Насмевката на покојниот сопруг секогаш ќе ме грее: Интервју со Сања Долежал

Добивај вести на Viber

За неа важи прекарот вечна девојка, поради младоликоста и енергијата која ја носи. Беше и остана една од најголемите екс-југословенски поп-ѕвезди, заштитниот лик на популарната група „Нови Фосили“. На „Евровизија“ во Брисел, на 9 мај во 1987 година, Сања Долежал го прослави својот 24 роденден, и за Југославија, со „Нови фосили“ и песната „Ја сам за плес“ го освоија четвртото место. „Фосили“ изградија успешна кариера и испеаја многу хитови и потоа, па години откако престанаа со работа, се обединија, а публиката сè уште ги сака со истите, стари песни. Сања Долежал денес има 56 години, изгледа одлично, и е водител на Тв прилог за готвење во Загреб. Заедно со своите колеги Владимир Кочиш- Зец и Маринко Колнаго, настапуваат со најголемите хитови на „Нови Фосили“. Последен пат беа на гости во Скопје лани во февруари, на „Златна Бубамара на популарноста“, а во 2015 беа гости на „Охрид фест“. 

Женски магазин- Освен музичка, имате и богата кариера како Тв водител. Како ви оди со вашиот нов Тв проект, „Готвењето е Ин“ на хрватската Тв „Нова“?

Сања- Тоа е прилог во состав на една Лајф-стајл мозаик емисија, која се вика „Ин магазин“. Продуцентите од Тв „Нова“ сакаа една жена која не е професионална готвачка, туку пејачка, која на еден свој начин ќе им дава совети на младите домаќинки за готвење. Јас готвам веќе 35 години, тоа го научив од мајка ми. Тоа не е тајна, дека сакам да готвам и дека сакам да јадам.

Женски магазин- Што најмногу сакате да готвите?

Сања- Токму старите рецепти кои ги научив од дома, сакам да ги преработувам на нов, помодерен начин. Јадења од месо, чорби, домашни тестенини, десерти…Готвењето е мојата голема страст, а кујната место на голема инспирација. Сега ми е многу забавно што тоа што го знам можам да го споделам со друштво, во овој случај, тоа се Тв гледачите.  

Женски магазин- Неодамна изјавивте дека вашите деца, Леа и Лука тргнале по својот пат. Со што се занимаваат и што е она највредното на кое ги научивте?

Сања- Ќерка ми е сега во Лондон, таа студира на џез-академија, а синот се определи на сосема нешто друго. Тој е во Загреб и студира математика. Лука има 25 години, а Леа 23. Тие се веќе свои луѓе, се одвоија од мене, живееме одделно, но како мајка, ќе се грижам цел живот за нив и ќе ги советувам за се што треба. Она што често им го зборував, а им го зборувам и сега е: памет во глава. Младоста е нетрпелива. Кога сме млади, се сакаме веднаш. Секоја одлука треба да се преспие, треба малку памет пред да се донесе. Тоа ги учам моите деца. 

Женски магазин- Наликуваат ли на вас кога бевте на нивна возраст?

Сања- Се разбира. Секој на свој начин. Наликуваат на мене по карактерот. Лука физички повеќе личи на мене, а Леа карактерно. 

Женски магазин- Поминаа седум години од смртта на вашиот сопруг, музичарот Ненад Шариќ, ваш колега од групата „Нови фосили“. Кое ви е најубавото сеќавање на сопругот?

Сања- Велат дека времето ги лекува раните, но не е така. Тоа само ти помага полесно да живееш со загубата. Како што времето поминува, се повеќе спомени на Ненад имам. Најмногу го паметам неговото смеење. Неговата насмевка секогаш ќе ме грее. Секогаш, кога тој беше во друштво, друштвото беше многу весело. А она што секогаш ќе не спојува, тоа се нашите деца.

 Женски магазин- Хрватските медиуми пишуваа дека сте во нова врска. Дали е вистина дека сте повторно вљубена?

Сања- Тоа е стара вест која медиумите малку ја проџвакаа сега. Се работи за мој пријател со кој се појавив на венчавка, па дури сега тоа наше појавување се актуализира. Велам, ние сме пријатели, а јас не планирам повторно да се мажам. 

Милица Џаровска