И денес нема да зборуваме за политика (замислете ме како превртувам со очи). Ќе си позборуваме за тоа колку сме кадарни да кажуваме НЕ, во ситуации кога единственото нешто што ни преостанува е токму тоа НЕ кое ни го спасува животот. Некаде читав дека децата од нас најмногу слушаат НЕ и тоа од најрана возраст.
“не ги пикај прстите во штекер”
“не ја ставај раката на рингла”
“не е коцката за во уста”
“не цртај по ѕидови”
“не ја тепај сестра ти/брат ти”
“не оди бос/а”
“не излегувај со мокра коса”
И така во недоглед, без да помислиме дека децата учат од сопствените грешки исто како и ние големите. Нормално, ова не важи за екстремни ситуации како ова со штекерот и ринглата, па и задушувањето со коцки. Ми текнува дека сум се издерувала неконтролирано кога Нина со прстињата се моташе околу штекери, наоѓајќи ги дупчињата многу примамливи. Она што е многу интересно е дека не ги учиме од најмала возраст да кажуваат НЕ на посуштински работи, односно да одбиваат да бидат манипулирани и гњавени. Сите ние сме сакале мирни деца кои кога ќе станат возрасни дозволуваат да им биде загорчен животот од други луѓе. Кога одев на трансакциона анализа научив дека децата можат да бидат адаптирани и бунтовни, кој какви ќе си ги воспита. Какви ќе станат зависи само од нас, без исклучок.
Со оглед на тоа дека родив дете релативно доцна (по тогашните критериуми беше навистина доцна и бев водена како стара прворотка-што никогаш нема да им го простам на докторите) бев решена да воспитувам дете кое ќе е пред се’ слободно во мислата. Така, моето дете (се разбира, освен за работи кои се однесуваа на нејзиното здравје и безбедност) израсна во девојка која знае да каже НЕ. Ако нешто не и’ се допаѓа, ич нема проблем да покаже, а и да си каже. Не дека стално сум ок со тоа, ама ми се допаѓа кога гледам дека она што сум го зборувала, фатило коренче во нејзиниот ум. Така, мојава скоро 16 годишна ќерка знае да си се избори за она што го сака, но и да одбие да биде пион во нечии раце. Учењето почнува тогаш кога ние возрасните ќе го дадеме својот пример, оти џабе е што кажува устата ако делата се спротивни.
Првото мое НЕ беше кога сакаа да ме шлапаат по образи (бацуваат де), а јас од мала бев дивтарка која сакаше повеќе да е со себе, пикната во некое ќоше со книжуле в рака и која не сакаше непознати да ја опсипуваат со лажни нежности. Тоа мое одбивање на вообичаената реакција на возрасните кога ќе видат слатко, мало дете со обравчиња кои просто плачат за бацување и штипкање беше шок за сите кои добиваа снамќорен поглед (кој уште го имам) и поттргнување. Но, јас си го терав моето и израснав во бунтовно дете кое добиваше “комплименти” од професорите дека не ми било презимето Бунтеска-случајно. Не се плашев да кажам што мислам, што сакам и што е најважно, што не сакам. И ден-денес тврдам дека колку што е важно да знаете што сакате, подеднакво е важно да знаете и што не сакате и да си го кажете тоа без задршка.
Феноменот на адаптирани деца води кон феноменот на адаптирани луѓе. “Ќути и трај”, “наведната глава сабја не ја сече” се само дел од народни мудрости кои не’ имаат упропастено. Да се молчи не значи по дифолт дека ќе си поминеме поарно во животот, туку само значи дека сме подготвени да голтнеме се’ што ќе ни се сервира, па дури и лајна (простете на изразот, ама не сум денес расположена за да бидам политички коректна и да кажам фекалии). Молчењето го признавам само кога се однесува на јадење гурабии за другите, односно, верувам само во она “молчи ако немаш на чоек нешто убаво да му кажеш”. И кога веќе сакаме мирни деца кои ќе молчат и нема да бидат конфликтни (читај послушни) треба да знаеме однапред на што ги осудуваме. Еднаш така воспитани деца кои не можат да научат од дома како се кажува НЕ, си патат во животот и ги трпат последиците. Ако сте биле мајка која на секоја расправија со сопругот сте премолчувале навреда (за да не ја правите “големата”) нека не ве чуди ако вашата ќерка стане безгласна буква во бракот и трпи се’, па дури и физичко насилство. Ако сте биле татко кој ја веднел главата пред шефот кој се изживувал со вас и ви го газел достоинството, нека не ве чуди ако имате син кој ќе дозволи да е убеден дека неговата диплома вреди помалку од некој што со основно (и кој нема врска со работа) му става сопки.
Во суштина, ние сме мирен народ кој сака дружби и песни, народ кој низ времето од мака си ја веднел главата многу пати. Обесправеноста ја сфаќаме како нужност, деградирањето како нешто сосем нормално и дури и веруваме дека не сме заслужиле поарно (ова е делот кај што “НЕМА” да зборуваме за политика). Убедени сме дека нашата улога во ова општество е да ги прифатиме гомнениците кои ги јадеме со секоја смена на власта и згора на се’, да им помогнеме да се менуваат еднаш едните, другпат другите. Нашата кроткост стана плодно тло за секакви манипулации, почнувајќи од тоа дека гледаме како секоја власт потфрла во своите ветувања, како криминалот наместо да се сосекува расте ко плевел, како партиските војничиња (деминутивот е намерно употребен) стануваа некој и нешто. Обичниот човек како вие и како мене, вреди само тогаш кога има избори и кога треба да бидеме намамени да заокружиме некоја бројка со име кое нема ама баш ништо да смени.
И тоа така тера со децении, стануваме посиромашни во џебовите, умовите, достоинството. Стануваме народ кој повеќе троши за лекови и средства за смирување отколку за одмор или задоволство. Стануваме....пардон, станавме народ кој “се случува” тогаш кога некој си прави пат за да стаса на врвот. Народ не се случува, драги мои. Народот постои секој ден и секој ден го изразува своето незадоволство, се’ погласно и се’ почесто. Да искористевте барем дел од оние војничиња кои партиски ги вработувавте да ги прочешлаат социјалните мрежи, ќе видевте дека тој ист народ за кој сите велите дека “се случи”, постои цело време и се’ потешко се справува со вашите апетити за моќ и власт.
Си ги присвоивте сите протести...и едните и другите. 32 години не ви се случува народ, туку “сјаши Курто да узјаше Мурто” и токму толку години критикувате се’ што правите и едните и другите.
Народот за кој велите дека се случува е народот кој научи да кажува НЕ. Но, тоа НЕ не е само за протестиве деновиве. Кажуваме НЕ за сите манипулации, сиромаштијата, сметките кои се се’ повисоки, стравот дека немаме за пристоен (не луксузен) живот. Кажуваме НЕ за вашата мегаломанштина, сеедно дали сте од СДСМ или ВМРО. Кажуваме НЕ за сите лаги кои ни ги сервирате со децении наназад и за кои не сте одговарале пред нас, оти сте биле инфилтрирани и таму каде што требало да има правда, а ја немало.
Можеби е време и вие од власта да кажете НЕ за кошкање едни со други и да си ги испотите задници за да најдете решение за она што го уништивте. Можеби е време да кажете НЕ за поделбата на ваши и наши и да сфатите дека поделбата на една земја почнува однатре, оти оставате впечаток дека не ви е гајле, а штом вам не ви е гајле нема зошто другите да се секираат, нели?
Народ НЕ се случува, народ постои и вели НЕ!
НЕ, НЕ и НЕ за сите неправди кои ни се нанесени. Ова е можеби последниот воз кој стои на перонот и кој чека да ви дојде ум за да го терате напред заедно, но НЕ по секоја цена, НЕ за ваша добробит, туку за Македонија и народот на кој веќе сте му преку глава, оти ако ние се симнеме од возот ќе останете голтари.
Да ми е жив и здрав народот кој рече НЕ и кој конечно одби да биде “адаптирано дете” кое е се’ освен храбро и свое!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Кога на човек зборот ќе му го одземеш
Како јазикот да си му го откорнал личи
Та го гледаш како се напрега и мачи
Како риба на суво што се прпелка
Проколнат устата само да ја отвора
Без од неа мисла да излези
За болката и радоста да си ги кажи
Та без зборови оставен
Ко дете сирак без мајчина дума
Низ светот осуден да талка
Како птица без гнездо
За крила уморни да свие
Како јалова матка
Која завива без чедо да зачне
Како речно корито камења полно
Без вода да гргори низ нив
И го гледаш како ко свеќа се топи
Оти од таквиот човек, човек не бива
Кога на човек изборот ќе му го одземеш
Како името да си му го запустил
И во црна земја да си му го закопал
Да нема на што главата да ја заврти
Оти никој по него не вика
Како на презимето да си му плукнал
А врз него клетва наредена
Како тежина од црно небо со дождови
За да нема на кого со завет да го остави
По нешто да се запамети
Оти на земјава човек со име и презиме бил
На човек можеш се’ да му одземеш
Гол и бос да го оставиш
Без покрив над главата
Без азно кое кришум ќе го брои
Без руба оти и онака без неа се раѓа
Та без неа и на оној свет ќе си оди
На човек, се’ што може да се купи
Може да му се земе без грев на душа да се фати
Оти пак од него човек ќе биди
Ама ако навјасаат времиња лоши
Во кои клетвата да имаш па да немаш
Дома, в куќа на човек ќе му пикни
Тогаш и семката негова ќе се исуши
И од неа ниту дрвце ќе пркни
Ниту корен длабоко удолу ќе се фати
Оти човек без збор и избор
Веќе човек не е
Ниту човек може да остани