Маестро Џамбазов сакаше да го сочува детето во него: Емотивен концерт посветен на познатиот музичар на „Охридско лето“

Добивај вести на Viber

Маестро Александар Џамбазов напишал многу песни, но онаа што за сите генерации, од најмало до најголемо го обележува е „За сите деца“, песната со која и денес завршува секое „Златно славејче“.

Токму со оваа песна заврши концертот посветен на маестро Џамбазов сношти во Охрид, на сцената на Долни Сарај, кој се одржа во состав на „Охридско лето“.

-Маестро Џамбазов напиша многу песни, но она што беше негов животен стил е да го сочува детето во него“, рече диригентот на концертот, познатиот музичар Љупчо Мирковски и истакна дека му е мило што орекстарот кој ја отсвире музиката на Џамбазов го нарекуваат „Оркестарот на Љупчо Мирковски“.

Дела од Џамбазов изведе неговиот син, талентираниот и успешен пијанист Бобан Мирковски. А, секој концерт е успешен и убав кога како вокал ќе се појави Наде Талевска. Па уште кога од нејзиното грло ќе ги слушнете „Довидување“ и „Охрид и јас“, и тоа со убав поглед на Охрид од Долни Сарај, настанот не може да не биде полн погодок. „Довидување“ во оригиналот на легендата Јосипа Лисац има една убавина, акустичната верзија на Игор Џамбазов со која се збогува со својот татко во јануари друга, а Наде Талевска му даде свој печат на овој евергрин. 

На сцената го слушнавме и опрескиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и тоа со убава изведба на „Гитаро моја“, „Љубов неверна“, „Само ти“, и во дуети со Наде Талевска.

Маестро Џамбаз го сакаше Скопје и со љубов твореше за него. Романтична и емотивна нота на концерот му дадоа инструменталните дела, „Рапсодија за Скопје“, со Бобан Мирковски на пијано, но и „Балада за Шпато“, која на саксофон ја отсвире Горан Кавраков.

На крајот, Цуцковки и Талевска заедно со оркестарот и диригентот ја станаа публиката на нозе. Секој од нас пак беше дете во „За сите деца“, токму како што маестро Џамбазов би сакал да биде. 

Милица Џаровска