Пандемијата ја влоши и онака кревката положба на руралната жена

Две од три рурални жени не се активни на пазарот на трудот поради нивниот ангажман во домаќинството и грижата за децата и членовите на семејството. Според податоците за висината на семејните приходи, домаќинствата кои живеат од земјоделски приходи се на второ место по сиромаштија. Повеќе од половина од руралните жени немаат личен приход, во споредба со двојно повеќе мажи од руралните средини кои имаат личен приход.

Неплатен труд за жените во руралните средини

Мнозинството од руралните жени работат во неформалната економија, без редовни приходи. Тоа значи дека се ангажирани во земјоделските домаќинства на производство и преработка на храна, но не се регистрирани како земјоделки и затоа нивниот труд не е препознаен и платен.

Ова го покажува истражувањето за положбата на руралната жена и влијанието на пандемијата Ковид-19 врз родовата нееднаквост во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија и Северна Македонија, спроведено од Шведската организација за развој We Effect - регионална канцеларија за Европа. 

„Според истражувањето кое го направивме, платеното работно време на жените од руралните средини кои имале 40 часа платено работно време пред пандемијата, се намалило на 20 часа за време на пандемијата. Дополнително, многу малку жени, односно само една од дваесет рурални жени во земјата поседуваат земја,“ вели Анели Леина, регионалната директорка на We Effect за регионот Европа.

Разликата во руралните средини е што жените претежно се неплатени за трудот, за разлика од мажите кои работат во просек помалку од 10 часови на ден, но најголем дел од нив се платени.

Грижата за домот и семејството на товар на руралната жена

Недостатокот на услуги за поддршка на децата, повозрасните лица од семејството или лица со попреченост во руралните средини го префрла товарот на грижата врз грбот на жените, имајќи предвид дека жените се примарни даватели на грижа во семејствата.

Воедно руралните жени се соочуваат и со голем број додатни предизвици, вклучувајќи социјална исклученост, невработеност, дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните општествени норми, одземање на правото на поседување и наследување на земјоделско земјиште и имот, неостварување на правото на платено родителско отсуство, ограничен пристап до образование, особено неформално образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.

„Нашата цел е поместување на нерамнотежата на моќта која ги исклучува жените од руралните средини од општествено-економските можности. На жените од руралните средини мора да им се даде можност да ја контролираат својата иднина, да имаат глас и одлучувачка моќ во својата заедница. Нивните права треба да бидат загарантирани и заштитени,“ потенцира Анели, регионалната директорка на We Effect за регионот Европа.

Пандемија ја засили родовата нееднаквост

Пандемијата на Ковид-19 придонесе за уназадување на правата на жените и родовата еднаквост, вклучително и зголемување на родовото засновано насилство. Токму кампањата „Рурални жени лидерки“ која е во тек треба да ја подигне свеста за родова еднаквост во земјата и регионот, а препораките од истражувањето на We Effect да послужат како насоки за предлог мерки.

„Кампањите се значајни за поместување на родовите норми, но не се доволни доколку не се спроведат заедно со активности за обезбедување на услуги за жените кои претрпеле насилство и за подобрување на капацитетите на институциите соодветно да реагираат во случаи на родово засновано насилство, вклучително и во руралните средини. Оттука, сметам дека има уште многу да се направи, но не можам да не бидам оптимистка, гледајќи дека има позитивни промени и најважно, гледајќи дека се повеќе мажи се вклучуваат во борбата за родова еднаквост, што е суштински аспект за нејзино постигнување,“ порачува Анели, регионалната директорка на We Effect за регионот Европа.

Пандемијата на Ковид 19 ја нагласи потребата за силен систем за социјална и здравствена заштита. Конкретните мерки што треба да се преземат во однос на обезбедување на социјална заштита на жените вклучуваат социјална пензија, породилно/родителско отсуство за земјоделците, како и поддршка за жените од земјоделското домаќинство кои не се вработени преку признавање на нивната неплатена работа во семејствата до нивно формално вработување како земјоделки.