Пишувам со многу емоции и надеж за подобро утре: Александар Матовски – Цако
За сите
луѓе со љубов, од срцето на едно момче со Даунов синдром
Со оваа посвета почнува стихозбирката „Јас сум Цако“ од Александар Матовски – Цако, која ќе биде промовирана на 25 февруари (вторник), во 19 часот, во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Песните во книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ се нежни и едноставни. Ги ниже како бисери, за секоја драга личност по една. Запишани се онака како што ги доживува, како лирски слики. Од нив извира чиста емоција од некој кој животот го живее со полни гради и чие мото е: човек кога е со љубов, ќе постигне повеќе. Токму таа, љубовта, е централна тема во поезијата на Цако. Кон дедо му, семејството, неговиот идол Тоше, жените, природата, животот воопшто. Тие се парчиња од мозаикот што ја сочинуваат синтагмата „Јас сум Цако“. Неговата поезија, како и сѐ она што го прави тој, се вистинска инспирација за лицата со попреченост.
Александар Матовски – Цако (1991 г.) иако е роден со Даунов синдром, тој е вклучен во редовниот воспитно-образовен систем. Во 2019 година дипломираше на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на групата за предучилишно образование. Тој е член и на здруженијата Инклузивни решенија КРИК и „Трисомија 21“. Автор е на радиоемисијата „Јас сум Цако“, која веќе пет години еднаш месечно се емитува на интернет-радиото „Радио МОФ“. Тој е голем активист и борец за човекови права и правата на лицата со посебни потреби. Цако се има претставено со сопствена презентација на Светската конференција за лица со Даунов синдром во Обединетите нации. Поезија почнал да пишува на осумнаесетгодишна возраст. Поразговаравме со него по повод објавувањето на неговата книга „Јас сум Цако“.
*Кога и како се роди љубовта кон пишувањето поезија и дали таа досега била објавена?
– Желбата за поезија постоела, но никогаш не била објавена на ваков начин. Ја имало во некои мои интервјуа и слично. Инаку, таа се роди паралелно со мојата радиоемисија „Јас сум Цако“ во која ги читав и моите песни. Така се вљубив во поезијата.
* Како дојде до идеја да ги објавиш песните во стихозбирка?
– Соработката со тимот на издавачката куќа „Арс Ламина“ настана откако гостуваа во мојата емисија. И тогаш првпат почнаа преговорите за мојата книга поезија. Ми се допадна како излезе книгата, бидејќи е изработена со љубов. Тоа е и мојата инспирација да пишувам нови и нови песни.
*Кому се посветени песните во стихозбирката?
– Стиховите ги посветувам на сите оние коишто сакаат љубов.
*Кога почесто пишуваш, кога си среќен или кога си тажен?
– Не е важно каква емоција имаш. Само да е емоција. Така излегуваат моите најубави песни, кои се полни со емоција. Овие песни се пишувани навечер, со чаша вино.
*Која е пораката што сакаш да ја испратиш со своите песни во збирката „Јас сум Цако“?
– Како и во емисијата, така и во книгата „Јас сум Цако“ во песните се кријат емоциите и надежта за подобро утре.
*Ти си голема инспирација за лицата со попреченост. Што би им порачал во оваа прилика?
– Во моите песни се крие пораката за сите љубители на пишаниот збор. Пријатели мои, бидете живи, здрави, креативни и читајте книги.
*Какви книги најчесто читаш, и кој ти е омилен автор и поет?
– Читам поезија, драма и психолошки книги... Имам повеќе автори, кои ми се омилени, но би го издвоил Џорџ Орвел, како и поети од кои би го издвоил Александар Сергеевич Пушкин.