Мајката на Аки е болна, живее во старечки дом во Скопје: Никој немал срце да ѝ каже за неговата ненадејна смрт

Во Македонија владее тага и неверување, цела држава и регионот жалат за Аки Рахимовски. Пејачот на „Парни Ваљак“ е роден на 5 јуни 1955 година во Ниш, но набрзо со семејството се преселил во Скопје. Бидејќи неговиот татко бил професор по музика, на седумгодишна возраст започнал музичко училиште, клавир и отсек за пеење. Неговата мајка се уште живее во Скопје, а за големата загуба никој немал срце да ѝ каже.

- Пејачот планирал патување во Македонија бидејќи сакал да ја види мајка си, која е болна. Во шок сме и не веруваме дека тоа се случи, го очекувавме. Во петокот се слушнав со Аки, ме замоли да го земам на аеродром во Скопје, мајка му е многу болна и сакаше да ја види барем уште еднаш. Требаше да слета во недела попладне - вели за хрватскиот портал 24 сата, Здравко Ситновски Ситна, музичар и близок пријател на Аки.

Мајката на еден од најдобрите вокали на Балканот живее во старечки дом.

- Неговата мајка беше многу среќна. Во домот на сите им кажала дека доаѓа нејзиниот син и побарала од вработените да се грижат за неа бидејќи доаѓа нејзиниот Аки - изјави Ситновски во неделата попладне.

Дека Аки требало да дојде викендов во Македонија, за Женски магазин откри и Диран Тавитјан.

- Тој требаше утре да допатува во Скопје да се видиме, а во план беше и нова музика. Нема зборови со кои би ја опишале тагата. Тој беше искрен, голем пријател и добар човек и покрај фактот дека беше најмаркантната рок икона, огромна легенда и гласот на најубавите песни со кои живеат генерации на Балканот и пошироко во своите најубави и тажни моменти. Го започна својот музички пат во Скопје каде и беше роден, со музичката група „Тор“ заедно со Гаро, Црногорец и Ани, за подоцна да замине во Хрватска каде стана вокал на легендарните рок гиганти „Парни Ваљак“, а останатото е историја. Беше крал и авторитет на големите сцени и арени“, изјави за Женски магазин музичарот Диран Тавитјан, евоцирајќи спомени од нивната семејна дружба со Аки, брат му Гаро и татко му Гарабет.

Александар Аки Рахимовски ненадејно почина во саботата на 67-годишна возраст во Ново Место, Словенија. На пејачот му се слошило дома, по што бил примен во болница каде починал. Погребот ќе се одржи во Загреб.

извор:hype
фото:Youtube Printscreen/ Hrvatska radiotelevizija