Мала чоколадна приказна на скопјанката која ги прави најуникатните ситни чоколади: Даниела ни пренесува дел од магијата на нивното создавање

Добивај вести на Viber

Замислете ја ситуацијата - сам си дома со месеци, ти се јавува некој дека имаш нешто за достава. Првата реакција им е секогаш дека немаат ништо нарачано, дека не наседнуваат на разно, разни наградни игри. Кога ќе им објаснам дека некој нивни близок им испраќа нешто (секогаш гледам до крај да остане слатка тајна од кого е) и кога ќе го отворат пакувањето - ем пишува име од кого е, ем чоколадо.

Little.chocolate.story е убава приказна која се родила во време на пандемијата со коронавирус, кога ретко слушавме убави работи, а единствените информации беа болест, смрт, самотија.

Креатор на таа убава приказна е Даниела Миладиновиќ.
Даниела има завршено српски јазик и книжевност, краток период работела по струка во училиште и тогаш животот ја однел во друг правец. Веќе долги години работи во филмска продукција. Има дваесет годишен син кој студира во Австрија. И го има малтезерот Жика, нејзиниот верен другар и чувар. 

Од спонтана идеја, до мал бизнис

- Размислувајќи како да го пополнам слободното време, кое во „минатиот живот“ (читај:пред корона), го користев на патувања, дружби, концерти, а притоа во животот потешко нешто од правосмукалка не сум кренала, инаку работам по осум саати пред компјутер, па така почнав да правам торти. А благо не јадам! 
Така во карантините правев, по карантинските денови ги подарував по пријатели, комшии, колеги. Во еден момент направив ситни чоколади и ги однесов кај една пријателка. Ѝ се допаднаа многу, ми даде пари и рече: „Направи ми две кутии за еден семеен настан“ - така всушност се роди little.chocolate.story.

Со little.chocolate.story не измислив ништо ново - вели Даниела, таа е свесна дека на пазарот има стотици видови чоколади, но сакала да направи нешто автентично, не сериски произведено, не спакувано во еднолична амбалажа. Таа доставата ја врши лично, на велосипед, a честопати и во друштво на нејзиното кученце Жика. 

- Нема две исти бомбоњери, две исти амбалажи. Секој купувач заслужува оригинал, бидејќи секој човек е еден и единствен. Ова што го правам е нешто мое и лично, направено со љубов. Би сакала да остане така, правењето чоколади да не ми стане обврска, туку радост и уживање, како што е сега, а бидејќи сум во години кога ништо не морам, сета своја љубов ја внесувам во правењето чоколади, што го потврдуваат и сега веќе редовните потрошувачи на little.chocolate.story.

Little chocolate story во септември го прослави првиот роденден

Малите слатки порции измамиле многу насмевки во време на пандемијата

Љубовта вложена во little.chocolate.story се потврди многу пати минатата година, кога многумина беа сами, болни, изолирани, затворени во своите домови, немаа со кого да го прослават роденденот или домашната слава. Нивните блиски ми ја доверија задачата да ги изненадам со пакување чоколади. Не постојат пари со кои може да се плати нивната радост дека не се заборавени од нивните пријатели, роднини, колеги, дека некој се сетил на нив, посебно на денови како Божиќ, Велигден, Бајрам, роденден, домашна слава.

Со little.chocolate.story, Даниела била сведок на многу солзи радосници

- Замислете ја ситуацијата - сам си дома со месеци, ти се јавува некој дека имаш нешто за достава. Првата реакција им е секогаш дека немаат ништо нарачано, дека не наседнуваат на разно, разни наградни игри. Кога ќе им објаснам дека некој нивни близок им испраќа нешто (секогаш гледам до крај да остане слатка тајна од кого е) и кога ќе го отворат пакувањето - ем пишува име од кого е, ем чоколадо - неколку пати не можев ни сама да си ги сокријам солзите радосници предизвикани од little.chocolate.story.


- Со little.chocolate.story не ми е целта да бидам иста како големите брендови, тие веќе постојат, не ми е целта ни да ги воодушевам другите, целта ми е да ми е убаво додека работам, додека барам амбалажи, пакувам, доставувам. Кога мене ми е убаво, знам дека и на другите им е убаво. А кога на другите им е убаво, мене ми е тоа движечка сила и поттик да работам и да креирам нови little.chocolate.stories - ни открива за крај Даниела.


Љ.И

ГАЛЕРИЈА: