На 40 ден од заминувањето на Џаро, ѕвездите споделија сеќавање за него: И на небото ќе прави „зврчки“, ќе стои меѓу рајот и пеколот и ќе кокетира и со едни и други
Џаро, еден и единствен. Човек на кој материјалното не му беше битно, туку играта и забавата. Човек кој пред се ја донесе културата во Македонија.
Ова е сижето на сеќавањата на дел од нашите најголеми ѕвезди кои ги искажаа во Домот на Културата во Ѓорче Петров, денеска, точно на 40-тиот ден откако тој физички си замина.
Комеморацијата по повод на ликот и делото на Велибер Џаровски – Џаро се одржа на местото каде што ги донесол да пеат и „Безимени“ и „Индекси“ и оваа скопска населба докажал дсека не е провинција туку срцето на културата и забавата во главниот град.
Иниицијатор на настанот е беше градоначлникот на Ѓорче Петров, д-р Александар Стојкоски кој го памети како многу позитивна личност и како човек кој навистина сакал да ги организира работите, да изменаџира, да ги направи да бидат интересни за другите луѓе.
- Џаро секогаш придонесуваше за афирмација на Општина Ѓорче Петров и ја споменуваше. Токму затоа посакав еден ваков настан да имаме во чест на Џаро. Да биде како сеќавање на него, а не како комеморација. Затоа што Џаро беше поинаков тип, повесел, секогаш со народот и заслужи барем на еден ваков начин најблиските луѓе, пријателите, соработниците да му оддадат почест и дел од жителите на Општина Ѓорче Петров – ни изјави Стојкоски.
За Калиопи Џаро претставува еден цел нејзин живот. Цела младост и нејзиниот почеток.
-И еве и крајот негов е како некаков вид на продолжување на таа приказна, затоа што присутно е неговото семејство, со кое сме сите така поврзани уште од многу одамна, и јас и Ромео, и просто не ми се верува за Џаро. Мислевме дека тој вечно ќе живее, како фараон ќе го славиме. Посебен лик. Тоа е една богата историја, еден богат живот, успони, падови, високо и удолу длабоко, ама на секој начин малкумина знаат дека Џаро беше човек со длабоки емоции – ни откри македонската дива..
Кога не сме имале едуцирани менаџери на времето, Џаро со леснотија го работеше тоа. Легендата на македонската музика Драган Мијалкоски дополни дека Џаро имал природен талент да размисли одеднаш на десетина чекори однапред.
- Во шахот три-четири им се доволни за мат, ама Џаро правеше многу повеќе чекори за да дојде до финале. Сите тие што нешто постигнаа, постигнаа благодарение на асистенциите на Џаро и негови застапувања, менаџирања, препораки... Тоа е многу важно. Не е сѐ во парите, во гламурот. Јас сум имал случај, кога нешто ми притребало во моментот. Го сретнувам него и тој ми го решава за пет минути – ни изјави Мијалковски
Сеќавања споделија и Ранко Петровиќ сопственикот на „Радио Буба Мара“ кој истакна дека од многумина кои работеле во тогашното младинско радио, Џаро го одбрал него како соработник. Влатко Плевнеш од дуото „Силви бенд“ се заблагодари за многуте концерти кои им ги организарал.
Марко Маринковиќ Слаткар посочи случај кога добиле тужба од менаџментот од „Бјело Дугме“, бидејќи настапиле со трибјут за бендот. Му се обратиле за помош на Џаро.
-Човекот што ни се закануваше со тужба во име на групата, од лав се претвори во лавче. Џаро му се јави и му рече да не остави на мир, а нас не натера да му ветиме дека ќе бидеме добри момци- истакна Слаткар.
Легендарниот музичар и гитарист Влатко Стефановски соработката со Џаро ја нарече најголемата школа и ја откри најголемата вистина за него.
- Тој не беше материјален лик. Голем играч, кој ги знаеше слабите точки на соработниците. Нему парите му беа средство за игра и забава, а околу него луѓето ги покажуваа слабостите, а Џаро беше како психолог. Имаше неверојатна интелегенција. Големо задоволство беше да се работи со него. И на небото ќе прави зврчки, ќе стои меѓу рајот и пеколот и ќе кокетира и со едни и други – изјави Стефановски.
На настанот кој го водеше Александар Блажевски, облечен во маичка со ликот на Џаро зборуваше и Саша Шотаровски познат скопски угостител и долгогодишен пријател. Соседите и пријателите од маало, Јордан Панговски и Радован Василевски, не ги штедеа епитетите поврзани со личноста на Џаро, надвор од професијата.
На настанот беа присутни сопругата на Џаро, Виолета, ќерката Милица позната новинарка, со сопругот Игор и децата Лука и Лара.
Текст и фото: С.А.Н