„Јазикот ќе го одржуваме жив доколку го зголемуваме бројот на неговите говорители и создаваме преведувачи“, лекторот Златко Панзов по повод промоцијата на дел од творештвото на Конески на унгарски јазик

Добивај вести на Viber

„Јазикот ќе го одржуваме жив доколку го зголемуваме бројот на неговите говорители и создаваме преведувачи“, лекторот Златко Панзов по повод промоцијата на дел од творештвото на Конески на унгарски јазик

„Доколку вашата култура ја презентирате во друга културна средина, таа станува видлива за таа публика. Колку повеќе сте присутни во дадената културна средина, толку повеќе се зголемува интересот и се оформува публика. Рецептот е многу едноставен“. Вака го започнавме интервјуто со македонскиот лектор во Будимпешта, Златко Панзов, а по повод промоцијата на дел од творештвото на Конески во Унгарија.

Имено во библиотеката на Катедрата за славистика на Институтот за славистика и балтичка филологија, беше промовирана книгата„За македонскиот јазик“ од Конески на унгарски јазик.

Книгата претставува избор на текстови од Конески, а во истата е додадена и статијата Неколку зборови за македонскиот литературен јазик од Мисирков. Книгата излегува во реномираната едиција Opera Slavica Budapestinensia во Linguae Slavicae на Универзитетот ЕЛТЕ.

Изборот на текстови е на м-р Златко Панзов, преводот на унгарски на Анамарија Цинеге-Панзова.

На овој начин беше одбележан јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта,а воедно настанот беше дел од Денови на македонска култура.

На настанот присуствуваше македонскиот амбасадор во Унгарија, г-дин Горан Стевчевски.

На присутните им беа поделени книги, како и рекламен материјал, тефтери, пенкала, плакати.

Крајот од книгата содржи фотографии од првите изданија на Граматиката и Историјата на македонскиот јазик, Решението за донесување на македонската азбука, првиот Правопис и корицата од „За македонските работи“ од Мисирков.

Околу идејата да се преведе дел од творештвото на Конески, Панзов вели:

Оваа година чествувавме 100 години од раѓањето на Блаже Конески, сметав дека јубилејот треба  да се одбележи и во Унгарија, бидејќи последниве години Лекторатот по македонски јазик го привлекува вниманието на голем број студенти и други заинтересирани лица за изучување на македонскиот јазик. Од друга страна, сето она што се случува со непризнавањето на македонскиот јазик предизвикува интерес и тука, во Унгарија, луѓето се обидуваат да ја сфатат апсурдноста на сите тие тврдења и секако помош бараат од мене, затоа сметав дека изборот на текстови од Конески кои се однесуваат на македонскиот јазик, неговата кодификација, неговото место меѓу словенските јазици и неговата одбрана, ќе допринесат за подобро разбирање на проблемот, подобро разбирање на историјата на македонскиот јазик и појдовна основа за студентите за запознавање со историските прилики и основи на формирање на македонскиот јазик.

Затоа во зборникот ја додадовме и статијата „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“, со цел да создадеме една целина, еден континуиран историски пресек на развојот на македонскиот јазик.

Какво значење има претставувањето на македонски автори во странска држава?

Секако дека е многу важно. Кога претставувате еден автор во странска држава, не го претставувате само авторот и неговото дело, туку и културата од каде што доаѓа. Тоа побудува и интерес за државата и за јазикот на таа култура.

Во изминатиот период во Унгарија се преведоа најзначајните книжевни дела од Македонија, а во Будимпешта се организираа повеќе промоции и гостуваа нашите најзначајни писатели: Лидија Димковска, Румена Бужаровска, Венко Андоновски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Фросина Пармаковска, уредникот и сопственик на Или-Или, Ненад Стевовиќ итн. Македонската литература станува сѐ повидлива, а интересот за неа поголем, во наредниот период во превод на унгарски ќе излезат уште неколку дела. 

Како реагира публиката и студентите, колку се заинтересирани?

На сите промоции сме имале голема посетеност и сите биле успешни, исто така предизвикаа интерес кај унгарските медиуми и имаше повеќе интервјуа со писателите кои гостуваа во Будимпешта. За интересот на публика говори и фактот што романите беа распродадени, а „Мојот маж“ од Румена Бужаровска доби и второ издание на унгарски јазик. Студентите, особено почетниците, имаат можност да читаат македонска литература на унгарски и секако, присуствуваат на сите промоции. 

Имавте промотор од универзитетот во Братислава. Каква е вашата соработка?

Промотор на зборникот „За македонскиот јазик“ од Блаже Конески беше проф. д-р Звонко Танески од Универзитетот „Јан Коменски“ од Братислава. Танески е преведувач, научник, македонист, кој освен редовните предмети што ги предава на неговиот универзитет, веќе со години предава и македонски јазик, без никаков надомест или поддршка од Македонија. 

Имаме одлична соработка со проф. д-р Танески, разменуваме искуства, присуствуваме на научни настани во Унгарија и Словачка, со заемна помош ги прошируваме нашите академски познанства и врски во двете земји.  

Преводот го направи Вашата сопруга. Колку ѝ беше тешко да преведува дело од Конески?

Преводот на текстовите го направи Анамарија Цинеге-Панзова, според неа тешко беше да се пренесат текстовите на унгарски јазик, но истовремено ѝ предизвикуваа и предизвик. Најтешко ѝ беше да се пренесе јасниот стил, исполнет со многу информации, реченици наоружани со стручни факти и аргументација, и сето тоа да се репродуцира, иако стилот многу лесно се разбира и како резултат на тоа многу лесно се следи мисловната нишка на текстот. Текстовите на Конески не се само научни текстови, туку и еден вид научно-информативна литература за поширока публика.

Изјавивте: Со овие настани ја правиме видлива македонската култура во Унгарија. Од какво значење се овие настани и да споменеме дел од останатите активности?

Доколку вашата култура ја презентирате во друга културна средина, таа станува видлива за таа публика. Колку повеќе сте присутни во дадената културна средина, толку повеќе се зголемува интересот и се оформува публика. Рецептот е многу едноставен. Бидејќи се работи за две различни култури од која една (македонската) е речиси непозната за другата (унгарската), нужни се ваков тип на настани. Јас веќе три години ја организирам манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ и се обидувам да ја пренесам нашата култура во Унгарија. Организирањето на ваков тип на настани е мошне скапо во Будимпешта, а поддршката од Министерството за култура е недоволна, иако вашиот проект се оценува со висок број на бодови, добивате само една четвртина од средствата кои се потребни за реализирање на проектот (како што беше случај оваа година), од серија предвидени настани за Чествување на 100 години од раѓањето на Конески, мораше да се решиме за само еден настан.

Затоа решив оваа година  да не учествувам на конкурсот на Министерството за култура и дека тоа ќе биде така додека не почнат да ги вреднуваат понудените проекти според квалитетот, додека не се напушти несфатливата политика „на сите по малку“ и не ги отстранат бирократските бариери кои комплетно ги потценуваат уметниците, а и нас кои се обидуваме нешто да организираме. 

Во досегашниот период организиравме повеќе промоции кои веќе ги споменав, проекции на македонски кратки филмови и долгометражни филмови, џез концерти итн. 

Се вели јазикот е жив колку што се зборува некаде. Што значи ова според Вас, колкава е потребата од македонски лекторати низ светот?

Би додал, јазикот ќе го одржуваме жив доколку го зголемуваме бројот на неговите говорители и создаваме преведувачи. Единствено место каде што може да се изучува нашиот јазик се странските универзитети во кои постојат институти или катедри за славистика. Доколку сте присутни таму, се знае за вас и се изучува вашиот јазик, доколку не сте, вашиот јазик не постои. Државите кои го сфатиле тоа многу инвестираат во отворање на лекторати. Таков е случајот со Унгарија, нема земја каде што не се изучува унгарскиот јазик. 

Денес, лекторатите најчесто се целосно финансирани од земјите кои ги отвораат, бидејќи тоа е нивен интерес. Многу е едноставно. Македонија има неколку активни лекторати што функционираат според билатерални договори и кофинансирање од двете страни. Затоа многу ни е важна поголема поддршка од Македонија за да се одржат постојните, а потоа треба да се изработи стратегија и план за отворање на нови лекторати. 

Кои се идните активности на македонскиот лекторат во Будимпешта?

Оваа пандемиска година ќе ја завршиме со уште една промоција на зборникот „За македонски јазик“ од Блаже Конески на Факултетот за хуманистика при универзитетот ЕЛТЕ, а претходно бевме дел од Интеркултурната вечер посветена на Македонија. Студентите на Лекторатот ги презентираа можностите за изучување на македонскиот јазик во Унгарија и можностите за школување и стипендии на нашите универзитети. 

Во однос на наставата на Лекторатот, планирано е воведување на нови предмети, зголемена медиумска активност за претставувања на можностите за изучување на македонски јазик итн.

Неда Маретиќ