Патував под стрес и со ризик, но сакав да сум дома: Актерката Ана Костовска за Женски магазин за самоизолацијата

Добивај вести на Viber

Многу стресно било патувањето од Белград до Скопје за актерката Ана Костовска која во моментов се наоѓа во самоизолација во Скопје, во хотелот „Ибис“. Познатата актерка и пејачка за Женски магазин вели дека доаѓањето од Србија за неа било многу ризично особено поради стравот дали пријателот кој ја возел ќе стаса дома до почетокот на полицискиот час, но решила да тргне накај Скопје, затоа што ѝ недостасувало семејството.

„Се чувствувам безбедно и ништо не ми недостасува. И во Белград бев на безбедно и ништо не ми фалеше, но ме утепа желбата да си дојдам поблиску до Владимир, Емил, Драгана, Ирина, Андреа,бебето, Рози, Иван и сите мои знајни и незнајни во Скопје и во земјава. Секојдневно ме измачуваше дилемата дали да останам или да си дојдам, особено што од 15 март се укинаа сите превози“, ни раскажа Ана.





„Патувањето до Табановце беше ризично. Mе возеше пријател и колега, кој можеше да настрада заради мене, пред сè затоа што вози странски државјанин,а второ, беше прашање дали ќе успее да се врати додека не почне полицискиот час. На граница беше стресно, полицијата е строга и неумоллива, не ни кажуваа (веројатнои тие не знаеа) каде ќе нѐ носат и со нив нема многу муабет. Кога стасавме во центарот на Скопје во хотелот, и кога ја видов екипата која нè пречека, ми олесни“, додава актерката.


Костовска веднаш добила впечаток дека перосналот е организиран, подготвен и стручен.

„Сама сум во соба, ништо луксузно, но чисто и опремено со ТВ, интернет, средства за чистење, маски, гел, три оброци дневно (скромно, но доволно). Денес ми е четврти ден, уште десет, и не знам каква е процедурата понатаму, слушнав дека можеби и потоа ќе морам да бидам во изолација, но дома. Се разбира, тоа важи за оние кои нема да покажат симптоми, а секој ден ни се мери температура“, го раскажува актерката своето искуство од карантинот.

Штом ќе заврши опасноста од коронавирусот, Ана вели дека веројатно ќе биде, како за сите, така и за неа.

„Пред сè ке бидам дома, па ќе се пребројувам со финансии или ќе бројам ништо. Ќе правам што и сите, ќе се организирам во мозокот што понатаму и се разбира, ќе се молам секојдневно на Бога за здравје на моите и сите нас... Не знам. Кога ќе биде возможно ќе се гушкам со син ми и со моите. До тогаш, ќе се трудам да не го изгубам здравиот дух и здравот разум“, вели Костовска.

Нејзина прогноза е дека ќе се најде вакцина против КОВИД-19 . „Болеста ќе секне самата по себе како што и дојде“, смета Ана. Таа е најзагрижена како целата состојба ќе се одрази понатаму на социјално ниво и како планетата ќе функционира по ова.

„Неможам ни да замислам.. Сенешто слушам и не е на арно, но јас сепак верувам во човечката хуманост и довитливост..Над сѐ верувам во Бог и во природата“.

М.Џаровска