Класичната убавина во борба против онлајн убавината: Четирите грации Цеце, Ана, Вера и Тања заедно во кампањата за „Фешн груп“

Безвременската убавина чиј „школски“ пример се Светлана Црнокарк, Татјана Стојановска, Вера Мештеровиќ и Ана Биновска-Кочева беше мотивот да се спојат овие четири убави дами во новата есенска кампања на „Фешн груп“.

Она што освен убавината и грациозноста ги спојува, е и тоа што секоја од нив се има закитено со титула за убавина, а денес се успешни, секоја во својата професија.


-Концептот на кампањата овојпат беше да прикажеме една поинаква убавина, убавина која е безвременска и која секогаш е тука да сведочи за она што во себе го носат македонските дами. Штом го разработивме концептот, веднаш знаевме дека сакаме да се вратиме наназад и повторно да уживаме во уникатноста и впечатливоста на некои од девојките чија надворешна и внатрешна убавина е признаена во целиот свет. Знаеме дека има многу убави дами кои што успеале да се изборат за титулата Мис, но ова дефинитивно беше првичниот избор за кој знаевме дека ќе и се допадне на публиката и не погрешивме во тоа. Коментарите за Светле, Тања, Вера и Ана се едноставно прекрасни, а тоа беше и целта, уште еднаш да докажеме дека реално, убавината е нешто што трае и низ годините се покажува преку различни форми“, ни изјави Јордан Колевски, маркетинг менаџер во „Фепн груп“.

Колевски додава дека не постоел подобар можен начин за промоција на парчињата од новите колекции на нивните брендови, па и повеќе од среќни се што кампањата е мошне успешна.


 Светлана, Вера и Тања се и денес актуелни во јаввноста, но помалку актуелна е Ана Биновска- Кочева, Мис на Македонија за 1998 година, која долги години работи во А1 Македонија.

-Ние четири се познаваме многу долго време и имаме соработувано низ годините. Нашите животи се испреплетуваат на многу интересни начини. Тања и јас сме израснати во соседни згради во населбата Кисела Вода. Нашето прво, официјално запознавање беше непосредно по изборот, а по неколку години настапивме заеднички како водителки на изборот за „Мис на Македонија“ за 2000 год. Последен пат заеднички гостувавме во емисијата „Живот со стил“ кај Елена пред 3 години. Во истата емисија друштво ни правеше и Вера. Со неа, освен што имаме заедно настапувано на многу ревии (на пр., ревијата на модната куќа „Систина“, на Сека Радончиќ и многу други), во последните години повеќе се гледавме на детски родендени кај наша заедничка пријателка. Со Светле имам настапувано на многу модни ревии, снимања и телевизиски“, раскажа Ана за соработката со колешките, a Татјана со голем мерак објасни како се споиле повторно четирите убавици.


-Идејата на Фешнгруп беше да ја претстави новата колекција есен-зима која е во ретро стил со дами кои имаат врска со модата од минатото, и ги одбраа мисиците на Македонија од 90 тите . Модата се менува, но моќта останува иста. Така дојде до спојот на нас 4, кои ги одбележаа 90 тите во Македонија во поглед на изборот за Мис на Македонија и модната сцена од тоа време. Фотосесијата беше едно убаво доживување, и можам да кажам дека бев пријатно изненадена од професионалноста на целиот тим. Маестралниот Зоран Шурбевски перфектно го долови тој ретро стил со шминка и фризури , фотографот Бојан Стоилковски не инспирира за да бидеме максимално опуштени и да ги доловиме сите пози и да ги претставиме моделите во најдобро светло. Сите 4 имаме искуство со камера, но многу е важна атмосферата за да го извадиме максимумот. Голема благодарност до „Фешн груп“ и тимот од маркетинг на чело со Јордан Колевски за поканата и високата професионалност за реализација на овој проект“, ни изјави Татјана Стојановска, презентерката на вести од Канал 5.  

- Тања, Ана и Вера се прекрасни личности, девојки и жени. Се познаваме и сме работеле заедно долги години наназад. Целата екипа беше одлична. Кога на едно место ќе се спојат професионалци во својата работа, а воедно и  зрачат со позитивна енергија, тогаш резултатите се очигледни и неизбежни“, вели Светлана Црнокрак која ја искоментира женската убавина некогаш и сега кога трансформациите се достапни благодарение на многуте филтери на социјалните мрежи.

-Многу е тешко, речиси невозможно да се врати времето и стандардите во убавината. За мене на пример најубави жени биле и секогаш ќе бидат славните глимици Ава Гарднер, Мерлин Монро, Елизабет Тејлор, Софија Лорен..не бадијала старите  за некоја убава жена кажувале дека е убава како глумица... или од манекенките незаборавната постава на Синди Крафорд, Клаудија Шифер, Линда Евангелиста...Тоа е онаа класична убавина која за жал веќе ја нема. Сега преовладува комерцијалната убавина на социјалните мрежи,

онлајн убавина која треба да привлече што повеќе лајкови и следачи на социјалните мрежи, а е далеку од она класична  и традиционална убавина. Но, сепак и едната и другата убавина не би била комплетна доколку не се покаже и нешто од внатре“, вели Светлана.


Вера Мештеровиќ, која сега е водител на Утринската програма на Канал 5, ни даде коментар на истата тема:

-Вистинските вредности,природноста секојпат била ценета,а тоа секојпат и  ќе биде така според мое видување. Порано можеби помалку знаевме за алатките кои се користат во фотографијата,филмот па и помалку биле коментирани,а денес со брзиот раст на технологијата постојат многу програми,апликации со најразлични ефекти. Па така,можат да се користат и коментираат истите но сепак и денеска луѓето сакаат да ја нагласат природноста и често пати ставаат коментар дека фотографијата или видеото е без филтер. Изборот е оставен индивидуално секој да си негува стил на изразување,творење преку социјалните мрежи онака како,кога личноста ќе си одбере. Како што кажав и во минатото сите снимени материјали или фотографии кој се за објава биле обработувани,просто тоа оди така,тоа е процесот. А денеска поради разноликоста и достапноста на технологијата повеќе се коментира од поширок круг на луѓе. За мене е важно човек да се грижи сам за себе,за својот надворешен изглед,внатрешноста да си ја негува душата. Секој да се обиде да изгледа најдобро колку може за своите години не само поради изгледот туку и поради целокупното општо свое здравје“, ни изјави Вера.

Ни најубавите жени на светот не се без маани, а овие убави дами ни открија кои се нивните доблести и маани.

-Јас својата маана  ја  сметам  во исто време и како доблест. Голем перфекционист сум во во се она што го работам.Сакам да ми биде све скоцкано под конец, средено, профи сработено и навреме.Тоа и го очекувам од другите што во денешно време е малку тешко и често пати ме иритира А од друга страна пак го сметам  и за доблест. Доколу не би била таква не би успеала и не би била тоа што сум денес“, вели  Цеце Црнокрак.


-Мана ми е што им верувам на луѓето, а доблест ми е што можам да ги проценам луѓето“, вели Татјана Стојановска и објаснува што е за неа вистинската женска убавина:  

-Убавината е во нашата душа, ако ја немаме внатре, нема да зрачи ни надвор. Секоја жена е убава, само треба да биде предизвикана од околината за да ја покаже таа убавина. Убава жена е среќна и реализирана жена, во семејството, во професијата, во односите со луѓето околу неа. Надворешната убавина е само надополнување на она што таа го носи во својот карактер и односот со луѓето“, вели Тања.

Според Ана Биновска-Кочева, денес, со помош на социјалните медиуми, секој може да создаде токму онаква слика за себе и за својот живот каква што сака. „Освен филтрите, достапни ни се и многу различни козметички процедури и естетски интервенции, кои резултираат со еден нов вид на убавина, карактеристичен за новото време“, вели Ана и заклучува декаи тоа е сосема нормално, секое време си има своја убавина.

Милица Џаровска

Фото: Бојан Стоилковски