Пред огледало со Дина Муцунска: Кармин почнав да употребувам пред 4 години и уживам во женственоста која ја дава

Добивај вести на Viber

Дафинка Дина Муцунска веќе 18 години е главен менаџер на Хотел Манастир Берово. Таа е дама која покрај домашните, бизнис обврските и љубовта кон спортот, наоѓа време и да подготви ручек за своите две деца, за синот (21) и за ќерката (15). Неодамна Муцунска доби и награда од новинарите од истокот за Најдобар менаџер за 2021.

Покрај љубовта кон туризмот, угостителството и менаџментот, како што ни откри, таа секогаш наоѓа време за тренинг. А за тоа е доказ и нејзиното тело на кое многу помлади девојки можат да ѝ позавидат. Исто така, Дина истакна дека покрај редовна физичка активност, за здраво и убаво тело треба да се внимава и на исхраната.

Муцунска е и претседател на Планинско Спортски Клуб  „Малешевска Корија“ Берово, а во оваа прилика за Женски магазин ги сподели своите ритуали за убавина.

Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Мојот дневен козметички ритуал вклучува средства за чистење, подобрување и потхранување на кожата на лицето и телото, задолжителени масла, лосиони, млека, креми, серуми... за косата, освен дневно чешлање и уредување, сама не правам ништо друго (се смее), а за ноктите редовно посетувам маникир и педикир. 

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Лицето го чистам со мицеларна вода, наутро и навечер секако, но и доколку ми е потребно и повеќе пати во денот. Имам многу сува и пречувствителна кожа, па секогаш по чистењето нанесувам масла за добро потхранување. Во моментот користам масло од органска роза или органско арганово масло, правам интензивна кратка масажа за да поттикнам циркулација, но и воедно за побрзо апсорбирање на маслото, по што ја нанесувам Бекутан детската крема на Алкалоид, која ми дава и додатни маснотии, но и потребната вода за хидратација. Со оваа крема пораснав и јас и моите деца и сум ѝ верна до денес и покрај тоа што искрено понекогаш се обидувам да ја заменам со специјализирани креми на светските познати брендови на одредени периоди, секогаш ѝ се враќам со радост, а и со особена гордост дека си е наша - македонска. По неа следи и крема за заштита од сонце со фактор 50, кој поради пречувствителноста на кожата го користам 12 месеци во годината. 

Посетувате ли козметички салони?

- Козметички салон посетувам само за маникир и педикир и тоа повеќе од 10 години сум редовна со воспоставена динамика на однапред закажани термини и до 4 месеци, во Енерги студио во Аеродром, од чија грижа за моите дланки и стапала сум многу задоволна. 

Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- За нега на косата освен чешел, сама ништо не употребувам (се смее)... ова дури не е ни шега (се смее)... Посетувам еден ист фризерски салон од раѓање до денес - Фризер Скопје, кој е со традиција посетуван од моето семејство, каде додека бев мала за мојата коса се грижеше тетка Маре, а подоцна од кога ѝ порасна синот Јованче, а сега веќе со години и неговата сопруга Марина - се грижат за мојата коса и тоа од хигиена, до нега, уредување и средување, зависно од потребите. Ги посетувам неколку пати во неделата, а од нивната услуга сум презадоволна и кај нив се чувсвувам како дома. Кога сум на пат, секогаш наоѓам фризерски салон во местото каде што одам, бидејќи сама ни шампон немам (се смее) се шалам, но и не (се смее), секако се работи за навика.

Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Можеби има потреба да прикривам нешто, но не сум свесна или пак не обрнувам доволно внимание. Не користам многу шминка, пудра на пример само во одредени и не чести пригоди. 

Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Веќе повеќе од 20 години користам водоотпорна маскара, тоа е ете поспецифично за мене, бидејќи сакам да ја имам, а немам време за секој ден да ја нанесувам, па бидејќи е водоотпорна може и да се мие лицето со неа, и да се плива, па дури и да се плаче, по потреба (се смее). Кармин почнав да употребувам пред 4 години и уживам во женственоста која ја дава и покрај тоа што најчесто сум без ништо или со лабело во боја кое ми се секојдневие. Сенките во последно време ми станаа интересни, но секако само за пригоди и во некоја дискретна варијанта. Инаку како што спомнав претходно без средство за чистење на кожата и без масло и крема за лице, без млеко за тело и крема за дланки и стапала... „нема живот“ за мене (се смее). 

Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Ако зборуваме за насесер за „на пат“ се од погоре спомнатото мора да е на број, а доколку е за дневно циркулирање, веројатно кармин за евентуална корекција или лабело, хигиенски стапчиња за очите бидејќи ми се фотосензитивни и често знаат да ми просолзат и хартиени и влажни марамчиња. 

Омилен парфем?

- Јас сум „J'adore Dior“, јас сум „Narciso Rodriguez for Her pink“, јас сум „Guerlain La Petite Robe Noire“, јас сум „Chloe“....зависно од расположение и момент, но и јас сум само млеко за тело со мирис на кокос.

Како ја одржувате линијата?

- Од мала сум во различни спортови бидејќи уживам во спорт, рекреација и активен одмор, така да тоа е одговор за мојот физички изглед, но и воедно уште поважен е придонесот на истото за моето физичко и ментално здравје. Кога зборуваме за естетика на тело, на сите треба им е јасно  дека најдобри резултати, односно максимум од едно тело, единствено може да се постигне само со индивидуален личен пристап со помош на фитнес вежби. Самата сум тренер, а со фитнесот како моја пасија почнав од 14 годишна возраст, па со многу учење и применување на наученото, го имам постигнато ова кое сум - одржувам линија, форма и релјеф постојано во континуитет скоро 30 години, а попатно и со две бремености, многу семејни, бизнис и граѓански сектор обврски, а и како тренер сум помогнала на многу луѓе во постигнување на нивните цели во однос на естетиката на тело, рехабилитација на физички предизвици, а и пред се‘ воведување и практикување на здрави животни навики, на еден начин им помагам на луѓето да создадаат нов, поубав и здрав живот за себе, со многу поголема самодоверба и уживање во сопственото тело и дух. Така да за секој кој сака резултати силно препорачувам работа со вистински професионален тренер, кои бележи сериозни резултати, бидејќи денес „тренери“ ги има колку сакате... 


Наталија Миланова

Фото: приватна архива