Ќе се види кој колку голем верник е: Велигденски со Коки Јанков
Музичарот Коки Јанков вели дека за верата и за
црквата може многу да зборува, особено затоа што долги години ја проучува
Библијата. Познатиот виолинист смета дека мерката за тоа кој колку голем верник
е допрва ќе се види. Во времето кога луѓето се поделени околу тоа дали е во ред
екот на епидемијата да се оди на причест пред Велигден или не, Коки за Женски
магазин го сподели своето мислење:
„За верата и за црквите можам да зборувам многу. Јас лично од 2007 година се дружам со Библијата и сѐ уште ја проучувам и учам од словото Божјо. Верувам во Бог зошто без него не можеме да направиме ништо. Ја барам неговата мудруст. Нашите патишта со неговите патишта, обично се различни. Во еден пример во Библијата, Исус им одговара вака: „Тоа што е на властите, дајте им го, тоа што е за Бог, дајте му го нему“. Мерката за тоа кој колку голем верник е, ќе ја видиме кога ќе заврши овој живот. Седете дома“, порачува Јанков. Деновите во време на изолација, тој ги поминува во неговиот роден Штип. До скоро, со него во Штип беше и неговата ќерка Лара.
„Оваа ситуација ми дојде многу добро, океј сум, ништо не ми фали-само да ве гушнам. Јас сум во Штип, заедно со Лара,од 10 март. Ќерка ми беше со мене до 16 април, потоа ја вратив во Скопје. Поминавме прекрасно време и се фокусиравме на училишните задачи, што со нејзините, што со моите. Јас реално со компјутерите сум скаран, само основни работи, ама се снајдовме некако“, ни изјави Коки кој во време на изолацијата вели дека има голема музичка инспирација.
„Што сѐ нема да ти падне на памет во ова време,музиката нема крај. Некој идеи дојдоа, па ќе видиме. На гитара правам некои снимки, што за Фејсбук, што за мене лично, си правам филмови. Едвај чекам да отворат кафаните, доста беше мислам. Или ќе легнам во 4-5, или ќе станам во истото време, не сум научен по дома, нема смисла, ама тоа е. Некој килограм плус не е на одмет“, вели Коки. Една од поемотивните изведби кои ги објави на неговиот Фејсбук профил е од песната „Еј калдрмо“, која ја испеа неговиот покоен друга и колега Душан Љубисављевиќ- Дуле додека беа заедно во дуото Дуле и Коки.
За крај, Коки упатува поддршка до здравствените работници.
„Шегата на страна, жал ми што поминуваме низ сето ова но се надевам ќе извлечеме поука за вистинските вредности,а секој треба да е свесен кој се тие. Ги охрабрувам здраствените работници. Бог со нас. Среќни велигденски празници“.
М.Џаровска