По три години работејќи на морски крузер судбината ги спои: Љубовната приказна на Олга од Молдавија и Дејан од Скопје

Работата на морски крузери ги споила Олга Селивон од Молдавија и Дејан од Скопје. Се запознале работејќи на бродот „Карневал Спирит“ во 2005, а денес животот со три дечиња го градат во Скопје.

Молдавката која по професија е наставничка по руски и англиски јазик, никогаш не сонувала дека судбината ќе ја донесе во Македонија, но затоа сега ужива во македонската храна и пријатели. Олга, покрај тоа што е дружељубива е и креативна. Таа создава едукативни кукли за деца, сликовници но и игри кои имаат цел за развивање на моториката кај прстите на децата, помагаат да развиваат основни поими за предшколска година . За Женски магазин, Олга искрено зборува за нејзиното запознавање со сопругот, патешествието кое ја донело да живее во Македонија а ни открива и детали и за нејзиното занимање и како настанале куклите Матрјошка .

*Како дојдовте да живеете во Македонија – раскажете ни го вашето патешествие и како се запознавте со вашиот сопруг Дејан?

- Јас работев на туристички бродови и таму се запознав со мојот сопруг. Во 2010 година прв пат бев во посета во Македонија. За Македонија знаев само за времето на Александар Македонски и ништо друго. Сопругот мој секогаш сакаше да живееме во Македонија.

*Раскажувате дека сте се вљубиле на морски крузер – како всушност почна вашата љубовна приказна, правевте ли свадбена веселба?

-Прв пат се запознавме во 2005 година, работејќи на бродот "Карневал Спирит", тоа беше мој прв договор, а негов втор. Тогаш само работевме заедно, тој изгледаше толку млад, а јас помислив дека сум постара од него. Но, после три години повторно се сретнавме на еден од бродовите. Кога го видов сфатив дека тој станал маж (веќе не беше истото момче, кое е всушност 3 години постаро од мене). Една вечер после работа, седевме и разговаравме за претходниот брод каде работевме заедно , за нашите познати луѓе и пријатели, историја на нашите држави, така и се роди нашата љубовна приказна, од која после 3 години се создаде и нашата фамилија а ја добивме и првата ќерка. Свадбената веселба беше скромна, без тапани и ора, но тоа не му пречеше на нашиот брак и љубов.

*Дали сонувавте дека еден ден можеби ќе живеете во Македонија, како те прифатија најблиските, пријателите на твојот сопруг ?

-Секако не, но мојата мајка имаше претчувство дека јас нема да бидам блиску до нејзе и често ми го кажуваше тоа. Може затоа моето прилагодување во Македонија беше лесно, сите ме прифатија убаво, другарите на мојот сопруг станаа и мои другари.


-Колку дечиња имате, колкави се , дали ти беше тешко да научиш македонски јазик?

Јас и Дејан сме горди родители на три деца, две ќерки и најмалиот син , тие се 9, 7, и 5 години. 

Македонски јазик научив самостојно (затоа уште правам грешки) за 6 месеци, маж ми ме остави тука сама со свекрва, која збори само македонски а тој се врати на брод за уште еден договор. На почеток се разбиравме со мимики и гестови, а после заедно гледавме турска серија „Величествениот“ и така научив повеќе македонски.

*Со што се занимавате – како почна вашата приказна со брендот – Матрјошка , од каде потекнува идејата и името ?

Идејата да почнам со креации ми дојде уште во времето на првата бременост, креирав за мојата ќерка, се занимавав со плетење, шиење алишта и играчки. Во време на втората бременост ми дојде и името на мојот бренд - Матрјошка. Матрјошка - ова е руски збор, што значи ташинка, дрвени куклички, што се складираат една во друга, така се и моите идеи, различни техники и руски дух се складираат во мојот бренд. Пробав многу различни техники во креативен свет и застанав на шиење едукативни играчки и кукли за деца, во ова мојата креативност е бескрајна.

*Која е целта на Матрјошка куклите – раскажете ни повеќе детали за едукацијата која ја имаат

- Освен куклите јас креирам и меки сликовници од филц, тие имаат цел да развиваат фина моторика на прстите, помагаат да се развиваат основни поими за предшколска година, а тоа се форми, бои,  каузални врски,  говорот и имагинација. Сликовниците се разликуваат по години: за новороденче ( до година ипол), од 0 до 3, од 1 до 6 години. Имам не само сликовници, но и посебни игри, како магнетен риболов, меморија, танграм (игра со форми), баранка, во која пребаруваш ориз за да најдеш копче.

*Од каде црпите инспирација, што ве инспирира и мотивира?

Прво кај барам инспирација е на интернет, а тоа е Pinterest, влогови на креативни луѓе,  разгледувам списанија, Mollie Makes, Papercraft Inspiration, Burda, кои ги купувам во продавници, шетам по продавници за играчки и декор, таму највеќе барам трендови и бои на сезоната. Прошетка во природата и патувања исто ме инспирираат. Исто така кога го менувам моето основно занимавање (шиење) на други видови на творештво, учам нови техники или одам на некоја обука, ми дава мотивација и куп нови идеи. Само немам доста време за сите мои идеи.


*Како ви се допаѓа Македонија, лесно ли се навикнавте да живеете овде?

-Веднаш се почувствував тука како дома. Меѓу Молдавија и Македонија нема голема разлика, само малку што е потопло во Македонија и има планини. Шетање по планини беше нешто ново за мене и многу ми се допаѓа, но за жал не можам да одвојам многу време за тоа.

*Што мислите за Македонците, што ви се допаѓа најмногу, како ви се допаѓа храната и културата, дали ги следите традициите и обичаите?

-Прво што забележав кај мојот сопруг, а потоа и во други Македонци е тоа, што ги почитуваат жените, ја сакаат својата татковина и многу пијат кафе. Многу сакаат да седат по кафеани и многу се опуштени, не брзаат со работа. И јас се прилагодив во средината. Храната е слична, има само некои јадења, што ми фалатод мојата татковина. И во културтаа не осетив голема разлика, религијата  е иста. Религиозните празници и традиции се скоро слични.


*Што е она што ви недостасува од вашата земја, а го нема во Македонија?

-Некои јадења ми недостасуваат, ама навикнав и без нив. Ме фалаат моите роднини, што е нормално.

*Дали сакате да патувате, сте посетиле ли повеќе градови од Македонија?

-Да, сакам да патувам, но ако немам можност, не се запнувам многу, имав голем период во мојот живот , кога константно патував. А во Македонија уште има многу места кај не сум била, но имам планови да ги посетам. 


Ирена Ставрова