На празничниот амбиент му се радувам исто како кога бев дете: Предновогодишно со Љупка Гугучевска Филипоска

Добивај вести на Viber

Ни претстојат најубавите празници, Новогодишните. 

По тој повод денес разговараме со Портпаролката и Раководителка на одделението за континуирани обуки во Државната изборна комисија, харизматичната Љупка Гугучевска Филипоска која ни откри како ќе ги помине празниците, по што ќе ја памети 2022 , какви спомени од детството и будат празниците, колку ѝ значат божиќните празници.

* Каде ќе ја поминете Новогодишната ноќ и што ќе им посакате на најблиските, пријателите, и сите граѓани?

- Новогодишната ноќ ќе ја поминам дома, во друштво со најблиското семејство. Со текот на годините сè повеќе ги ценам скапоцените моменти поминати со најсаканите, во нашиот дом.

На сите им посакувам да имаат во изобилство од она што не може да се купи со пари: вера, надеж, љубов, здравје и почитување. Убаво е секогаш да се потсетуваме на вистинските вредности и да ги чуваме и негуваме, без да имаме потреба да го сфатиме нивното вистинско значење откако ќе ги изгубиме.


* По што ќе ја паметите 2022, а што си посакувате за 2023 година?

- Во 2022 наполнив 40 години, и почнувајќи ја петтата деценија од животот, неизбежно направив анализа на она што поминало, одлуките кои сум ги донела, но и планови за она што претстои. За мене годините не се само бројка, туку живот, исполнет со подеми и падови, радост, среќа, тага, смеење, солзи, себеспознавање, промени, кои треба да водат кон подобра верзија од нас.

Како и секоја претходна година, за мене и 2022 беше полна со предизвици, и на приватен и на професионален план. Во текот на животот научив секој предизвик да го искористам за да извлечам поуки за себе, кои ми служат за мој личен растеж и созревање. На крајот на годината, можам да кажам дека чувствувам огромна благодарност, пред сè за она што го имам, но и за она што го немам, зашто сето тоа ме прави она што сум денес.


За 2023 година си посакувам, пред сè, љубов. Љубовта од секогаш била во сржта на мојата личност, такво ми е дури и името. Љубовта ме носела до најдалечни предели во светот, љубовта секогаш ме враќала дома. Овде мислам на љубов во секоја смисла: кон партнерот, детето, целото семејство, љубов кон работата што ја работам, маалото каде што живеам, кон мојата земја, природата, животните, пријателите. Кога си полн и зрачиш со љубов, тоа и го добиваш за возврат.

Потоа – мир, во душата, и во светот. И семејството здраво и на куп. Тоа ми е доволно.


* Колку се радувате на украсувањето по дома, и китењето на Новогодишната елка? Дали подароците се дел од вашата новогодишна традиција?

-На празничниот амбиент му се радувам исто како кога бев дете. Елката ни е неизбежен декор дома, и ја украсуваме заеднички. Ги сакаме класичните сјајни лампиони со винтиџ шмек. Во позадина си пуштаме некоја пригодна празнична музика, и во моментот кога ги палиме сијаличките, празничната магија почнува.

Не можам да кажам дека подароците ни се дел од семејната традиција. Како дете пораснав во скромно семејство, и во тешки општествени услови во транзициски период. Пред секоја нова година дома украсувавме две елки, една поголема и една малечка. Многу им се радувавме на елките и на секој лампион, и тие заедно со топлината на домот, мама и тато, ни беа доволни за празничниот дух. Конзумеризмот тогаш не беше толку присутен, не бевме изложени на толку реклами и продавници кои нудат сè и сешто спакувано во светкава хартија. Можеби и затоа не очекувавме и не баравме новогодишни подароци.


И во моето семејство кое го основавме со сопругот, подароците си ги даваме без повод, неповрзани со некој празник, и се трудиме да не креираме такви очекувања. Иако, во оваа ера, опкружени со безгранична комерцијална понуда, навистина е тешко да се одолее.


*Какви спомени од детството ви будат новогодишните и божиќните празници, како ги поминувавте?

-Дел од најубавите спомени од детството ми се поврзани со празниците. И ден денеска мирисот на печени јаболка и печена тиква ме враќа во тоа време на безгрижност, и ми го буди чувството на носталгија.

Празниците ги поминував дома, со мама, тато, и помалата сестра. Пред очи ми е сликата на нас четворица, како одбираме и пишуваме новогодишни честитки за баба и дедо, другарчињата, пријателите, пиеме компот од дуњи, а во позадина се слуша звук од дрва кои пукаат во печката. Возбудата секој пат кога ќе ја отвориме вратата и ќе видиме дека некој ни оставил новогодишна честитка, или кога ќе најдевме таква во поштенското сандаче.

Ако се присетиме, и тогаш на честитките си пишувавме желби за здравје, среќа, радост.

За новогодишната ноќ дувавме балони и горевме жижици.

 Сè беше некако едноставно, мило, топло и убаво.


* По Новогодишната ноќ, секој од нас со огромна радост го чека доаѓањето на Божиќ,  а постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“.  Имате ли некоја традиција која ја практикувате за Божиќ? Обичаи кои сте ги наследиле од вашата мајка, баба...?


- Родена сум и пораснав во Делчево, така што за Бадник и Божиќ ги практикувавме обичаите од Пијанечкиот крај.

Бадник беше и остана мојот најсакан празник. Како и секаде низ Македонија, и во Делчево Бадник е препознатлив по богатата посна трпеза. Она што беше карактеристично, што го практикуваше моето семејство, е поставувањето на трпезата на чаршав под кој се ставаше слама „на земја“, односно на подот, како симбол за местото каде што бил роден Исус. На трпезата имаше зелник, лутеница од компир и грав, посен грав, највкусната посна сарма со ореви, печена тиква, суво и свежо овошје и црвено вино. Пред кршењето на лепчето со паричка, еден член од семејството излегуваше да го повика Господ на вечера, со зборовите „Ајде дедо Боже да вечераме“. Потоа мајка ми, како највозрасна во семејството, го делеше лепчето. Паричката се чуваше цела година, до наредниот Бадник.

Пред три години, Бадник за мене и за мојот сопруг доби уште поголемо значење – ја добивме нашата ќерка која се роди токму на 6 јануари. Поголема животна награда и благослов не можам да замислам. Сега сите заедно ги практикуваме обичаите кои ги наследив од мајка ми, но славиме и уште еден роденден плус – оној на Ана Марија.

За Божиќ сите сме дома, и го славиме најрадосниот Христијански празник во кругот на семејството.



Ирена Ставрова