ПРЕД ОГЛЕДАЛО СО ЕЛЕНА СТЕФАНОВСКА: Правам домашни маски за коса
Од денеска, „Женски магазин“ ја стартува рубриката „Пред огледало“. Наши познати дами зборуваат за односот кон сопственото тело и споделуваат трикови и тајни за убавина. Нашиот прв избор е водителката Елена Стефановска
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Секој ден ја чистам кожата на лицето. Кога ќе станам наутро задолжително го мијам лицето со ладна вода. Веднаш потоа го нанесувам серумот за лице со кремата за околу очи. На крај, дневна хидратантна крема која убаво ја нанесувам и на вратот. Сакам природен изглед со лесна шминка, не сакам многу бои на моето лице кога немам снимања. Никако и никогаш не легнувам со шминка. Сигурна сум дека тоа е тајната на добриот младешки изглед, чиста и негувана кожа, макар и во домашни услови. Затоа девојки мои, основната хигиена е најважна. Јас тој однос кон мојата кожа си го имам од кога знам за себе.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Серум за лице, крема за околу очи, дневна и ноќна крема.
* Посетувате ли козметички салони?
- Имам огромен број обврски во текот на работниот ден, си ја сакам многу работата, меѓутоа знае да ја измори мојата кожа на која после тоа ѝ е неопходна нега од професионалци. Редовно одам во мојата куќа на убавина „Силуете“ кои веднаш ме враќаат во форма со третмани на лице за освежување и потхранување. Најомилен дел ми е масажа на лице. Редовни третмани на тело, од масажа, пилинзи до уредни нокти на раце и нозе.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Мојата руса бојадисана коса искрено си бара многу внимание. Имам впечаток дека никогаш не може да биде потполно здрава колку и да и удоволувам. Поради природата на работата често сум гостинка во фризерските салони, па оставам на нив да ми направат третман на коса. Најчесто ми ставаат ботокс за регенерација на косата. Во домашни услови мешам 3 видови на масла, маслиново, ореово и бадемово. Оваа маска ја оставам најмалку еден час, а пожелно е и да се преспие за да ја нахрани косата. Им советувам на сите што имаат проблем со сува и оштетена коса да си најдат време за нега на својата коса со оваа комбинација на масла.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Кога сум на емисија сакам нагласена шминка, приватно сакам поприродна шминка. Зависи од пригодата, понекогаш сакам да ги истакнам очите со smokey eyes look, понекогаш сакам да ја истакнам устата со црвен кармин. За среќна немам што да прикривам.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Го сакам ноќниот серум за лице, за регенерација на кожата, бидејќи кога ќе се разбудам наутро мојата кожа е мека, нежна и нахранета. Серумот за лице, ако го немам во моментов исто како да не сум се напила чаша вода. Парфемот секогаш е мој омилен производ, а тука е и термалната вода на La Roche. Пилинг и маска за лице. Млекото за тело, секојдневно го употребувам.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Коректор, маскара, течен кармин и сјај за усни.
* Омилен парфем?
- Armani Si. Го сакам во комбинација со гелот за туширање и млеко за тело од истата линија, Armani Si.
* Како ја одржувате линијата?
- Од кога знам за себе се занимавам со спорт, некогаш повеќе, некогаш помалку. Не бројам никогаш калории, ама внимавам околу тоа што јадам. Здрави оброци во текот на денот, за доручек преферирам овесни снегулки, малку овошје, до 14 часот. За ручек месо, риба, зеленчук, за вечера некоја шарена салата. Добриот сон исто така ми влијае на линијата, па се трудам доволно да се наспијам. А голема заслуга за одржување на мојата линија има мојот личен тренер Бранко. Три пати неделно одам во теретана.
Милица Џаровска