Необјавена песна од Влатко Илиевски на „Златно славејче“

Добивај вести на Viber

За фестивалот „Златно славејче“ чиј водител беше десет години, пејачот и актер Влатко Илиевски има снимено детска песна, која во своето студио ја сочувал продуцентот Владимир Дојчиновкси- Дојчин. Влатко од 2008 година до лани, го водеше фестивалот во Универзалната сала и во ВИП арената пред вкупно околу 200.000 публика. 

„ Сѐ уште е премногу тазе и премногу болно на ова издание да ја промовираме песната. Најверојатно, тоа ќе биде следната година, или во пресрет на јубилејот, 50 години „Златно славејче“. Сакаме на Влатче да му посветиме еден цел дел од фестивалот, а според она што тој го направи за децата во изминативе години и тоа ќе биде малку. Затоа, со дозвола од неговото семејство, песната ќе ја чуваме за догододина“, ни изјави Бобан Јосифовски од од Сојузот за грижи и воспитување на деца на Град Скопје, организатор на фестивалот. „Се сеќавам дека Влатче со мерак ми зборуваше за таа песна и дека би сакал да ја испее пред децата“, додаде тој. 

Бобан Јосифовски со Влатко на една од претходните прес конференции за фестивалот 

Оваа година 48-то издание на најстариот детски фестивал во Македонија ќе се одржи на 16, 17, 18 и 19 Ноември 2018 во салата на Македонска Филхармонија. Сите претстави се со почеток од 11, 13 и 17 часот за сабота и за недела.

Како водител, по 11 години се враќа Марко Новески, кој последен пат на сцената на „Славејче“ беше во 2007 година, една година пред водителската улога да ја превземе Влатко. Првично, фестивалот преговараше со актерот Атанас Атанасовски, кој поради обврски во неговиот матичен театар „Комедија“ не успеа да ги усогласи термините. 

Билетите се продаваат преку продажната мрежа на МкТикетс, BabyShop.mk и во Југотон по цена од 250 денари.

“Рекорд ми е тринаесет претстави шти ги водев за помалку од една недела. И воопшто не ми тешко, уживам кога работам со деца“, изјави претходно Влатко Илиевски, кој почоина на шести јули годинава.

М.Џаровска