КОВИД ПРЕДИЗВИКУВА ОШТЕТУВАЊЕ НА ТКИВОТО НА МОЗОКОТ: Најнова студија открива низа ефекти на вирусот
Ковид-19 може да предизвика поголемо губење на сивата материја и оштетување на ткивото во мозокот отколку што природно се случува кај луѓе кои не биле заразени со вирусот, покажа големата нова студија.
Студијата, објавена во понеделникот во списанието Nature, а која ја пренесува The New York Times, се верува дека е првата во која се вклучени луѓе кои биле подложени на скенирање на мозокот и пред да се заразат со Ковид и неколку месеци потоа. Невролошки експерти кои не биле вклучени во истражувањето предупредија дека импликациите од промените се нејасни и не мора да сугерираат дека луѓето може да имаат трајно оштетување или дека промените може длабоко да влијаат на размислувањето, меморијата или други функции.
Студијата, која вклучува луѓе на возраст од 51 до 81 година, открила намалување и оштетување на ткивото првенствено во областите на мозокот поврзани со сетилото за мирис, некои од тие области се вклучени и во други функции на мозокот, велат истражувачите.