Канал 5 прослави 25 години во етерот: Расположени политичари, весели новинари

Со мотото „25 години меѓусебна поврзаност“ Канал 5 Телевизија ги собра најеминетните личности на едно место и прослави четврт век во македонскиот етер.

На црвениот тепих пред влезот на ресторанот продефилираа премиерот

Димитар Квачевски, претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски. Расположени и опуштени – издание како што доликува на гала прослава со богата шведска маса и голема роденденска торта со логото на Канал 5. Атмосферата дополнително ја „вжешти“и изборот на музика. Наде Талевска, Горан Наумовски и Ана Петановска придружувани од Горан Папаз отпеаа македонски и странски евергрини. Потоа следуваа блокот нумери во изведба на групата на Петар Ренџов. 

Честитките до тимот пристигнуваа од различни страни.

-Да се множат годините. Канал 5 е симболика за една транспарентност, отчетност, веродостојност, споделување на информации. Вакви медиуми повеќе недостасуваат во нашата држава – ни изјави Сања Лукаревска, директорка на УЈП.

Тимчо Муцунски, градоначалникот на Општина Аеродром посочи дека му е задоволство што со дел од неговите сопартијци е на прославата.

-Телевизија која долго време има учествувано во македонскиот медиумски простор. Телевизија којашто има одлична програма, како забавна, така и политичка. Вести кои ги цениме. Телевизија со којашто секогаш соработуваме и којашто е секогаш отворена за соработка, не само со политичките партии, туку и со сите чинители на општеството. Да им честитаме, да им посакаме уште многу вакви родендени да слават и сите заеднички да работиме за поуспешна држава – изјави Муцунски.

На забавата беа присутни и поранешните новинари, уредници и дел од техничкиот тим кои во изминативе години оставиле свој печат на телевизијата, како и истакнати личности од различни сфери кои честопати гостуваат во контактните емисии. Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија истакна дека како соговорник бил присутен уште од првата година на постоењето.

-Навистина една од најдобрите телевизиски станици. Сметам дека има многу гледачи заради актуелноста, навременото и брзо и правилно информирање на гледачите. И’ посакувам на Канал 5 уште многу години да го задржи нивото што го има досега – рече д-р Докиќ.

Атрактивните водителки на утринската програма, Зевзеците, презентерите на вести, новинарите на информативната програма и техничкиот персонал беа домаќини за пример. Особено директорот Иван Мирчевски кој го испочитува секој присутен гостин.


С.А.Н

Фото: Вангел Тануровски