Медицинските сестри гледаат и радост и очај: Велка Лукиќ од Здружението на медицински сестри

Добивај вести на Viber

Актуелната корона-криза, како никогаш досега, ги отвори прашањата за местото и значењето на секој професионалец во здравствениот систем и докажа дека медицинските сестри не залудно се наречени „рбет на здравството“. Велка Лукиќ, претседателка на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки, за Женски магазин зборува за искуствата и премрежињата на медицинските сестри среде пандемијата со коронавирусот.

- Секогаш било така. И сега, како секогаш, медицинските сестри се оние што  гледаат и надеж  и храброст, и радост и очај, и болка и страдање, и живот и смрт. Како сеприсутна сила во здравството, тие го слушаат првиот плач на новороденото дете и се сведоци на последниот здив на оние што умираат. Тие се присутни на некои од најскапоцените моменти во животот, но и на оние кои се најтрагични. Неопходни се во заштитата на здравјето и добросостојбата на поединецот, на заедницата и на нацијата. А, ковид- ситуацијата само го потврди тоа.

* Што покажа актуелнава криза за подготвеноста на медицинските сестри за справување со ваков предизвик?

- Сестрите се максимално солидаризирани, се здружија од целата земја, ги споделуваат и разменуваат искуства и што е најважно - заеднички ја создаваат колективната сила. Се изготвува листа на сестри од другите клиники, кои им  помагаат на медицинските сестри на Инфективната клиника. Прво ја поминуваат обуката со сестри ментори, нивните претходни знаења и вештини ги надополнуваат и проверуваат искусни сестри ментори, специјализирани за интензивно негување на овие пациенти.

* Како е на Инфективната клиника? Има ли потреба за дополнување со персонал од други клиники?

- Медицинските сестри на Инфективната клиника ги имаат најтешките пациенти на кои им е потребна најголема помош. Според препораките на СЗО на интензивна нега смените не би требало да бидат подолги од 6 часа, а сега се по 12 часа. Сестрите се солидаризираа, Министерството за здравство ги обедини сите и тие се ставени на распоредот на клиниката. Мора да им се помогне на медицинските сестри. Особено интензивните оддели не може да се замислат без нив.

* Како е сестринството на Инфективната клиника?

- Ситуацијата воопшто не е лесна. За некои оваа состојба носи загуба на близок од семејството, за некого загуба на работното место, сега е момент кога сите меѓусебно треба да си помагаме. Сите сме заедно и многу сме позитивни како колективна сила. Без сите нас, медицинските сестри и акушерките, заедно со другите професионалци, не можеме да ја добиеме битката со овој толку опасен непријател. Чувајте се и чувајте ги тие околу вас, ништо друго не е важно.

* Освен здравствена нега, има ли и емоционален момент во работата на сестрите при најнепосредниот контакт со пациентите, особено во вакви услови? 

- Здравствената нега не е само извршување на некоја интервенција. Таа е процес кој има свој индивидуален план, според потребите на пациентот. И логично е да има емоционални моменти. Во случајов, не семејствата, туку сестрите се крај тие што ќе ја изгубат битката со болеста.

* Медицинскиот персонал, најдиректно изложен во првите борбени редови во оваа здравствена криза, доживува во јавноста апсолутно нова перцепција и вреднување. Што недостига во третманот на медицинските сестри кај нас?

- Низ целиот свет, луѓето постојано му оддаваат признание на сестринството како најчесна и најетичка професија: луѓето инстинктивно им веруваат и ги почитуваат медицинските сестри и нивната работа. Но, сфаќањето на јавноста за сестринството се разликува и честопати е искривена.  Широкораспространета е старомодната идеја дека медицинските сестри им се на некој начин потчинети на другите професии. Факт е дека многу малку луѓе ја разбираат ширината на улогата и одговорностите на модерното сестринство, а тоа значи дека не ја ценат на вистински начин извонредната вредност на сестринството.

* Последните податоци од крајот на минатата година упатуваа дека само од Клиничкиот центар во текот на 2019 заминале 40 сестри. Дали е вистина или урбан мит масовното иселување на медицински сестри во земјите на Европа, пред сè во Германија?

- Факт е дека заминуваат. Поголем број нив завршуваат прекфалификација и одат во Германија, Англија и Италија. Долго години недостигаше поголема поддршка и подобар статус за медицинските сестри, па оваа состојба беше некако природна. Но, сега работите одат по нагорна линија. Инвестирањето во медицинските сестри и акушерки значи инвестирање во економијата на државата.

* Светските податоци велат дека 9 од 10 сестри се жени. Дали е така и кај нас?

- Секаде жените го сочинуваат  поголемиот дел од работната сила на сестринството и тоа е, главно, женска работа. И кај нас е така, иако сè повеќе и мажи се вклучуваат во оваа професија.

* На светот му недостигаат 6 милиони медицински сестри, вели најновиот извештај на СЗО, објавен деновиве. Има ли прецизна проценка колку сестри и недостигаат на Македонија?

- Вишокот на работни часови што се појавува на месечниот извештај на медицинските сестри зборува дека сестри недостасуваат. Според извештајот од Институтот од јавно здравје  од 2017, имаме 8894 медицински сестри и околу 975  акушерки.

Јасна Франговска

Оваа година е Меѓународна година на медицинските сестри и акушерки. Меѓународниот совет на сестри (ИЦН) верува дека е од витална важност да му се покаже на светот кои се и што прават медицинските сестри – особено оваа година, која најверојатно ќе биде запаметена како „година на пандемијата“.