Кларинетистот Благојче Трајковски го обедини Балканот: Музичко патување наречено „Трепет“

Добивај вести на Viber

„Ја користам приликата да се заблагодарам на сите луѓе кои максимално се вложија, го дадоа својот придонес и во ова дело оставија дел од својата душа.“-вака на промоцијата на социјалните мрежи, за својата прва композиција се заблагодари кларинетистот Благојче Трајковски.

Композицијата насловена како „Трепет“е во соработка со пејачката и виолинистка Андријана Јаневска и раскажува едно музичко патување на двајца реномирани музичари, кое го освојува сечие срце.

Посебна доза на уживање дава придружбата на камерниот оркестар, прекрасната атмосфера на битолскиот Завод и музеј, гостите инструменталисти, гитаристот од Бугарија Петар Миланов, перкусионистот од Македонија Ратко Даутовски, диригентот Димитар Христов кој беше задолжен за аранжманот на музиката на Трајковски.

Трајковски важи за еден од најдобрите македонски кларинетисти, со долгогодишно искуство позади себе.

*Љубителите на добриот музички звук имаа можност да го чујат премиерно првиот проект од албумот, соработка помеѓу Благојче Трајковски и Андријана Јаневска. Како се роди оваа идеја?

- Па, идејата за конкретно овој музички производ дојде сосема спонтано, но морам да признаам дека желбата да се работи заедно со Андријана ја имам доста години наназад. Ние претходно заедно сме учествувале во многу други проекти и отсекогаш Андријана ми била совршен пример за висок професионализам, сериозен пристап и што е најважно има сериозно музичко познавање. Така што, веднаш откако ми се роди идејата да се направи вакво музичко парче, првиот човек на кој ми текна беше Андријана.

 *Какво е чувството сега после промоцијата?

- Чувството е навистина многу пријатно и бескрајно позитивно. Такво чувство не‘ води уште од самото создавање на ова музичко парче. Почнувајќи од создавањето на самата идеја, па преку аранжерското обликување, па се до  снимањето и работата во студио, сите луѓе кои работеа на оваа композиција влегоа со максимално позитивни емоции, сериозна одговорност и силна желба за што поголем придонес. Сето тоа ни донесе одличен производ, а доказ дека сме направиле добра работа се многуте позитивни реакции кои доаѓаат не само од луѓето од нашето поблиско опкружување, туку од сите страни на светот.

*Вие сте автор на музиката. Каков предизвик беше тоа за Вас?

-  Јас низ годините наназад сум дел од многу музички проекти и најчесто мојата работа е изведувачка, односно интерпретаторска како солист на кларинет. Но, јас во мојата душа отсекогаш си носам еден бунар во кој има многу инспирација и безброј идеи, кои не многу често досега излегувале од мене. Многуте ангажмани како инструменталист, настапите, студиската работа, континуираната работа со неколку бендови како и работата во педагошката дејност во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и Факултетот за Музичка Уметност во Штип целосно го исполнуваат моето професионално време и ме исполнуваат како музичар. Но, ете дојде момент да додадам уште еден сегмент во моето професионално работење, па така еден дел од музиката што ја носам во себе да излезе од мене и да ја споделам со сите добри луѓе. Секако дека создавањето на оваа музика  и се што е поврзано со неа е голем предизвик за мене. Прво затоа што се трудам да дадам сериозан придонес во мојата професија, а другото е тоа што оваа музика ја работам со една сериозна екипа на музичари од целиот Балкан и сето тоа создава една посебна магија и задоволство.

*Овој музички проект го најавивте како една голема соработка со многу музичари како од Македонија така и од целиот Балкан. Со кого соработувавте за овој албум?

- Најголемата инспирација, поттик и енергија за создавањето на овој музички производ ја добив од почитуваниот господин Димитар Христов. Тој претставува еден исклучителен човек, голем музичар кој дава огромен придонес во негувањето и развојот на целата Балканската музичка традиција. Ја имав честа во 2017та година да настапам на иста сцена со него и Оркестарот за Народна музика на БНР во Софија, каде што тој работи како раководител и диригент. Оттогаш па наваму ние имаме една исклучителна поврзаност која се базира на искрено почитување и безрезервна поддршка кога е во прашање музиката. Како резултат на таа меѓусебна поврзаност ќе излезе и овој музички проект. Целосно музиката е моја, а Димитар Христов ги прави аранжманите на сите композиции. Во овој проект свој придонес даваат многу други музичари. Јас во моментов не би ги наброил сите до еден, но би споменал еден дел. Покрај Андријана Јаневска која беше солист на првата нумера, во втората нумера која треба да ја промовираме за скоро ќе се појави гадуларката Христина Белева, потоа ќе го видиме нашиот трубач Џамбо Агушев, гитаристот Ангел Демирев и многу други. Но, многу важно да се спомене е дека покрај овие луѓе кои ќе настапат како солисти имам една плејада на врвни музичари кои се дел од сите овие композиции. Тука се: Ратко Даутовски на перкусии, Петар Миланов на гитара, Иван Кукиќ на бас, Благоја Антовски на ударни инструменти, еден прекрасен гудачки оркестар составен од луѓе кои што работат во најсилните музички институции во Македонија: Македонска Филхармонија, Македонска Опера и Балет и НУ „Танец“. А покрај нив, на мое големо задоволство, во овој музички албум ќе го имам и еден од најдобрите женски хорови, хорот „Вања Монева“. Ја користам приликата да го споменам и музичкиот продуцент Дејан Момироски, кој е задолжен за целосната тонска продукција. А кога сме кај тонското снимање, морам да ги споменам и Алекс Нушев од Софија и Виктор Јорданов-Кардама од Пловдив.

*Со овој проект го обединивте Балканот. Колку музиката има моќ да ги обедини луѓето и да со свој музички јазик кој го разбираат сите, ги зајакне мостовите на соработка ?

- Мене ми е посебно драго што се случува ова уникатно музичко дружење и разменување на многу енергии, емоции, како и професионални гледишта. Факт е дека уметноста на Балканот отсекогаш ја има најголемата моќ на обединување на луѓето и е во мртва трка со политиката, која пак го прави спротивното. Иако е излитена од споменување, јас пак ќе ја споменам фразата дека музиката навистина не познава граници и е навистина најсилното оружје за сплотување. Живееме навистина во едно многу турбулентно време, каде што цело време струјат разно-разни енергии за разединување на Балканот, но само уметноста  е „глува“ и „слепа“ на сето тоа и со своето дејствување прави нешто магично. И кога е во прашање музиката, мостовите на Балканот никогаш не биле „разнишани“. Оваа позитивна енергија што јас, Димитар Христов и целата екипа на музичари ја предизвикуваме во моментов е само надополнување на онаа позитивна енергија која ја предизвикувале фолклорнте ансамбли „Танец“ од Македонија, „Коло“ од Србија и „Филип Кутев“ од Бугарија на своите заеднички концерти, на позитивната енергија создадена од Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов и Мирослав Тадиќ на нивните заеднички концерти, енергијата создадена од многуте наши солисти на класична музика кои последните години настапиле со Софиската Филхармонија, со Белградската, или пак со Загребската Филхармонија, како и многуте Балкански солисти кои настапиле со Македонската Филхармонија. Па оттука само кратко можам да кажам дека сум многу среќен што се занимавам со оваа професија.

*Што за Вас значи негувањето на македонската музика и фолклор?

- Негувањето на македонската музика и фолклор за мене претставува едно огромно задоволство пред се, потоа еден голем предизвик и на крајот една сериозна одговорност. Нашиот музички фолклор е еден навистина непресушен извор и претставува едно сериозно богатство. Уште од моите почетоци, благодарение на татко ми, точно пристапував во изучувањето и  анализирањето на нашата музичка  традиција. Темелно сум ги проучил и анализирал сите сегменти кои ги поседува нашата традиционална музика, како инструментална, така и вокално инструментална. Покрај македонската традиционална музика, секогаш сум се трудел во рамките на моите можности да посветам внимание на другите балкански музички традиции, па така да направам една компарација која многу ми помогнала  за целокупниот мој развој на тоа поле. Од друга страна, јас како професионален музичар, чувствувам сериозна одговорност кога е во прашање зачувувањето и негувањето на традиционалната музика кај нас. Во овој сегмент се чувствувам најнемоќен, затоа што кај нас постои огромно непознавање за традиционалната музика, постои еден голем аматеризам и сето тоа прави еден сериозен проблем со кој се соочуваме низа години наназад. И како одминува времето, кај мене се губи оптимизмот дека нешто ќе се промени на подобро. Но, во секој случај, никако не се откажувам од мојата мисија за придонес во македонската народна музика.

*Благојче ја промовираше и книгата Кларинетот и кларинетистите во сериозната музика. Од каде инспирацијата?

- Како што кажав и претходно, јас работам како педагошки работник во две многу силни и значајни музички институции во државава. Таа работа исто така донесува една многу убава енергија, исполнетост, но од друга страна си има и доста предизвици. Еден од тие предизвици за мене беше да создадам некаков пишуван материјал на македонски јазик кој ќе биде поврзан со кларинетот и сериозната музика. Па така настана првиот дел од книгата „Кларинетот и кларинетистите во сериозната музика“. Таа книга излезе како резултат на моите педагошки достигнувања во областа на сериозната музика. Многу ми е драго што таа книга претставува првата официјално објавена книга која ја обработува таа тема на македонски јазик. Сето тоа мене ми дава поттик да создадам уште пишувани документи кои ќе останат во наследство како нешто што ќе даде придонес во развојот на младите музичари.

*Вашата музика беше дел и од еден филмски проект. За што се работи?

- Ја имав таа среќа да нешто што значи моја музика се најде во такви некои сериозни проекти. Како инструменталист сум учествувал во многу документарни, играни филмови, како и многу театарски претстави. Последно нешто е еден интересен документарен филм, кој се очекува да се појави за скоро, а како тема го обработува распадот на Југославија.  Мене ми е посебно драго што мојата музика беше оценета како најдобра од Македонија за потребите на тој филм. Покрај тоа, јас пред 3 години имав голема среќа моето име да се најде на музиката од корејскиот филм „Окја“, кој беше во копродукција со Нетфликс и постигна навистина голем успех. Во тој проект влегов благодарение на Џамбо Агушев, кој беше носител на музичкиот дел од проектот и за мене сето тоа претставува едно од моите поголеми достигнувања.

*Колку периодот на lock down и пандемијата влијаеше врз работата на Трајковски?

- Да бидам искрен, но да не бидам погрешно сфатен, периодот на lock down, мене ми донесе многу позитивни работи. Пред се тие позитивности се однесуваа на моето здравје, а потоа на мојот дух и целокупниот ментален склоп. Пред пандемијата јас доста години живеев во едно темпо кое беше претерано динамично. А пак последната година и пол пред пандемијата таа динамика ми беше избегана од контрола. Бев цело време ангажиран, работев на проекти и во Србија и Бугарија, бев нон стоп со инструментот во раце и некаде свирев, а кога не свирев, најчесто бев во автомобил и патував од една точка до друга. Единственото нешто што ми помогна да се средам од целото тоа професионално „лудило“ беше пандемијата. Многу се смирив, се одморив во вистинска смисла на зборот, комплетно го променив начинот на живот, многу го зацврстив духот и едноставно ги повлеков сите ризици кои ги носеше претходниот начин на живот со себе.  Успеав да се посветам на семејството, да си овозможам некои други задоволства кои претходно не можев, да создадам многу музика, да напишам многу трудови и пред се да се набилдам со многу енергија и инспирација за нарениов период. 

*Кои се наредните планови?

- Искуството досега ме научи многу да не планирам, туку едноставно да ме носи моменталната емоција и енергијата која ја создава околината. Секако дека во моментов работам на многу музички проекти. Оваа е година на убави нешта со убави луѓе и се надевам дека нема да се случат некои негативности како претходно, па да бидеме спречени во создавањето на добри нешта. Мојот албум е при крај, работиме на два одлични проекти со Фонтана, славиме 20годишен јубилеј со Љубојна. Тоа се најголемите активности што во моментот ги имам, а сигурно пропратно ќе ги има уште многу можности за придонес во музиката.

Ја користам приликава да се заблагодрам на Вашето внимание, на Вашата посветеност и професионализам и искрено да Ви посакам уште многу успеси и остварувања во иднина.

Видеото е дело на Веста продукција, фотографиите и постерот на Коста Дупчинов,  за стајлингот се погрижи Андреј Папаз Георгиевски, снимано во XLstudioMomiroski / ANP Music Production by Aleks Nushev.

Видеото од Трепет 


Неда Маретиќ