По 60 години-крштевка во црквата Свети Атанасиј во кичевско Козичино: Крстена е малата Илина

Ирена Стојкоска и Иве Стојкоски од Кичево се во брак 12 години и имаат две прекрасни ќеркички. 

Поголемата Ива Стојкоска има 7 години а помалата, е 9 месечната Илина Стојкоска.

Ирена и нејзиниот сопруг работат во приватна фирма во Кичево, а со нас споделија една интересна приказна.

Имено, тие нивната ќерка ја крстиле во црквата Св.Атанасиј Велики во село Козичино на 2 август, Илинден, која е главна селска црква, изградена во периодот од 1883-1885 година, а која е реновирана во 2020-2021 година.


Нивната приказна е вредна за споделување, бидејќи во гореспомнатата црква, не се случила крштевка повеќе од 60 години. Во кругот на црквата, пак интересно е тоа што се наоѓа дрво старо 500 години.



Желбата да ја направат крштевката на нивната ќерка Илина во село Козичино била на сопругот на Ирена, Иве кој потекнува од тоа село, од горното маало кое се викало Малезовци.

Селото се наоѓа 20 км од Кичево и е поделено на маалата Горно Козичино, Долно Козичино и Шилеговци, кои се доста одвоени едно од друго, поради што селото има разбиен тип. Најстаро и најголемо маало е Долно Козичино, кое е сместено покрај патот за Патец и каде се наоѓаат училиштето, црквата и гробиштата. Другите две маала се наоѓаат на левиот брег од Патејчка Река. Единствено во минатото селото можело да било поделено на Горно и Долно Маало.


Во селото Козично има 40 куќи и до пред неколку дена имаше само еден постојан жител кој за жал не е повеќе меѓу нас, а затоа и во црквата со години не се случил ваков убав настан“ , ни раскажа сопругот на Ирена, Иве додавајќи:

„Миграцијата си го направи своето, сите жители на селото се иселени претежно во Кичево, а голем дел и во соседна Србија, поточно Белград. Црквата функционира само за поголеми верски празници, а ние се решивме на овој потег и за другите млади кои имаат корени од ова село да направат ваков чекор за да ја вратат живоста и радоста на црквата и светецот Свети Атанасиј. 


Нашата ќерка ја крштеваше отец Ристе Камбуроски, а кума ѝ е Бјанка Кузманоска.“ , ни раскажаа семејството Стојкоски.

Ирена, меѓу другото е мајка и на малата Ива Стојкоска, девојчето кое го воодушеви Балканот на само две годинки со својата изведба на песната „Мотори“ на добро познатата група „Дивље јагоде“.


„Ива е доста темпераментна. Дружељубива е, и одлична ученичка. Најмногу ја влече музиката“-ни откри мајката Ирена.



Ирена Ставрова