Од болница директно на сцена: Поце на концертот на Меморија пееше со две лузни со конци – пред една недела имaше операција на слепо црево и хернија

Апостол Икономов Поце на вчерашниот концерт со ниеден гест не и даде до знаење на публиката, дека пред една недела имаше две операции- на слепо црево и хернија. Владеше суверено на сцената и пееше како во најдобрите денови. Вели, дека адрелинот бил толку голем што не ги чувствувал болките.  

-Минатиот четврток, вечерта после пробата, почнав да чувствувам болки во пределот на стомакот, имав  грозници и добив тмпература. И лани имав слични симптоми. Правев испитувања, но не утврдија дека е слепо црево. Веројатно беше акутна болка, па се смири. Утредента отидов во Државна болница со итен упат. Ги направив сите испитувања, но не можеа да ја утврдат дијагнозата. Вечерта повторно ги имав истите симптоми. Утредента ми зедоа крв. ЦРП-то ми беше 150 . Итно решија да ме оперираат. Ги замилив да ме пуштата на еден час дома. Им реков дека не се плашам за себе туку за жена ми која е инвалид и за децата. Не ме пуштија. Итно ме однесоа во операциона сала. Ми рекоа дека ќе ме оперираат од слепо црево и од хернија. Всушност не сакаа да ми кажат дека слепото црево веќе ми пукнало. Постоперативно ЦРП-то ми беше 264. Докторите знаат добро што значи таа бројка. Инсистирав да ме пуштат во среда, но докторите не прифатија. Им реков дека чувствувам дека сум добро и дека можам да пеам на концертот. Побарав да ми ги дадат сите можни „хемикалии“ да се чувствувам уште подобро. Не сакаа да ме пуштат. Се собра конзилиум на доктори и донесоа одлука сепак да ме пуштат, на мое инсистирање. Им реков дека го почитуваам нивното знаење, но мора да ми веруваат и мене дека се чувствувам добро – открива Поце и дополнува дека во средата директно од болница се упатил кон салата Борис Трајковски за да ја види сцената и да го почувствува мирисот.

- Ми забранија да пијам и  да скокам на сцената. Можеби и имав болки додека пеев, но не им обрнав внимание. Адреналинот беше многу голем. Живец сум по природа, скокам како Мик Џегер. Но, овојпат тоа не го правев. Беше навистина неизвесно. Ако имав компликации нема да можев да настапам. Но, се излезе добро. Денеска сум како исцеден лимун. Уморен сум , но за кратко ќе ја повратам енергијата. Конците на двете рани ќе ми ги вадат во петок. Имам уште една рана, таму каде што го ставија дренот. На докторот кој ме оперираше, Драган Хаџиманчев му реков „ Јас сум пациент и ти ќе ми се поклониш и ќе го примениш сето стручно познавање, а кога ќе дојдеш на концерт јас ќе ти се поклонам тебе и ќе ти го понудам најдоброто од мене “. Ми пиша ден пред концерт да ме праша како сум. Му благаодарам и нему и на др. Гоце Волчевски кој се погрижи за приемот и за анализите кои ги направив – вели Икономов.

С.А.Н

ФОТО: ВАНГЕЛ ТАНУРОВСКИ