,

Најефикасна заштита од загадениот воздух се индустриските маски

Добивај вести на Viber

Ситните  ПМ честички продираат во алвеолите на белите дробови и  може да  ги разорат, а докажано е дека имаат влијание и во пореметувањето на ДНК кодот на клетките – велат лекарите

Чувство на печење и штипење во носот  и грлото, кашлица, вртоглавици и краток здив – се тегобите на кои се жалат граѓаните во периодот на пикот на загадувањето, ноември и декември.  Некои статистики покажуваат  дека над 2.500 луѓе умираат годишно во Македонија како последица на аерозагадувањето. 

Светската здравствена организација проценува дека, седум милиони луѓе годишно умираат поради изложеност на ситни честички во воздухот , што доведува до појава на болести кои водат во смрт како што се: мозочниот удар, срцевите заболувања, опструктивните белодробни заболувања, воспаленијата и најчесто белодробниот карцином. 

- Таканаречените ПМ 10 и помалите ПМ 2,5 честички или честички помали од 10 микрони продираат до алвеолите на белите дробови и со тек на времето  можат да  ги разорат, а докажано е дека имаат влијание и во пореметувањето на ДНК кодот на клетките. Покрај овие, постојат уште околу 2800 докажани загадувачи во воздухот кои се можни предизвикувачи на различни видови на карциноми-  вели Ристо Чоланчески, торакален хирург на торакалноваскуларна хирургија во Клиничкиот центар.

Според него, испитувањата на поврзаност на белодробниот карцином со ПМ честичките покажуваат пораст на белодробниот карцином како резултат на загадувањето.

- Сепак, зголемениот број новооткриени белодробни карциноми се должи и на напорите за рано откривање на оваа болест и тоа кај ризичните групи на граѓани, најчесто пушачите и вработените во одредени гранки во индустријата.

Чоланчевски смета дека се` уште не може да се докаже со статистичка значајност, дека загадувањето на воздухот претставува клучна причина за пораст на горенаведените заболувања, но дека  може да се претпостави дека загадениот воздух придонесува за зголемување на зачестеноста на болестите, особено малигните и тоа како резултат на разорување на ДНК кодот на клеточно ниво.

Заштитата, е само делумно возможна, бидејќи на загадувачите од воздухот покрај дишните патишта, е изложена и кожата.

- Превенцијата се состои во намалување на допирот на загадувачите со белите дробови и кожата што се постигнува со филтри на вдишаниот воздух и посебни облеки за заштита на кожата. Најчесто споменувани превентивни средства се маските за нос и уста .Можеби најефикасни  се индустриски маски со хемикалии кои спречуваат и до 100 % вдишување на загадувачи од воздухот и  секојдневни маски со различен квалитет од механички филтри кои во надобар случај можат да спречат инхалација и до 70 % од загадувачките честички – вели Чоланчески.

Голем број луѓе соочени со загадувањето и вирозите во есенскиот и зимскиот период прибегнуваат кон земање суплементи со акцент на антиоксидансите, кои, наводно можат да ја спречат или намалат зачестеноста на малигни заболувања, за што лекарите се скептични .

Единствено што може да се препорача  е помала изложеност на аерозагадувачите и развивање на свесност за рано препознавање и откривање на првите симптоми на болеста, кога се ` уште постоат можности за лекување.

-  Веќе се работи на откривање на механизмите за влијание на аеротоксините врз клетките во ткивата и изнаоѓање на блокатори на тие токсини како начин налекување  – вели Чоланчески. 

Во меѓувреме, лекарите препорачуваат секојдневно проверување  на информациите кои се однесуваат на загаденоста, избегнување престој  надвор кога нивото на загаденост е високо, а доколку  се излегува, тоа да биде што пократко.  Треба да се избегнува и движење или детски игри во близина на сообраќајници. Уште поважно е да не се пуши дома, посебно во присуство на деца.

М.П.Г.