Она што е удобно е и модерно: Јовица Крстевски за стилот, трендовите и Fashion Group

Добивај вести на Viber

Јовица Крстевски е бренд менаџер и дел од „Fashion Group“. Тоа е тимот чии продавници имаат производи на светски познати брендови кои се соодветно дизајнирани за секоја потреба.

Крстевски си ја препишува одговорноста како своја најјака страна, а модата како свој одраз на карактерот. За Женски Магазин, открива детали за своето секојдневие, како и за актуелните модни трендови.

* Кажете ни нешто повеќе за себе.

- Јас сум човек кој сака да биде опркужен со саканите личности. Сакам кога го поминувам времето на мојот велосипед, без разлика дали со слушалки на кои ги преслушувам омилените песни и албуми на омилените пејачи и бендови или во друшто на пријателите. Сакам да прочитам добра книга, често одам на кино, бидејќи како што ја сакам модата така ја сакам и седмата уметност. Последниве две години сум благо речено „опседнат“ со Нетфликс, па додека сум во исчекување на новите сезони од „The House of Haunting Hill” и „The Crown” секогаш репризно им се враќам на омилените „Friends”. 

* Мото кое Ве води низ животот.

- Што и да имате, што и да работите, што и да правите во животот, бидете среќни, но не престанувајте да работите повеќе за да имате повеќе. Притоа не заборавајте кој сте биле и како сте станале она што сте сега.

* Како поминува еден Ваш работен ден во „Fashion Group“?

- Секое утро ми започнува со дупло еспресо и размена на позитивни вибрации со колегите околу мене, кои со текот на годините ми станаа и вистински пријатели. 

Ја сакам својата работа бидејќи ми дава шанса да бидам подеднакво аналитичен и креативен, а тоа е балансот до успехот во оваа професија. Се случува наутро да работам анализи и извештаи за продажба, а веќе попладнето да подготвам некој креативен проект кој сакам да го пласирам во мојот бренд. Другата позитивна страна на мојата работа се патувањата. Како стрелец во хороскоп сум голем авантурист и отсекогаш сум сонувал мојата работа да биде поврзана со патувања. А кога патувањата се поврзани со големи модни шоу-а, светски презентации на најголемите брендови во европските метрополи, за мене работата која ја работам е вистински „dream job“.

* Зошто ја сакате модата, што претставува модата за Вас?

- За мене модата претставува рефлексија на мојот карактер и лична особина. Има нешто во „вистинскиот“ пар панталони или чевли кои Ви даваат самодоверба кога ги носите на себе, самодоверба која не сме ни знаеле дека ја поседуваме. Тоа е она што ме фасцинира во модата.

* Како би го дефинирале Вашиот стил на облекување?

- Навистина е тешко кога треба да се даде дефиниција за нештата. Моите дневни аутфити најчесто зависат од расположението во кое сум или од пригодата. Благодарен сум што немам формален дрес код на работното место, па можам буквално да го пренесам моето расположение преку начинот на облекување.

* Кои се Вашите „рол модели“ од светските познати личности кога станува збор за модата?

- Секогаш наоѓам инспирација во стиловите на Дејвид Бекам и Рајан Гослинг. 

* На што сте најмногу „слаби“ кога одите на шопинг?

- На чорапи од брендот „Happy Socks”. Без разлика колку пара имам дома, секогаш кога ќе видам нов модел или шара, просто сум „маѓепсан“ и сакам веднаш да ги поседувам во мојата колекција.

* Дали има некое парче од кое и по многу години не можете да се одделите?

- Моите „Yellow Boots“, или кај нас популарно наречени „тимберлендки“ се дефинитивно парчето од кое не можам да се одделам со години и ми е „must” дел од комбинирање аутфити од ноември до март.

* Што избирате да носите за оваа предпразнична и празнична еуфорија?

- Морам да кажам дека декември е мојот омилен месец во годината, можеби бидејќи сум роден во декември, па затоа она што го носам на себе овој период  сакам да ми биде удобно и пријатно. Предпразнично знам да искомбинирам џинс со плетени џемпери со Божиќни мотиви или да носам шалчиња со истите тие бидејки даваат некоја топла  и празнична атмосфера на сивилото и секојдневието кое не опкружува. 

* Кои се Вашите предлози за нашите читатели да изгледаат модерно и тренди во екот на празниците? 

- Живееме во години кога „cosy” начинот на облекување е вистински тренд во светот. Со други зборови она што е удобно е и модерно. Широки монт јакни, меки капути, „оversized” дуксери, ќебести шалчиња искомбинирани со добар пар чевли лесно може да биде моден погодок.

* Какви чевли се најисплатливи, а истовремено и во тренд сезонава?

„Хајкерси“-те се вистински тренд сезонава и кај момците и кај девојките. Не постои грешка при избор на добра „хајкер“ чевла во земјена боја која може многу лесно да ја комбинираат и за денско и за ноќно излегување.

* Што ќе им посакате за Нова Година на нашите читатели?

- Соновите се остваруваат само доколку верувате во нив.


Даница Караташова