Метастазите од ракот на дојка мируваат, но, не знам дали ќе го дочекам следниот октомври: Марина Василева Конол

Марина Василева Конол, жена со повеќе професии, со  многу љубов кон децата, со креативни решенија во образованието, со голема желба за нови предизвици. На 18 години се вработила на Нефрологија, како сестра на дијализа. Подоцна, дипломирала на Институтот за Педагогија на Филозофскиот факултет и дваесет години се посветила на образованието на децата. Македонската јавност ја запозна како автор на повеќе наградени проекти. Особено е горда на проектот Бабини Игри, кој на светската олимпијада за наставници, освои прво место на европско ниво и второ место на светско ниво. Во 2018 година се преселила во Шкотска, каде го достигнала врвот во кариерата. Добила ангажман во дигиталниот центар на Универзитетот во Единбург.

Во 2015 година се соочила со првиот посериозен здраствен проблем. Забележала оток и тврдо ткиво на левата дојка. Одела на редовни контроли, но тврдото ткиво било толкувано како млечна жлезда. Три години подоцна, при преглед во Единбург е дијагностициран рак на дојка.

ВЕРУВЈТЕ МУ НА ИНСТИКТОТ НА ПАЦИЕНТОТ

- Не знам дали следниот октомври ќе го дочекам, па собрав храброст да споделам реално искуство поврзано со нереална горчлива вистина, кога лабораториските резултати, мамографии, ехо-дијагностика не соодветсвуваат со физичката состојба и симптомите кои ги чувствуваат  пациентите. Сметам дека покрај подигањето на свеста на жените, на глобално ниво, треба да се подигне и свеста на сите лекари. Моето минато не можам да го сменам, но можеби мојата животна приказна ќе влијае врз судбината  на некоја идна жена со слична симптоматологија-вели Василева Коноли дополнува

- Во 2015 година ми се појави оток и тврдо ткиво на левата дојка. Направив мамографија, ехо-преглед, на кој беше видлива промената, но биопсијата и туморски маркери беа мирни. Одев на редовни контроли, но објаснувањето за постојаното зголемување на тврдото ткиво на допир, беше дека тоа е млечна жлезда. Далеку сум од експерт во медицината, но знам дека доволно е да се промаши еден милиметар од туморот на биопсијаи наодот може да биде негативен. Знам декарезултатитепонекогаш зависат и од сензибилноста на маркерите во лабораториите. Многу фактори се вклучени во дијагностицирањето, но исто така знаев дека не е нормално да имам нешто што расте постојано во мене. Првиот оперативен зафат го имав во 2018 година во Единбург, Шкотска. Докторите ми рекоа дека отстраниле џиновски тумор од 7,5 сантиметри. Меѓутоа, ракот се проширил и на сите лимфни јазли. Две и пол години сум на континуирано лекување. Имам три метастази, кои во овој момент се мирни. Човечки е да се згреши, но грешките на лекарите - земјата ги покрива. Затоа, ве молам драги наши лекари и херои во ова лудо време, верувајте му  повеќе на инстинктот на пациентот.- посочува Марина. 

САКАВ ДА ИМ ЈА ОЛЕСНАМ ТАГАТА НА БОЛНИТЕ

Свесна е за значењето на лекарите ширум светот, и чувствува огромен респект кон  сите вработени во било која здравствена институција. Порано и таа била дел од здраствениот систем

- Како сестра на хемодијализа, бев дел од тимот кој вложуваше натчовечки напори во спасување на животи. Но, често се соочувавме и со многу болки и страдања. Особено ме трогнуваа младите невини суштества. Тој период оформив семејство и родив два сина и мајчинскиот инстинкт вроди идеја да се обидам да им го олеснам животот на луѓето во чии очи гледав длабока тага и разочарување. Дипломирав на Институтот за Педагогија на Филозофски факултет во Скопје и со желба да го искористам знаењето, развив програма за едукација на пациентите на дијализа. Сметав дека доколку во склоп на клиниката се отвори Центар за едукација на пациентите на дијализа, ќе им помогнеме да ја прифатат промената без стресови. Сепак, тоа време не беше созреано за таков проект – вели таа.

БАБИНИТЕ ИГРИ НАЈГОЛЕМА РАДОСТ

Пред дваесет години, зачекорила во образованието. Компјутерите и биле пасија, и набрзо станала регионален мастер обучувач на наставниците во едукативните реформи кои воведувале најнови технологии во настава.

- Бев автор на повеќе наградени проекти. Но, особено сум горда на проектот Бабини Игри, во кој беа вклучени голем број на ученици, наставници, родители, советници и претставници на општини. Во тој период Мајкрософт организираше светска олимпијада за наставници, кои креативно користат технологија во настава, на секој континент од земјината топка. Проектот освои прво место во Москва на европско ниво. Тајната беше во идејата,  отворена критика за негативното влијание на денешната технологија врз детскиот развој. Нудеше опција за нова методологија на настава која се засноваше на учење со истражување на заборавени детски игри. Ни беше обезбедено учество во Вашингтон, каде требаше да пристигнат сите наградените проекти од секој континент. Претходно, Мајкрософт организираше настан, каде професорот од ФИНКИ вети постдипломски студии за авторот, ако овој проект биде награден на светско ниво. Запрепастувачка беше веста дека добивме награда и на светско ниво, сите учесници искрено се радувавме, а јас докторирав на ФИНКИ – се присетува Василева Конол

Во 2018 година се преселилаво Единбург, Шкотска. Продолжила да реди успеси во кариерата.

- Таа година  ја започнав со полна пареа. Креирав Академија за наставници Easy4Teachers, во склоп на компанијата I Am Learner, развив програма за работилници за наставници. Директно бев вклучена во пишување на истражувачки извештај за European Schoolnet, бев дел од тимот кој разви програма за дигитална стратегија за државите од голфскиот залив. Одржав повеќе обуки на наставници, во училишта во Единбург и Глазгов, за користење на роботот Марти. Мислам дека врвот на мојата професионална карирера беше мојот ангажман на Универзитетот во Единбург, во нивниот Дигитален Центар. Во соработка со тим на професори, подготвивме национален курикулум за имплементација на СТЕМ во настава за сите шкотски училишта. Во август истата година, здравјето ми се наруши. Искрено  не ми ја пресекоа само градата. Ми ги пресекоа крилјата со кои летав во облаците на образованието. Мојата кариера е во мирување – вели Марина, која на крај од нејзината животна приказна упати апел до жените и здраствените работници.

- Раната детекција на ракот на дојка е исклучително важна, Многу животи можат да се спасат во иднина, доколку здравството ширум светот донесе одлука да воведе редовна бесплатна контрола на женската популација над 30 години. Активистите кои се вклучени во организациите за рано откривање на рак на дојка, имаат големо влијание, но не доволно, за да се донесат одлуки како задолжителна контрола на женската популација од млада возраст – вели таа.

Соња Алексоска Неделковска