Откажаа настап зашто имале гости, бараа соба за одмор: Билјана Крнческа за непрофесионалниот однос на фолк пејачите на „Иселенички фестивал“
Билјана Биба Крнческа триесетгодини ги следи естрадните случувања,посебно од фолк музиката. Присутна е на сите фолк фестивали во земјава. Вели дека квалитетот, и како музичка понуда и од технички и организационен аспект, е во постојано опаѓање.
- Тоа е парадоксално, зашто во деведесеттите години кога започна нивната експанзија очекувавме квалитетот со годините да расте, а не да опаѓа.Од лично искуство сметам дека фестивалите денес се прават од финансиски побуди, поради економски бенефити или од маркетиншки аспекти,а дека нивната главна суштина е занемарена. Нејзиното величество песната е деградирана, преку неа се манипулира, но исто така таа не е ни заштитена како наш производ. Но, тоа се веќе други, широки теми кои бараат да им се посветат надлежни институции и стручни лица. Генерално сметам дека главниот проблем на фестивалите е медиумската маргинализација, нивното одложно емитување во несоодветени телевизиски термини, немање ТВ простор за промоција, новитети. Немање слух од редакциите за специјални емисии, со кои би се ставил акцентот на фестивалските новитети и слично. Од друга страна пак нашата новинарска фела сѐ почесто се соочува со непринципиелност при соработката со одредени организатори на фестивалите и тоа силно умее да иритира, дури и да предизвика револт, па така се случува сѐ помалку новинари да ги следат фестивалските случувања – вели Крнческа.
Викендов на камената бина во Прилеп се одржа „Иселенички фестивал“, кој настана во 2017 година по иницијатива на нашиот успешен бизнисмен Ѓорѓија Џорџ Атанасовски и уметничкиот директор Ордан Ристески, наш иселеник во Германија. Крнчевска беше водителка на настанот.
- Ристески одлучи и годинава со свои сили да го возобнови овој фестивал, кој првично беше замислен да ги претстави иселениците пејачи од Македонија. Потоа вклучи и печалбарски теми, како основен мотив на фестивалот. Воглавно Прилепчани уживаа бесплатно во убавата македонска песна која се откинува од душата и при тоа имаше преубава спонтана атмосфера кога самите интерпретатори заиграа оро со публиката пред сцената – открива Биба.
Како водитилка на фестивалот била во постојан контакт со организаторот и имала можност да биде во тек со проблемите кои најчесто произлегуваат од несериозноста и непрофесионалноста на поедини естрадни лица.
- Го уценуваа организаторот на различни начини, да пеат по две песни или не доаѓаат да настапат. Кога ќе се обидев да појаснам дека правилатаважат за сите учесници, најавуваа бојкот. Моравме данаоѓаме алтернативни модули, после официјалниот дел, одредени учесници да отпеат уште една песна. Бараа простор за одмор и за пресоблекување пред фестивалот. Им беа обезбедени хотелски соби, дури и патни трошоци, иако ниту еден фестивал не им ги исплаќа. Имаше вечера за сите учесници во ресторанот „Македонска куќа“. И сето тоа одредени персони не го почитуваа и во последен момент ги откажаа настапите со глупави образложенија. Благица Павловска, која требаше да настапи во дует со Барбара Јаковлеска, а потоа и со Драган Драгаш, не дојде зашто ѝ дошле гости. Замислете го тоа оправдување од стар професионалец. Горан Ристевски не се појави зашто морал тетка му да ја пречека на аеродром, Лилјана Стоилкова во последен момент се налути зашто организаторот не ѝ пратил автомобил да ја земе од Скопје, а договорот беше да дојде до Прилеп и да ѝ се рефундираат трошоците. Гашо Тришоски последниот ден јави дека има некоја повреда и не може да настапи, Маријан Васкоски и Драган Драгаш не го испочитуваа организаторот ниту со образложение. Едноставно не се појавија. Бевме соочени со чиста импровизација и моравме одредени интерпретатори дополнително да вметнуваме. Во оваа прилика им се заблагодарувам за разбирањето на Кицо Стефановски, Софија Кочевска и Аце Петковски, кои во пет до дванаеесет допатуваа од Битола за да ни излезат во пресрет – открива Крнческа.
Сепак, меѓу изведувачите имало и вистински професионалци, како Перо Христов, Павле Кајмаковски, Зоран Ванев, Зоран Далчевски, Барбара Јаковлеска, Микеле, Петар Нечовски. Биба вели дека на ниеден начин не правеле опструкција, туку најкоректно во интерес на песната ја испочитувале публиката. За неа тие се вистински естрадни уметници.
С.А.Н