Повик за сите креативни студенти: Натпревар за графички дизајн на лого

Добивај вести на Viber

Централен регистар на Република Македонија распишува

ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА НАТПРЕВАР ЛОГО-ТОН ЗА ИЗБОР НА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА ГРАФИЧКИ ДИЗАЈН НА ЗАШТИТЕН ЗНАК – ЛОГО на зададена тема

Целта на еднодневното дружење е Централен регистар да собере на едно место иновативни, креативни и амбициозни млади луѓе кои ќе ги дадат своите идеи за изработка на графички дизајн на лого.

Конкретната тема и параметрите кои треба да ги вклучуваат предлог – идејните решенија, ќе бидат презентирани на денот на одржувањето на натпреварот – 15.10.2018 година, во просториите на Народна Банка на РМ.

Услови за пријавување на конкурсот:

1. Право на пријавување имаат сите студенти кои студираат студиски програми – графички дизајн или сродна област на факултетите од акредитираните високообразовни институции во Република Македонија, да се државјани на Република Македонија, а не се во редовен работен однос.

2. Пријавувањето на учесниците е тимско – Секој пријавен тим може да брои од 3- 5 студенти, предводени од ментор (доцент, вонреден или редовен професор од соодветниот факултет), а еден ментор може да предводи најмногу 2 тима.

3. Пријавените тимови треба да работат на сопствени ресурси (лап - топ или други ресурси со инсталирани соодветни апликации за изработка на дизајнот), интернет ќе биде обезбеден во просторијата каде што ќе се одржува натпреварот.

4. Сите заинтересирани тимови своето учество го пријавуваат на маил адреса marketing@crm.org.mk најдоцна до 08.10.2018, со приложени во скенирана форма следниве прилози –

  • податоци за учесниците на тимот и менторот (контакт меил и телефонски број)
  • податоци за факултетот
  • приложена потврда за редовни студенти
  • приложена копија од одлука за избор во звање (за менторот)

5. Заштитниот знак (логото) да биде изработен во векторски формат во: EPS, CDR (Corel Draw) и/или Al (Adobe iliustrator) фајл формат.

6. Заштитниот знак (логото) да биде изработен во битмапирана форма во: GIF, JPG, TIF, и/или PNG фајл формат.

7. Сите идејни решенија како конечни логоа, понудени од страна на пријавените тимови ќе бидат презентирани на ЛОГО-ТОНОТ.

8. Работното тело на Централниот регистар за организација на ЦРФ 2019, избира победник - идејно решение,  со најмногу бодови при бодување согласно критериумите за исполнување на условите, утврдени во методологија за определување на победник односно избор на победничко лого од натпреварот.

9. По завршувањето на ЛОГО-ТОНОТ избраниот подносител на идејно решение ќе се извести и истиот ќе се обврзе во рок од 3 (три) дена да достави изјава заверена на нотар за гаранција за оригиналност на идејното решение.

10. Доколку избраниот подносител на идејно решение од било која причина се откаже, за избран ќе се смета следниот, односно второ рангираниот учесник.

11. Работното тело го задржува правото да не избере ниту едно од поднесените идејни решенија.

12. Тимот чие Идејно решение – конечна верзија на лого ќе победи, Централниот регистар на Република Македонија ќе го награди со парична награда од 30.000,00 денари, која свечено ќе биде доделена на одбележувањето на годишнината на институцијата, на која ќе бидат презентирани и идејните решенија на останатите учесници на натпреварот.

13. Авторските права ќе се уредат на начин што ќе се склучи договор за отстапување на правото на трајно и неограничено користење на авторското дело од страна на Централен регистар на Република Македонија.