НАША ТЕМА за женската сексуалност: Полесно е да се одглуми оргазам, отколку да се побара помош
Женската сексуалност е тема на која, за жал, кај нас многу малку се зборува. Постојат милиони теории за тоа што навистина сака една жена во креветот, но ретко која отворено разговара за суштинските потреби и навики.
Професорката по македонски јазик и литература во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ, вели дека сѐ што е во врска со сексуалноста или со префикс секс сѐ уште се доживува или како нешто срамно или се оди во крајност на тотална бесрамност. Таа објаснува дека зборувајќи на оваа тема се наметнуваат чувствителни прашања кои бараат одговорност, темелност и стручност во одговорите, какви што таа добивала од докторскиот и научен тим кои беа дел од нејзиниот авторски ТВ-проект ,,Сексуална азбука".
- Од сето она што го прочитав за да се подготвам за таков сериозен медиумски потфат, од сите тие изјави и разговори, од сето она што го доживеав како просветен работник во средни училишта каде што децата најчесто се жртви на сексуални манипулации, од фрапантните факти за малолетнички абортуси па сѐ до дегутантни секс скандали, можам да заклучам дека на сите ни треба сеопфатно сексуално образование - вели професорката.
Жените во кревет го сакаат истото што и мажите, љубов и страст, а зад заклучена врата на заемно задоволство ништо не е перверзно, вели познатата професорка
Алексиќ потенцира дека жените ретко зборуваат или бараат стручна
помош за својата асексуалност или сексуална дисфункционалност.
- Женската сексуалност со векови наназад била потиснувана, сатанизирана.. Да не го споменувам најголемиот геноцид врз женскиот род од страна на вековното уништување на жените од страна на инквизацијата. Женскиот род како сѐ уште да го плаќа данокот од минатото. Полесно е да се одглуми оргазам, отколку да се побара помош за фригидност, која е најчесто психолошки проблем. Импотентноста кај мажите е хорор, видлив, не може да се сокрие, затоа и бараат помош. А жените, затворени, молкум го врват својот вителен период од животот задоволни само од репродуктивниот секс - објаснува таа.
Татјана апелира повеќе да се чита, а не да се гледаат порно филмови. Според неа, во книгите се сите одговори.
- Исто како што и најважниот сексуален орган е мозокот, така и најважниот едукатор се книгите и нема ништо срамно во читањето. Ги препорачувам ,,Жежок секс“ од Трејси Кокс и ,,Сексуална интелигенција“ од Мајкл Милберн и Шери Конрад, од 18 години па натака, и секако апел до сите возрасни да им објаснат на своите деца дека гледањето порнографија има штетно влијание врз нивниот понатамошен сексуален живот. Дека не е еротика таму каде што се гледаат полови органи и нема никаква естетика и уметничка вредност јавното покажување на интимноста. Интимноста е свет чин, а здравата женска сексуалност услов за здрав сексуален живот, најприродниот антиејџ метод за младоликост и виталност - поентира Алексиќ.
Дека жената можете да ја разберете кога ќе допрете до нејзината душа и кога ќе ви ја отвори својата емоција, смета Сузана Милиќ, сопственичката на „Валијант“, брендот кој со години ги руши табуата во нашата земја.
- Без разлика од каква средина доаѓа, на која националност и религија ѝ припаѓа, секоја жена е посебна и единствена. Никогаш не треба да се споредува со друга жена! Жената може да ја разберете кога ќе допрете до нејзината душа, кога ќе ви ја отвори својата емоција, кога ќе ја почитувате нејзината индивидуалност. Жената која е емотивно задоволна има желба за подлабка врска и отворено разговара за својата сексуалност - вели Милиќ за „Женски магазин“.
Жената може да ја разберете само кога ќе допрете до нејзината душа, нагласува Милиќ
Сузана која за женската сексуалност често зборуваше и во нејзината авторска емисија „Ве икс“, потсетува дека луѓето забораваат зошто амбалажата без содржина нема вредност. Затоа и таа, како и професорката Алексиќ, апелира дека е неопходно гласно да се зборува за сексуална едукација, сексуално здравје, надминување на сексуалната монотонија со цел да имаме сексуално здрави генерации.
- Така навремено се допира до девијантното однесување. Толкувањето на сексот како нешто валкано и срамно е сосема погрешно и секој оној кој така размислува треба да се чуствува посраметоно зошто воопшто постои - завршува Милиќ.
Ѓорге Стојанов