На 90 години уште имам сила, би можел секогаш да пеам: Томислав Маниќ одржа концерт во родниот град

Со своите 90 години, нашиот пејач Томислав Маниќ е витален и во добро здравје, и има енергија да ги пее неговите евергрини, а меѓу нив е и „Црвени рози, за вас мадам“.

Токму оваа песна и уште неколку други, Маниќ ги испеал во својот роден Пирот во Србија, на концерт кој траел еден час. Маниќ е скопјанец од 1952 година, а во родниот град сè уште често оди, во семејната куќа.

Концерот на кој пеел Маниќ во Пирот бил во организација на Градското здружение на пензионерите на Пирот, а темата била- вечер на евергрин музика.

На видеото кое го објави српскиот портал Пулс онлајн Маниќ ја пее песната „Црвен цвет“ на задоволство на публиката која го следела неговиот настап. 

-Од Пирот си заминав во 1952 година, но уште често одам таму. Многу ме израдува поканата за овој концерт на евергрини, кој се одржа во галеријата „Чедомир Крстиќ“. Испеав многу песни кои ми се во срцето, а и публиката ги сака како и мене. Не се изморив, би можел секогаш да пеам“, ни изјави Маниќ.

Во 2018 година, учениците на кои им бил класен, го изненадиле легендарниот пејач Томислав Маниќ за неговиот 86 роденден. Генерацијата матуранти од 1979 година од економското училиште „Моше Пијаде“ кое сега се вика „Васил Антевски-Дрен“ му подготвиле забава-изненадување на својот класен, и го пречекале во ресторанот пеејќи го неговиот најголем хит „Црвени рози, за вас мадам“.

За целата организација околу неговиот роденден, тој немал поим. 

-Ми се јави еден од учениците, и ми рече да дојдам во ресторанот во Градскиот трговски центар, и дека е таму некој пријател кој сака да ме види. Заминав во договореното време, и што да видам: на нозе ме пречека целиот клас пеејќи ја мојата песна „Црвени рози, за вас мадам“! За симболиката да биде уште посилна, ми подарија уметничка слика и букет црвени рози. Бев навистина многу возбуден. Не знам дали вакво нешто му се случило на некој друг класен?“, додаде Маниќ. Тој вели дека за сите овие триесет и девет години од матурирањето на златната генерација, тие одржувале повремени контакти. Но, оваа средба била најемотивна и највесела.

Тој пред неколки месеци наполни 90 години и доби специјално роденденско изненадување од внуците, Петар и Љубица. Го повикале во кафе-барот чиј сопственик е неговиот син, а Манчиќ таму често оди на кафе и на дружба со пријатели.

- Внуците ми направија хамер со наши слики, од кога беа мали, до денес и донесоа. Работеле на него три дена. Ова ми беше најубаво роденденско изненадување“, ни рече Маниќ. Внукот Петар е главна улога во првиот македонски детски филм „Стела“, кој бележи меѓународни успеси. Внуците на Томислам Маниќ се музички талентирани на дедото и на таткото. Петар свири гитара, а Бубе клавир.


М.Џаровска