Ние Македонците цел живот однапред ги губиме сите добиени битки
Одамна научив да го гледам она што сакам да го гледам. Да го изострувам погледот и да им давам дополнителен сјај на убавите нешта. Едноставно да не дозволам да ми бегаат во “жарот на борбата“ со животот.
Оти го фатив моментот, дека стануваме слепи за се она што е убаво и што ни се случува во животот.
Го фатив и моментот, дека толку се фокусираме на “грдосијата“ која како машина ни ги меле фините мозочни виуги, што се претворивме во роботи за произведување негативизам.
Го фатив моментот, дека кога и да прашаш нешто и некого сите истото.
Како расипана грамофонска плоча, вртат се колу едни исти неубави работи.
Аааа, си викам доста е. И почнав со тренинзи.
Секој ден да ги гледам само убаите нешта.
И нормално, како и секогаш кога ќе започнете нова физичка, или ментална активност болат и мускулите и умот. Ве навикнал да му бидете робови, се наместил удобно во најубавата мозочна фотеља и како неприкосновен цар-диктатор си седи во вашата лидерска мозочна позоција и царува со вас.
И не само што царува, туку се храни со сите ваши складирани и насобрани убавини. Се храни и се слади, претворајки ве во машина која од тој момент, па се до крајот на животот ќе биде негов робот. И ќе работи за него. “Тој“, ќе ве комада, “тој“ ќе ви кажува и што да гледате и како да мислите и како да живеете и да бидете постојано под негов надзор. Едноставно да ве претвори во марионети, контролирајки ги сите ваши движења, мисли и размисли, во насока на неговата музика и ритам.
Откако ги започнав овие тренинзи за пружање отпор на сопствениот ум, кој навистина не знам од кои причини “имаше потреба да се претвори во мојот најголем непријател, научив и да го вртам погледот на страна од она што не ми се допаѓа.
Не, не да потпикнувам под тепих, туку само да селектирам.
Ако веќе имам свој шпил карти, кој јас можам да ги мешам, да сечам и да делам, тогаш дај да го правам тоа како прав крупие.
Секако дека не може баш секоја партија, или секоја рука да ја добивам, ама друго е кога губиш партија со само-поделени карти.
Сакам да ви раскажам за една партија која ја загубив минатиот викенд.
А не изгледаше така. Мислев дека партијата ми е однапред добиена.
Има една локација во Скопје, во која сум вљубена.
Матка.
Мислам дека Матка е срцето на Скопје. Матката за мене е утробата на мојот град.
Го знам секое нејзино цветче, секоја пеперутка, секоја дива љубичица, која само што не почнала да никне. И ги знам нејзините капини, ореви, костени. Ги знам и орлите кои ги надлетуваат нејзините карпести врвови, кои како небесни чувари моќно ја опсервираат нејзината непроценлива убавина.
Баба ми и дедо ми имаа на времето соба во манастирот Св. Богородица, така што голем дел од моето детство секое лето го минував таму.
Оваа љубов со Матка трае цел живот. Многу добро се познаваме таа и јас. И цел живот се сакаме.
Имам чувство дека кога ќе ме наслушне дека и се приближувам и дека доаѓам да ја посетам, дека како раскошна убавица, уште толку ги отвара своите порти за мене.
Беше сабота и денот не личеше дека ќе биде сончево осветлен. Темни, сиви облаци надвиснуваа над Скопје. Но јас сепак отидов.
Само што стасав, се отвори небото. Пукна Сонце и осветли се.
Треска беше надојдена, како вистинска кралска буица, која пркосно се обидува да ги добие воздишките наспрам, големиот ривал, карпестите стрмнини, кои без прашање ве магепсуваат само што ќе ги погледнете.
Оваа трка за раскошна превласт, трае цел живот помеѓу овие две вонсериски убавици и убавини.
Светски се. Можат рамо до рамо да застанат во трка и во бој со најубавите места на планетата.
Е!!, арно ама…. Има нешто, нешто поради кое што ние македонците цел живот однапред ги губиме сите, исто така однапред добиени битки.
Чуден е овој парадокс. Ем однапред добиена, ем однапред изгубена битка.
Имаме се што ни треба, одлично добиени карти, супер шпил, со сите џокери.
Ама не знаеме само добро да ги измешаме картите. Гигубиме сите партии само на “пијани“ карти. Бидејки такви се правилата. Губиш партија, ако имаш дури и само една пијана карта.
И чудно како ние во сите партии имаме по една пијана карта.
Знаете нели што е пијана карта!? Тоа е онаа карта, која е случајно ќе се преврти наопаку и која при мешање ќе “зине“.
Е нам тоа постојано ни се случува.
Имаме на подарок од природата добиено светски, волшебен природен спектакл.
Таму има толку ретки автохтони растенија и пеперутки за кои светот ниту слушнал, ниту видел.
Но! Но има и исто толку ретко и автохтоно ѓубриште за кое светот исто така ниту слушнал, ниту видел.
Празни расфрлани кесички од смоки, празни конзерви од паштети, пластични шишиња од вода, потпикнати ќеси со ѓубре во некои од карпестите пукнатини и преполни канти со сите наши автохтони примитивни манири.
Колку и да се обидував да го вртам погледот и да ги практикувам сите совладани вештини, моето око да го гледа само убавото, не ми успеа.
Едноставно не ми успеа.
Ја губев секоја една партија од почеток до крај.
Мојот прекрасен шпил карти не само од 52, туку од 5052 карти сосе исто толку џокери, колку што Матка има убавини, беше преполн со пијани карти.
Сите партии, кои однапред требаше да бидат добиени, беа изгубени.
Жив срам ме јадеше од странците со кои се разминував. Молчев, само за да не ме прашаат нешто, за кое што ќе немав одговор.
На пример.
Добро кој ги меша вашите одлично поделени карти.
Имате еден од најубавите светски шпилови.
Зарем толку не знаете што да правите со нив.
Да толку не знаеме. Ќе требаше јас да им одговорамЗа Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: