Песна којашто стана химна на сите школи, сите учителки, деца. Дефинитивно, чичко Ацо беше секогаш присутен на сите мои големи настани. И, ако за нешто жалам, тоа е што последниве години не поминавме доволно време заедно, но мисловно, секако бевме секогаш  врзани. Голем композитор, голем диригент, едноставно, пред се голем човек. Таков бепе, мојот чичко Ацо. Вечна му слава“, ни раскажа Калиопи. 


М. Џаровска